Галичица
Галичица е висока планина во Македонија. Заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет на шумите и шумските предели на планината Галичица, еден поголем дел од неа, на површина од 22.750 хектари, во 1958 година е прогласен за национален парк. Националниот парк Галичица којшто се наоѓа во крајниот југозападен дел од Република Македонија, се карактеристика по положбата што ја зазема меѓу двете езера – Охридското и Преспанското (како и островот Голем Град во Преспанското Езеро) , потоа, по длабоки долови, разни видови на карстни форми и леднички релјефни форми.
Најниска точка е нивото на Охридското Езеро 695 м.н.в. и нивото на Преспанското Езеро 850 м.н.в., а највисока врвот Магаро 2255 м.н.в.
Планината Галичица има развиен релјеф со длабоки долови и стрмни падини кон двете езера. Поради релјефните карактеристики, единствениот масив на Галичица поделен е на четири засебни делови.
На самата граница на националниот парк во близина на Охрид се и Билјанините извори кои се едно од најпосетените места на крајбрежјето.
Националниот парк Галичица претставува класично наоѓалиште за 20 видови виши растенија (Cormophytae) од коишто 12 видови се познати само за планината Галичица и за крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро и претставуваат локални ендеми.