fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаМакедонијаРурален туризамТоп вести

Горно Дивјаци-после 40 години доби асфалтен пат

Од Крушево до Арилово, Долно Дивјаци, Горно Дивјаци и на крај до Пуста Река, во должина од 15 километри направивме пат и тоа после 40 години, вели градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски.

Има ли надеж да се врати животот во крушевското село Горно Дивјаци? Да заживее повторно како дестинација за рурален еко туризам.

Рушевини од камени ѕидови, пропаднати дрвени чардаци, замандалени дрвени врати од штици е сликата што денеска останала од крушевското село Горно Дивјаци. Свиено како во гнездо меѓу ридиштата на Бушева Планина многу малку останало живот во ова македонско село. Селската чешма варосана во бело сведочи за едно минато време исто како и калдрмата и секоја педа земја обрасната со треви, заборавена и запустена.

Горно Дивјаци е село во околината на градот Крушево на оддалеченост од само 14 км. Околу него се селата Пласница и Дреново од северната страна, Белушино од источната страна, Арилово и Долно Дивјаци од јужната страна, и Пуста Река од западната страна.

Дел од овие села вклучувајќи го и Горно Дивјаци, конечно после 4 децении доби асфалтен пат.

Реконструкцијата на патот Крушево – Слива – село Пуста Река беше во изведба на Јавното претпријатие за државни патишта, за што е вложена сума од околу 60 милиони денари. Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, овој проект е еден од многуте кои ги имплементира општината на целата своја територија за враќање на животот во овие краишта.

-Од Крушево до Арилово, Долно Дивјаци, Горно Дивјаци и на крај до Пуста Река, во должина од 15 километри направивме пат и тоа после 40 години. Во овие села живеат околу двесте жители вкупно, кои во најголем дел се индивидуални земјоделци, со жито и со тутун. Наредна наша цел е да направиме во овие села една привлечна дестинација со развој на селскиот туризам. Да ги вратиме луѓето на село во викенди и во празници, барем оние кои се отселиле во изминатите години, но кои ги зачувале старите огништа, вели градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.

Во Горно Дивјаци познати се месностите: Младеноа Слива, Арилеска Река, Петков Гроб, Волчев Камен, Рамна Нива, Распаќе, Усејноа Ливада, Беглишта и тие секогаш привлекуваат внимание кај посетителите.

Селото е настанато од доселеници, а порано се викало Бајлак Дивјаци, го основале три рода, Куменџиовци, Бајдевци и Грујовци.

Во 19 век, Горно Дивјаци се наоѓало во Битолската Каза, Крушевска нахија, во Отоманското Царство. Податоците од 1905 година говорат дека во Горно Дивјаци имало 400 жители. Во 2002 година во селото живееле 46 жители, сите Македонци.

Селото е познато и по повеќе археолошки наоѓалишта.

Кошари-претставува средновековна црква со некропола. Се наоѓа на 2 км јужно од селото, на зарамнето плато обраснато со дабова шума, каде се гледаат урнатини од сакрален објект со можна некропола.

Лески- доцносредновековна населба, се наоѓа на 1 км јужно од селото, каде се гледаат остатоци од стари градби – сувоѕидици. Месноста е обрасната со дабова шума.

Петров Гроб, е исто така познато место во Горно Дивјаци. Претставува доцноантички рудник. Се наоѓа североисточно од наоѓалиштето Кошари, каде се откриени јами од стар рудник за бакар.

Црквен Даб – претставува средновековна населба. Се наоѓа на 500 м југозападно од селото, каде мештаните при копањето откриле темели од објекти, а под површината на нивите се среќаваат фрагменти од керамички садови и питоси.

Не само заради историјата и минатото, туку во Горно Дивјаци може да уживате во природата, во секој поглед кон ридовите на Бушева Планина.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close