Бербата на грозјето во повеќе региони низ државата е во полн ек, а паралелно се одвива и откупот од страна на винарнициите. Засега нема некои поголеми проблеми во откупот, но според досега откупеното винарниците не се задоволни од квалитетот на грозјето. Што се однесува до количините годинава има доволно грозје, но и голем диверзитет во однос на сортите на грозје кои лозарите ги нудат на откупувачите, но сепак доминира Вранецот.
Од винарниците велат дека квалитетот на грозјето годинава е под просек или незадоволителен. Причината за тоа според нив е поради мразот кој минатата година зафати голем дел од лозовите насади. Големи измрзнувања минатата година се рефлектираа и врз квалитетот на лозовите насади годинава.
Покрај мразот, лозовите насади беа зафатени и од болести, пепелница и пламеница, а малиот број на шеќерни единици е резултат на дождовите кои паѓаа во период кога грозјето зрееше и му беа потребни сончеви часови.
Во следните неколку дена се очекува да започне и бербата на Смедеревката, сорта која беше помалку погодена од временските непогоди. Од винариите очекуваат дека квалитетот на Смедеревката ќе биде подобар во однос на квалитетот на Вранецот, но секако големо влијание ќе имаат временските прилики при бербата.
Во Тиквешијата откупот на грозјето засега се одвива без проблеми, а здружението “Напредни лозари# со свои претставници го мониторира откупот.
– Нашите луѓе наизменично ротираат со набљудување по откупните пунктови и до овој момент нема пријавени неправилности при откупот на грозје, со мали исклучоци. Имаше еден случај кога на откупна вага не се почитувало договореното во однос на плаќањето според шеќерноста, па побаравме инспекциска интервенција и овој изолиран проблем беше надминат, Трајче Кулев, претседател на здружението.
Тој изразува надеж дека и до крајот на гроздоберската сезона во најголемиот лозаровинарски регион во државата, ќе нема поголеми проблеми, кога е во прашање откупот на годинешниот род од лозјата.
Винариите годинава очекуваат да откупат двојно повеќе од лани и целосно да ги пополнат своите капацитети и покрај фактот дека годинашниот род е со квалитет под првичните очекувања, а цените на виното на светскиот пазар одат во надолна линија.
Во моментов големопродажната цена на литар вино од некои од најголемите светски производители, како што е Шпанија, изнесува од 0,34 евра, од Италија 0,35 евра, од Унгарија 0,4 евра и од Аргентина 0,32 евра.