fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

30 студенти од земјоделски, ветеринарни и шумарски факултети ќе добијат стипендија од 18.000 денари

Ќе се доделат 30 стипендии, а месечниот износ ќе биде во висина од 18.000 денари - прецизираат од МОН.

Владата донесе одлука за стипендирање на студентите на јавните и приватните факултети кои студираат на програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Од Министерството за образование и наука за Факултети.мк изјавија дека вкупно 30 студенти ќе добијат стипендија во износ од 18.000 денари.

– За стипендија ќе можат да аплицираат сите студенти од втора и од повисоките години на додипломски студии (со оглед на тоа што еден од условите ќе биде просечниот успех од вкупното академско образование до пред аплицирањето), од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата. Ќе се доделат 30 стипендии, а месечниот износ ќе биде во висина од 18.000 денари – прецизираат од МОН.

Од Влада соопштија дека воведувањето на новите стипендии ќе се реализира во рамките на предвидените буџетски средства на Министерството за образование и наука, кое деновиве ќе го распише и конкурсот за посочените стипендии, за академската 2022/23 година.

– Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2022 година, на предлог на Министерството за образование и наука, а во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со предложените измени се воведуваат нови мотивирачки стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки – истакнаа од Влада.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close