Федерација на фармери: Да се зачува земјоделското земјиште, голем процент пренаменет во градежно

(Oвој напис е објавен на: June 3, 2019)

Во Националната федерација на фармери според  евиденцијата која ја води околу 150 фармери во изминатите три година изразиле жалење и побарале помош за легализација на објекти на земјоделско земјиште, каде што се уште се отворени постапки и тие процеси не се решени.

На седница на Владата неделава беше усвоен Предлог закон за измени на Законот за земјоделско земјиште, со којшто, меѓу останатото, се продолжува рокот за легализација до крајот на јули следната година, што беше едно од барањата на Федерацијата на фармери.

Од федерацијата на фармери денеска соопштија дека Законот за земјоделско земјиште е посебно значаен за развојот на земјоделството и треба да се насочи кон зачувување на земјоделското земјиште, бидејќи во последните години голем процент на земјоделско плодно земјиште е пренаменето во градежно земјиште.

– Една од причините зошто е направена пренамената е затоа што почнаа да се градат индустриски зони пред неколку години и тоа во рурални средини, што реално и не вродија со голем плод и во делот на вработувањето и во делот на давање на живот на руралните средини и посебно во делот намалување на миграцијата. Легализација е управна постапка која се спроведува и согласно Закон за земјоделско земјиште за легализација или потврдување на помошен објект, оранжерии и објекти за примарна обработка на земјоделски производи кои се бесправно изградени на земјоделско земјиште. За жал рокот за поднесување на барање за потврдување на помошен објект, оранжерии и објекти за примарна обработка на земјоделски производи беше продолжен само еднаш и тоа последен пат во 2014 година. Имајќи во предвид дека согласно податоци од терен дури 10 проценти од регистрирани земјоделци не биле навремено информирани и го испуштиле рокот и немаат поднесно барање, се согледува реаланата потреба за имени и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, се вели во соопштението.

Другата последица од неподнесени барања за легализација на земјоделско земјиште која исто така е загрижувачка, како што наведуваат, е тоа што земјоделците поради истекот на рокот за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште го пренаменуваат земјиштето во градежно за да можат да ги легализираат своите помошни објекти согласно Законот за постапување на бесправно изградени објекти.

Од Федерацијата на фармери ги поздравуваат законските измени со кои се овозможува на земјоделското земјиште да се градат објекти за промоција и продажба на земјоделски производи преку рурален туризам, како и измените со кои се овозможува и пчеларите да аплицираат за земјоделско земјиште за поставување на своите пчелни семејства.

Национална федерација на фармери смета дека на измените на Законот за земјоделско земјиште треба да им претходи правна анализа за да не се во колизија со други закони.


 

mms.mk