вестиМакедонијаТоп вести

Голем помор на риби кај производителите на крап во Тиквешко Езеро

Голем помор на риби кај производителите на крап се случува во моментот на Тиквешко Езеро, а почнувајќи од утринските часови во текот на вчерашниот ден, вторник (20.10.2020) и сè уште трае.

Во моментот на удар се две помеѓу најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап“ и „Дошница“.

„Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање вештачки кислород во водата за да ја спречиме оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е сè уште неповолен“, велат од „Златен крап“.

Забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот. Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L.

„Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата“, велат засегнатите.

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. До сега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беа уништени речиси 60-70% од производството на сите производители.

Од „Златен крап“ велат дека со случајот се запознати челниците на Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден направен е увид од ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, од „Златен крап“ велат дека случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи.

Извор: Макфакс

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close