Граматковски-Акумулацијата „Стрежево“ во моментов располага со близу 50 милиони м3 вода
И покрај сушата и продолжената сезона за наводнување во изминатата година , како и неповолните временски услови на почетокот од оваа година акумулацијата „Стрежево“ во моментов располага со близу 50 милиони метри кубни вода, од вкупниот капацитет од 120 милиони м3 вода, потврдува првиот човек на ЈП „Стрежево“-Битола, Менде Граматковски.
ЈП „Стрежево“ и покрај неповолната хидролошка состојба во изминатиот период веќе има обезбедено вода за РЕК „Битола“ (12 000 000м3) и ЈКП „Водовод“ (5 000 000м3) а остатокот на вода за останатите водокорисници (земјоделци).
-Во акумулацијата заклучно со 7 март оваа година има обезбедено околу 48.500. 000 м3 вода, со тенденција за секојдневно зголемување на количината со оглед на периодот кога се случуваат врнежи од дожд и интензивно топење на снег од сливното подрачје на Пелистер. Во овој момент во акумулацијата дневно се слеваат поголеми количини на вода преку алиментациониот канал и реката Шемница, a се испуштаат само 570 l/sek за потребите на РЕК Битола, потврдува за „Зелена берза“, директорот на ЈП „Стрежево“, Граматковски.
Производството на струја од деривационите хидроцентрали од поодамна е прекинато и секој литар вода се слева во акумулацијата.
Според него, бидејќи е период на прибирање на водата од водотеците, нема простор за шпекулации и непотврдени информации дека во следната сезона која е пред нас земјоделските површини би останале без вода за наводнување во деловите од Битолско и Пелагониско Поле кои се опфатено со Хидросистемот „Стрежево“.
-Сакаме да упатиме апел и смирувачки пораки до нашите земјоделци-водокорисници да не се грижат за водоснабдувањето во летните месеци, бидејќи ХС „Стрежево“ плански и интензивно ги собира водите од нашето сливно подрачје, а така ќе се продолжи и во месеците март, април и мај, се додека не се започне со сезоната за наводнување. Значи да се „шпекулира“ колку ќе биде волуменот на акумулацијата од перспектива на месеците февруари-март, кога максималните квоти на водостој, секогаш, речиси без исклучок, се регистрирани на крајот од месец мај или почетокот на јуни, во најмала рака е крајно неблагодарно и непрофесионално да се прогнозира, посочува Граматковски.
И покрај неповолната хидролошка состојба Граматковски вели дека фактичката ситуацијата со акумулацијата „Стрежево“ заклучно со први овој месец не отскокнува воопшто во споредба со изминатите години благодарение на рационалната и планската испорака на вода за водокорисниците во изминатата сезона. Само за споредба, во 2002 година во истиот период биле акумулирани 23.443 000 м3 вода, во 2008 – 44.639 000 м3, 2009 г. -54.562 000 м3, во 2012 година 37.787 000 м3 вода, во 2014 г.- 38.538 000 м3 вода.
Тој ги повикува заинтересираните земјоделците изворно од стручните служби на ЈП „Стрежево“ да се информираат за состојбите со акумулацијата „Стрежево“, каде ќе добијат релевантни податоци и параметри, објективно и транспарентно.
А.Блажевска