fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаМакедонијаТоп вести

Градежни зафати во месноста Бањиче уништуваат минерални извори стари со векови

Местото Бањиче е на само 4 километри од Тетово.

Местото Бањиче, каде со векови тетовци и жителите од Полог полнеа минерална вода од изворот покрај патот кој води кон Шипковачко Теќе е затрупано со градежен шут и земја. Изворот со минерална вода го нема. Водата богата со минерали, а која како што веруваат луѓето од овој крај помага за нервни и психички растројства истекуваше од мала цевка вдлабната во карпа. Но, сега ниту карпата ниту цевката постои, а водата се изгуби.

Градежните активности го затрупаа изворот, односно со асфалтирање на патот сиот градежен шут беше оставен над самиот извор. Одговорност, како и за уништувањето на многу природни убавини во тетовско, никој не понесе.

Месноста Бањиче изобилува со многу природни минерални извори како со минерална, но и со топла вода. Но, ова не е првпат да се уништи еден извор. Пред 4 години жител на тетовското село Селце со градежна механизација рамнејќи една површина уништи еден од најстарите извори во месноста. Но за среќа пред повеќе од една година тој извор со вода повторно се појави и тука граѓаните повторно полнат вода, но со изменет вкус, и не со толкава киселост како порано.

-Тука мора да се зачуваат изворите, ова место е многу богато, тука се лечи народот некој оди за рекреација, но некој за мака еве како мене. Оваа вода која ја полнам ми помага многу за тегобите во желудникот, вели една повозрасна тетовка која ја затекнавме на еден од изворите во тетовско Бањиче.

Местото Бањиче е доста посетено од тетовци, особено за време на викендите. Практично тоа е едно од ретките рекреативни – природни зони во градот. Оддалечено е на околу 4 километри од центарот на Тетово.

Во моментов се одвиваат некои градежни активности со финансиски средства  на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за изградба на рекреативното место на локацијата Тетовска Бања со пристап за патна инфраструктура, регулирање на коритото на реката, на термоминералните извори и поставување на урбана опрема.

Но, некогаш оваа локација била вистинска бања.

-Хисар на турски значи бања, дека има бања. Во Бањиче од време и со векови оделе луѓето , имало топла и минерална вода. Кај топлата вода имало женски базен, за женски болести. Но, како се менувало коритото така и се губеле изворите, а излегувале други. Но, од прастари времиња оделе луѓето да се лекуваат за стомачни болести, за кожни болести. Но, денеска тие води на голема штета се упропастуваат, не се канализираат, не се цивилизираат. Вршени се испитувања дека некои извори имаат кисел вкус, но тие не се доволно испитани. Но, дека лекуваат стомачни болести е претпоставка, поради киселоста и другите својства што ги има водата. Нема поплаки не се случило поплака дека некој што пиел вода се разболел, рече Гојко Ефтоски новинар во пензија и истражувач на тетовското минато.

И од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека водата не е многу испитана, но во секој случај е здрава.

-Таму во месноста Бањиче има некој базен, ама не знаеме каде е тој базен. Со самото поместување на коритото и градежните работи околу реката се губи водата или пак се загадува. Има некои минерали, но пак ќе повторам нема некои испитувања. Ние правиме испитувања за чистотата на водата и ретко кога покажува дека е неисправна, а тоа се случува  кога има претходно некои пообилни врнежи, па тогаш можеби водата се заматува, рече доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија вработено во Центарот за јавно здравје Тетово.

 

За изворите во Бањиче се пишувало уште по Првата светска војна

Според кажувањата на некои повозрасни жители, во минатото уште во кралството на СХС во месноста Бањиче имало бања кој ја изградил некој стопанственик од Врање кој поседувал фабрика за чевли. Имал болна ќерка која ја донел на лекување во бањата. Но, по некое време тројца војници од српската жандармерија се задушиле од некој извор од минералната вода и оттогаш сопствениците го напуштиле местото.

Според книгата „Тетовскиот говор“ на авторот Дарко Гавровски, пак местото Бањиче е научно откриено за време на подготвителните работи за изградбата на првата хидроцентрала во Македонија која и сега функционира во оваа област, кога поранешниот општински инженер Антон Славујиќ пратил извесна вода на анализа на Државниот хемиски завод во Љубљана. Во 1926 година извршена е и дополнителна анализа и во Институтот за тропски болести во Скопје, при што е утврдено дека  водата е лековита, а Славујиќ на сопствен трошок изградил неколку бетонски кади за водата со импровизиран дрвен покрив. А, во 1932 година и поголем плански ѕидан објект со неколку чешми за налевање вода и мали бетонски базени за капење. Но, за извесно време објектот бил напуштен поради неколкуте задушувања од сулфурниот гас. Според „Глас Полога“ од задушување имало дури 8 жртви до 1939 година. Подоцна за време на Втората светска војна објектот е целосно ограбен и урнат.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close