Годинава во соларна енергија ќе се инвестираат 500 милијарди долари
Чистата енергија е поврзана со соларни панели, турбини на ветер, електрични автомобили, топлински пумпи, па дури и нуклеарни централи.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) во својот извештај за зелените извори на енергија објавен денеска објави дека годинава во соларна енергија ќе се инвестираат 500 милијарди долари, што е повеќе отколку во сите други видови производство на електрична енергија заедно.
Како што јави француската новинска агенција АФП, ИЕА проценува дека глобалните инвестиции во таканаречената чиста енергија, која се користи за различни цели, годинава достигнале вкупно 2.000 милијарди долари, што е двојно повеќе од износот наменет за фосилни горива. Вкупното финансирање на зелената енергија и мрежите поврзани со неа ги надминаа инвестициите во фосилни горива за прв пат минатата година.
Т.н. чистата енергија е поврзана со соларни панели, турбини на ветер, електрични автомобили, топлински пумпи, па дури и нуклеарни централи.
„Инвестициите во чиста енергија поставуваат нови рекорди и покрај предизвикувачките економски услови, што го покажува моментумот на новата глобална енергетска економија“, истакна извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол при објавувањето на извештајот.
Компаниите и земјите ширум светот одвојуваат сè повеќе ресурси за зелена енергија, првенствено во желбата да се намалат емисиите на стакленички гасови кои се произведуваат со употреба на фосилни горива и предизвикуваат климатски промени.
Вкупните инвестиции во обновливи извори и нуклеарна енергија за производство на електрична енергија се очекува да достигнат 10 пати повеќе од износот посветен на енергијата од фосилни горива, а предводник е соларната енергија. Кина планира најмногу инвестиции во оваа област.