Греењето на дрва е најзастапено, на струја е еколошки најприфатливо
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се сече на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење, покажуваат податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“. Експертите велат дека греењето со огревни дрва сè уште е економски најисплатливо, а со електрична енергија е еколошки најприфатливо.
Според нив, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Посочуваат дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се сече на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Цената во ЈП „Национални шуми“, согласно нивниот повик не смее да биде повисока од 2.900 за буково и 3.000 денари за дабово дрво. Одлуката на Владата, е цената да биде 2.270 денари со ДДВ за кубен метар буково и 2.470 денари за дабово дрво, а дополнително се плаќа за товарот и транспортот. Со сите давачки изнесува 2.670 за буково и 2.870 за дабово огревно дрво. Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во земјава најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.
Тешко да се оцени колку домаќинства се греат на струја
Особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее. Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.
Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,77 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина метри квадратни просечно се трошат по околу 2 киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 120 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 140 денари за загревање или 4.200 денари месечно, односно околу 25.200 годишно.
Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее. Државата годинава субвенционира набавка на инвертер клими до вредност од 62.000 денари. Средствата за субвенции во износ од 10 милиони евра се обезбедени преку АД ЕСМ и со нив се предвидува да бидат опфатени 5.200 домаќинства од Скопје, 2.500 од Битола, 1.500 во Тетово и 800 во Кичево кои ќе ги вратат нееколошките печки на тврди или фосилни горива со кои досега се грееле. Токму затоа четирите града се избрани како места во кои има најголемо загадување на амбиенталниот воздух во земјава.
Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,95 денари за скапата до 2,99 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.
Извор: Плусинфо