Гевгелиската „Вори“ освои злато за „Најдобар производ“ на саемот во Москва
Компанијата „Вори“ од Гевгелија го освои златниот медал во категоријата „Најдобар производ“ на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“ во Москва.
Како што соопшти Македонско-руската стопанска комора, врвното признание следеше по освојувањето на вкусовите на бројните посетители и на стручните оценувачи на саемската манифестација која трае до денеска.
Златниот медал е освоен за трите исклучително квалитетни производи – ајвар, тавче гравче и рижото.
– Нашата компанија произведува конзервирани производи од овошје и зеленчук и други производи по сопствени рецепти и тие ги задоволуваат потрошувачите со префинет вкус. Тоа можевме да го почувствуваме и на саемот во Москва. Производите ги подготвуваме од одбрани еколошки производи од гевгелискиот регион и од Македонија и тоа посебно ги одушеви руските граѓани кои имаат можност да ги дегустрираат нашите врвни производи на Националниот штанд што Македонија го има на „Продекспо 2017“, истакнува Јорданка Ристова, директор на „Вори“. Нашата компанија, посочи, е извозно ориентирана и речиси целосното производство е дизајнирано за пласман на странските пазари.
Македонската храна и вино во Москва која је презентираат компании од прехранбениот сектор и од индустријата на пијалаци, предизвика огромно внимание кај посетителите и што е уште позначајно кај руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и кај другите деловни луѓе.
– Со добиениот златен медал за „Вори“ широко и се отвараат вратите и на рускиот пазар. Тоа се однесува и на другите македонски компании од овој сектор и за винариите, за кои руските деловни луѓе изразуваат огромен интерес и кој очекуваме да финализира со конкретни договори и натамошно зголемување на македонскиот извоз на овој пазар. За годинава очекуваме македонскиот извоз во Руската Федерација да биде со поголем раст од минатогодишниот кога порасна за 39,5 отсто, истакна Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руска стопанска комора, во чија организација и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ се реализира настапот во Москва.
Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2017“ на 100.000 квадратни метри своите производи ги излагаат над 2.000 компании од 57 земји од светот со 27 национални штанда, меѓу кои е и македонскиот. Во таквата конкуренција значаен е успехот што го постигна гевгелиски „Вори“ со освојување на врвното признание.