fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Тутунарите исплашени и во паника дека нема да им биде откупен целиот тутун

Тутунарите исплашени и во паника дека нема да им биде откупен целиот тутун

На еден месец од  истекот на рокот  за откуп на тутун од сезоната 2019 година, тутунопроизводителите се во паника и исплашени дали ќе им биде откупено целокупното количество  тутун. Наспроти пред новогодишните состојби кога постоеше задоволство од процената  и постигнатата цена, сега тутунарите  се револтирани дека тутунот им се цени по пониска цена иако тој  е квалитетен како никогаш до сега во последните десет години. Како што велат, нивниот страв доаѓа оттаму што некои откупни центри ги затвориле своите врати, а назад има уште тутун за откуп.

Амел Хајровиќ од с.Десово општина Долнени се пожали во Зелена берза дека имал закани дека нема да му го откупат целото количество на тутун бидејќи запишал 22 картони во спорна книга оти не бил задоволен од проценката.

-Во понеделникот  не сакаа да ми ги запишат кутиите во спорната книга на откупниот центар на Алијанса Кавадарци, овде во с.Десово.Не сум задоволен од проценката. Целиот тутун е од 5 берба и е со одличен квалитет а ми го оценија со втора и трета класа, а воопшто нема прва. Вчера дојде комисија  ама пак не сум задоволен оти само 7 кутии оценија со прва класа. Од никого не сум задоволен ниту од ценачи, ниту од здружение, ниту од комисија, сите работат само за откупувачите. Јас произведувам секоја година по 16 – 18 тони тутун, Ми се заканија дека нема да ми даваат семе за наредната реколта, се пожали Амел од с.Десово, загрижен за понатамошниот тек на откупот.

Претседателот на Сојузот на здруженија неодамна за Зелена берза изјави дека не сака тутунарите да бидат оштетени и дека здружението стои на страната на производителите.

-Секој ден сум на терен и ја следам состојбата. Апелирам до производителите ако има некој проблем да не  повикаат и да ја видиме вистинската состојба. Не сакаме тутунарите да бидат оштетени, изјави  Менде Стомнароски претседател на  Сојузот на здруженија. Знам за кој случај се работи и сметам дека производителот не треба да биде санкциониран заради тоа што побарал вторстепена комисија, додаде Стомнароски.

За жал не успеавме да добиеме некој од одговорните на Алијанса Кавадарци  да го дознаеме и нивниот став во врска со реакциите на тутунарите од регионот во општина Долнени.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски при посетата во Новаци уверуваше дека ќе биде откупено целокупното договорено производство плус 10%.

Тутунарите се исплашени дека со ваквата динамика на откуп и со затворени врати за откуп, нема да може да биде откупен целиот произведен тутун во законски определениот рок.

Тутуно производителите велат дека имаат закани и  барајќи решение најмногу реагираат по социјалните мрежи.

П.Ј.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close