fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Грев е од македонски квалитетен и природен зеленчук да не правиме зимници

Се се менува, само тетовскиот пазар од кога постои останува ист, преполн со квалитетен зеленчук и овошје.

 Традиционално во Тетово пазарен ден е четврток, но кога ќе влезете на пазар, па дури и за викенд, тој е преполн иако не е пазарен ден.

Голем дел од купувачите доаѓаат на пазарот да купат овошје и зеленчук за дневни потреби, но има и такви кои не се откажуваат од правење на зимница, иако како што велат е мачна работа, но на купеното во маркетите не му веруваат.

-Ќе правам зимница, стара сум во пензија и немам друга работа, ќе печам тоа е тоа . Сега младите послабо прават, дека има по маркети. Се плашиме од вирусот, ама за зимница мора да излеземе. Во купучко немаме доверба, ама годинава цените се ок, ама према нашите пензии можам да кажам дека се високи, вели една пензионерка од Тетово, која ја затекнавме на пазарот.

 Пазарџиите и натаму се жалат дека е намален прометот.

-Сега малку помалку прават зимница. Слабо оди пазарот. Има народ ама слабо земаат, односно купуваат. Слабо заработка маката само. Цените не се скапи, корнишони 50 денари, Карфиол 40, Домат 20, тој на големо што оди и Модриот домат 15 денари, ни се пожали еден пазарџија 

 Зошто е поисплатливо да се прави зимница
Злата Димовска од Тетово ни презентираше едноставна математика но и логика зошто е поисплатливо да се прави зимница, особено од нашиот домашен зеленчук.
-Јас кога правам зимница се зовривам и ставам само сол и така седи во текот на цела година, ретко на некоја зимница ставам конзерванси, за разлика од купечката зимница каде на секој продукт има конзерванси. Цените се и оваа година достапни.На пример за да направам 15 тегли ајвар ми се потребни 30 килограми пипер, еден зејтин, и за оваа природна зимница ми се потребни 1000 денари, а во маркет да купам ајвар 15 тегли кој не е печен и не е природен ќе ми требаат од 1500 до 2000 денари. Имам ставено и руска салата. Со две килограми домат зелен, две килограми краставица, две килограми морков и две килограми пипер. Сето тоа го дробиш и ставаш во шерпа, додаваш кило оцет, двесте грама сол, 5 лажици шеќер, и го зовриваш го истураш во дробениот зеленчук и го собираш за 24 часа и ете ти Руска салата, рече Злата Димовска

Таа вели дека не и е мака да прави зимница, се навикнала на оваа традициија и тешко дека некогаш ќе се откаже. Тие што се откажуваат од правење зимница си имаат други причини,а не од мака.

-Има голем број се откажуваа од правење зимница дека сега не пуштаат чумбиња да палиш, нема каде, порано надвор правевме сега не смееме, а јас некако се снаоѓам, вели Димовска

Досега таа направила ајвар, природно пире од домат, руска салата, печи гмечи, има нанижано везенки пиперки, а нејзиниот сопруг е задолжен за ставање на домашно вино.

Таа на крајот од разговорот ни потенцираше. 
 
-Доколку некој ги слушне моите совети да се искористи свежиот и природниот зеленчук за превење зимница, продуктите стриктно да се купуваат од вистинки земјоделци, кај кои стоката е поефтина и кај нив нема измама, рече Димовска.
Зоран Димовски

Слични написи

Back to top button
Close