fbpx
Вести

Годинава јадеме домашно „гравче-тавче“ со увозен грав

Пазарџиите велат дека граѓаните повеќе се интересираат за цената отколку за потеклото. На пазарите поголемиот дел од гравот што го продаваат на тезгите е тетовски, мал дел е кочански, а останатиот е од увоз. Додека пак, во маркетите речиси и да нема тетовски грав, на декларациите на пакуваниот грав стои земја на потекло Турција, Египет и Киргистан.

godinava jademe domashno gravche tavche so uvozen grav

 

Најголем дел од гравот кој се продава во маркетите и на зелените пазари во Македонија е увозен од Турција, Египет и Киргистан. Во маркетите јасно може да видите на декларациите од каде е потеклото на гравот, а на зелените пазари ситуацијата е малку поинаква. Сите велат дека нивниот грав е тетовски, а тој што го продаваат на другите тезги е увозен. Затоа е малку потешко да го одредите потеклото, бидејќи гравот се продава во вреќи на кои ништо не може да се види, а неговата цена се движи од 120 до 180 денари за килограм.

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека во земјава годишно се сади грав на 8.000 хектари, а просечно по хектар се добиваат 2 тони. Тоа значи дека годишното производство на грав изнесува 16.000 тони.

Статистиката, пак покажува дека само во Тетовско годишно е садат по 5.000 хектари, а се произведуваат по 7.000 до 9.000 тони.

Во другите региони во Македонија гравот е помалку застапен како земјоделска култура, причина за тоа од една страна се понеповолните услови за производство на гравот, а од друга страна традицијата и купувачите кои најмногу го бараат тетовскиот грав.

-Ние садиме грав за задоволување на домашните потреби. И покрај тоа што гравот е добар, квалитетен и успева, сепак ова поднебје според традицијата е ориентирано кон производство на градинарски култури, вели претседателот на Регионалниот центар на Сојузот на земјоделци од Струмица, Ване Митев.

Дел од домашното производство на грав се продава, а дел оди за извоз, најчесто на пазарите во Косово, Србија, Грција, Албанија и во други држави. Земјоделците потврдуваат дека тетовскиот грав е поквалитетен затоа се продава по повисока цена, а увозниот е со послаб квалитет, потешко се вари и не е толку вкусен.

-Тетовскиот грав го карактеризира калибража од 9 до 12 милиметри на зрното, кое има отворена бела боја и мал процент лушпа, која не се двои од зрното, а многу бргу се вари. За разлика од ова, увозниот грав е поголем, има сива или жолта нијанса на зрното, тешко се вари, со послаб квалитет е и најчесто по подолго варење лушпата се двои од зрното, велат земјоделците.

Пазарџиите велат дека граѓаните повеќе се интересираат за цената отколку за потеклото. На пазарите поголемиот дел од гравот што го продаваат на тезгите е тетовски, мал дел е кочански, а останатиот е од увоз. Покрај белиот тетовски грав може да се сретнат и други сорти, црвен и црн грав, чии зрна се покрупни и кои обично се користат за салати. Нивната цена е нешто повисока бидејќи се декларираат како здрава храна и се продаваат од 200 до 300 денари за килограм.

Продавачите во маркетите велат дека секој производ има декларација на која мора да стои земјата на потекло. Според нив, увозниот грав е соодветно деклариран само што купувачите не ги читаат декларациите на пакувањата. Кога купуваат, тие можат да видат на декларацијата дали се работи за увозен или за домашен грав.

Една купувачка на пазар вели дека повеќе не им верува на продавачите кога купува грав, бидејќи и се случува еднаш да купи грав кој брзо се вари и е вкусен, а друг пат да купи од истиот продавач, но гравот да биде поинаков.

Друга купувачка вели дека гравот најчесто го купува од познати за кои знае дека потекнуваат од тетовскиот крај и одгледуваат “тетовско гравче”.

Факт е дека тетовскиот крај има идеални услови за производство на еколошки здрави земјоделски производи во кои спаѓа и гравот, кој е еден од најбараните производи од Македонија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close