Фирдес Ахмет-Тутунот е мачен, од него јадеме леб и затоа бараме повисока цена
Имам производство од прва класа и тоа повеќе од 100 килограми, имам и втора класа. Ланската година беше лоша за нас тутунарите, не го земаа тутунот, а годинава сум задоволна, вели нашата земјоделка.
Фирдес Ахмет(47) е самохрана мајка која што го прехранува семејството само од производство на тутун. Судбината пред две децении ја одвела во карбинското село Радање, како невеста од штипското село Селце. Пред десет години, останала сама со трите деца на кои сега им е и мајка и татко. Деверот и золвата заминале во странство, а таа секој ден, сите овие години води битка за егзистенција надевајќи се дека ќе им обезбеди достоен живот и подобра иднина на своите три деца – две девојчиња и најмалото машко, на 11 години. Скромна и вредна, пред се храбра, нашата тутунарка вели – Ги израснав децата од тутун. Кој не работел не знае.
Фирдес порано работела во фабрика, но ја напуштила работата и станала жена – земјоделец. Сама сади тутун на 7 декари и од последната берба е задоволна, затоа планира догодина да посади уште два декари плус.
-Мачно е да станеш во два – три часот наутро, ама таков ни е животот со години. Сега барем се сади машински, а порано садевме со рака и нижевме на игла, но сега само копаме и береме рачно. Од тутунот живееме ние четворицата и со дедото пет души, вели таа.
Нашата тутунарка Фирдес е посебно горда на квалитетот на тутунот од последната реколта. Задоволна е и од проценката на нејзиното „жолто злато“. Тоа ќе значи и поголем приход за ова земјоделско семејство кое чека само на тутунот.
-Имам производство од прва класа и тоа повеќе од 100 килограми, имам и втора класа. Ланската година беше лоша за нас тутунарите. Не го земаа тутунот, а годинава сум задоволна. Прва класа ми ја платија по 280 денари од килограм, втора по 200 денари, а за трета класа по 150 денари по килограм. Има и нова класа која се плаќа по 85 денари, но тоа е тутун што е ептен скапан, што не вреди, вели нашата тутунарка.
Ахмедови, обработуваат сопствена земја, имаат и трактор, но тој е стар и сонуваат за нов, за побрзо да ги обработуваат нивите со тутун. Досега немаат земено земја под закуп, но затоа аплицирале за нов трактор. Сепак не го добиле. Барањето било на име на нејзиниот свекор, тракторист во поранешниот Земјоделскиот комбинат, сега во пензија. Фирдес пак, одамна вози трактор и долго време сама со него ги ора семејните ниви.
-Бидејќи земјата не е на мое име, јас не можам да поднесам барање за нов трактор на понудените програми, а има жени во селото кои зедоа трактори. Поголема е веројатноста жените да добијат трактори, смета Фирдес.
На нива ги носи и нејзината деца за помош. Иако не сака да ги оптоварува со тешка земјоделска работа, сепак со емоции вели дека тутунот е нивниот живот, зашто нема друго од што да егзистираат.
-Мораме да работиме тутун, од каде од друго место да заработиме. Некои чуваат стока, државата дава пари и за стоката, но јас не можам сама да чувам стока, вели Фирдес.
Според неа тутунопроизводството е подобро платено од порано и затоа нема да се откаже од тутунот се додека не ги исправи децата на добар пат, да ги образува и да ги направи домаќини еден ден. Задоволна е и од субвенциите во ова гранка.
-Навремето пред 15-20 години, по 60 денари го откупуваа тутунот, а сега ти даваат субвенции за прва класа-80, за втора-70, а за трета 60 денари. Јас сум задоволна од тутунот, истакна таа.
Нашата тутунарка смета дека жените во земјоделството треба да ги искористат можностите од земјоделските програми за развој и нови инвестиции на земјоделски стопанства чии носители се токму тие. Но, смета и дека треба да бидат опфатени и дополнителни мерки за поголема помош и поддршка на жените како нејзе, оти сами ги водат стопанствата.
-Државата треба повеќе да мисли за жените во земјоделството. Како во делот за субвенции за набавка на механизација, така и во делот на поголема едукација. За да работиш треба да имаш услови, вели Фирдес.
Посочува дека во селата во општина Карбинци има многу вредни жени. Лани поради лошата тутунарска година многу семејства кренале раце од тутунот, а жените отишле да работат по конфекции. Сепак за следната година таа е оптимист и прогнозира поуспешна реколта.
Очекува, ако тутунот добро се плаќа дека ќе сопре иселувањето на младите во странство.
-Може добро да се живее од производство на тутун доколку само се вреднува нашата мака. Барем уште малку да се покачат цените на класите, вели Фирдес според која реалната откупна цена на тутунот е до 300 денари за прва класа, а трета да се плаќа по 190 денари.
Свекорот на Фирдес, 77 годишниот Невзи Ахмед е староседелец во селото Радање и како што вели тутун работи од дете. Прво со родителите додека биле живи, потоа со жената и децата, а сега со снаата и внуците.
-Имавме порано и овци, ама без тутун не останувавме, што да правиме без тутун не бива. И со жената порано работевме и произведувавме до 700 килограми тутун. Тогаш потешко беше, не е како сега машински. Рачно, колку ќе насадиш толку, сега е полесно вели чичко Невзи, кој ни раскажа дека заедно со сопругата ги пораснале своите деца работејќи на нивите со тутун. Тие заминале во странство, ќерката се омажила во Истанбул, а тој останал во родната куќа каде традицијата на тутунопроизводство во семејството ја продолжиле снаата и внуците.
-Децата многу помагаат, па како да не работиш, вели чичко Невзи при посетата на „Зелена берза“ во нивниот дом.
Јулија Малинова за Зелена берза