вестиРурален туризамТоп вести

Галичник-историја, култура, традиција

Галичник - исклучителен, неповторлив, со богата историја, култура, препознатлив по брендираните млечни производи.

Галичник е најубавото село сместено на падините на планината Бистра, во центарот на Мијачијата.

Тоа е туристичка знаменитост поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.

Првата варијанта за потеклото на името „Галичник“ вели дека тоа е изведено од името на реката Галик која тече близу до Солун. Втората варијанта вели дека тоа е наречено Галичник по големиот број на диви кокошки – галици, кои живееле на месноста над сегашната црква „Св. Петар и Павле“.

Во рамките на Националниот парк Маврово има 36 села, а Галичник е едно од најживописните. До него и до другите села води асфалтиран пат и локални патишта. Од нив, 14 се сосема иселени и оставени на тивко изумирање, а во другите има по неколку жители. Тие се распоредени во четири региони: Мавровска котлина, Горна Река, Мала Река и Долна Река. Именувани се најчесто по бројните реки и извори кои течат покрај кањоните и низ клисурестите долини и се слеваат во реката Радика.

Најстарите сознанија за настанувањето на Галичник датираат од X век и почетокот на XI век. Се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел. Се наоѓа на надморска височина од 1270 до 1450 метри и е опкружено со пасишта. Првиот период на селото е карактеризиран со мешање на Влашки семејства со Македонци со словенска култура. Престојувањето на Власите во мијачкиот предел го потврдуваат некои топоними од околината на Галичник, како и презимињата на некои од денешните галички фамилии: Куцулоски, Гугулоски, Кипроски.

Во почетокот на XX век во Галичник живееле околу 3.300 жители. Во наредните години бројот на населението на селото Галичник ја надминувало и бројката од 4.000 жители. Поради силните миграциски процеси кои го зафатиле Галичник, според пописот од 2002 година, се забележани само 3 постојани жители, сите Македонци.

Галичник за има едно од најубавите цркви во регионот „Св. Петар и Павле“ – централната селска црква, изградена во 1930 година.

Архитектурата е една од главните обележја на Галичник

Во селото има голем број напуштени куќи, а понекаде се реновирани во типична мијачка архитектура. Стрмниот и амфитеатрален терен е искористен за изградба на камени куќи. Безбедноста и функционалноста биле главни фактори во изградбата. Куќите се градени на две, а подоцна и на три катни висини. Првиот кат е тремот – штала за добиток кои претставувале темни визби, скоро вкопани во карпата врз која е изградена куќата. Втората катна висина е главниот станбен простор. Тука е сместена просторија со огниште каде се подготвува храна. Кај постарите куќи, таа го заземала скоро целиот простор, додека кај поновите, постојат повеќе одаи. Третата катна висина е резервирана за спиење. Некои куќи имаат и т.н. шарена одаја, која служела за прием на гости. Спратовите најчесто имаат централно поставени ходници – гизентии. Некои од куќите имаат и параклис – мала просторија со икони, која служела за молење, што всушност претставува еден вид на домашна капела.

Прозорците на галичките куќи биле историски релативно рано застаклени. Тиe имаат различна големина. Колку се пониски, толку се помали. Ниските прозорци се заштитени со железни решетки. Куќите имаат по две до три влезни врати коишто се обрабени со делкани камења, кои им даваат уникатна привлечност. Првобитните куќи биле сламеници, кои биле градени од кршен камен и покривани со слама, и имале приземје и кат. Приземјето бил тремот. Куќите кои денес можат да се видат во Галичник се главно градени кон крајот на XIX век и на почетокот на XX век. Ентериерот на галичките куќи е богат со дрвен мебел, иако приматот секогаш бил даван на функционалноста.

Галичката свадба

Галичката свадба се одржува секоја година на Петровден, (втората недела од јули). За разлика од порано, кога на Петровден во Галичник се склопувале и по над 40 бракови, денес свадбата има повеќе културно значење и е еден вид културна манифестација. За време на свадбата, се игра „Тешкото“ оро – што го симболизира надминувањето на тешкотиите во животот.

Денес Галичник живее од мај до октомври кога во него престојуваат над 50 семејства, најмногу пензионери со нивните внуци. Галичник е туристичка знаменитост заради својата архитектура и природни убавини. Постојат многу неискористени можности за популаризација на туризмот во селото.

 

Подготвил: Анета Блажевска

Фотографија: Ивона Кочов

 

 

 

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close