Црвената муварка е една од највпечатливите печурки, забележителна оддалеку, плени со својата убавина и е врежана во меморијата од детските сликовници и кај најмладата популација. Позната е и под други имиња во различни региони од државата: Црвена мувоморка, змијска печурка, ѓаволска габа и др. Расте во периодот лето-есен и тоа наjчесто во зимзелени шуми, но ја има и во листопадни шуми каде многу поретко се среќава.
Шапката нараснува со дијаметар од 5-20цм, и може да биде во сите нијанси на црвената боја почнувајќи од темноцрвена до боја со светли црвени нијанси кои можат да бидат прошарани и со жолта боја. Во ретки случаи жолтата боја може и да преовладува на шапката. Шапката е покриена со бели брадавичести остатоци од овојницата од која израснува. При долготрајни дождови тие можат да бидат исперени од дождот и да отсуствуваат. Ливчињата и струкчето се секогаш со бела боја.
Оваа печурка во поглед на јадливост се категоризира како многу отровна печурка, иако смртните случаи од конзумирање на оваа врста се многу ретки. Од отровните материи ги содржи: muscarin, muscimol, muskazon и ibotenicna kiselina со кои што предизвикува пантерински синдром на труење чиј типичен претставник е Пантеровата муварка (Amanita pantherina) која е многу поотровна од Црвената муварка и се категоризира како смртоносно отровна печурка. Најслична до изгледот на Црвената муварка е нејзиниот вариетет оголена мувоморка (Amanita Мuscaria var. aureola) и смеѓата муварка Amanita Regalis која што на нашите простори е многу ретка и е типична за Северноевропските земји во кои што вирее и која се категоризира како жестоко отровна, со што во погледот на отровност ја надминува Црвената муварка.
Постојат непотврдени податоци пренесувани од некои автори дека во некои делови на Русија и Италија после долготрајно термичко третирање и користење само на одредени делови од плодовото тело дел од тамошната популација ја конзумира. Тие за ваква постапка се решаваат користејќи ги недоволно потврдените податоци дека во нејзиниот состав се наоѓаат супстанции кои делуваат опојно на човечкиот организам, но исто така треба да се земе во предвид дека можеби на овие простори каде што ова се прави Црвената муварка содржи значително помала концентрација на отровни материи, бидејќи е докажано дека во различни региони на виреење и концентрацијата на отровни материи е различна во плодовите тела на печурките. Затоа не треба да се експериментира и на оваа печурка треба да се приоѓа само како кон убав украс на природата.
Подготвил: Игор Петровски