fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Гувернерката Бежовска-Состојбата со цените не е алармантна, иако ќе има одредена нагорна корекција на проекцијата за инфлација

Во разговор за Фактор, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оценува дека иако се очекува нагорна ревизија на предвидената стапка на инфлацијата за земјава, сепак, не станува збор за раст на цени кој е алармантен.

Повисоки цени на маслото за јадење, брашното, лебот, месото… Тоа веќе станува реалност во земјава, а стопанствениците побараа итна средба со Владата, за, како што велат, да се договорат итни мерки, бидејќи во спротивно цените на храната би можеле да поскапат и за 50 отсто. На ова вчера премиерот Зоран Заев рече дека не е точно дека прехранбените продукти ќе добијат зголемени цени за толку висок процент, бидејќи, според неговото објаснување, струјата како импут учествува во нив со три проценти. Министерот за економија, пак, Крешник Бектеши, вели дека Владата има механизми да интервенира, а тоа е преку замрзнување на цените на основните производи.

А, токму растот на цените на енергенсите, што е глобален проблем во целиот свет, е една од главните причини за поскапувањата на прехранбените производи.

Но, во целата оваа „инфлација“ од изјави и контаизјави, можеби се заборава дека клучната институција која ги следи и води грижа за цените во една држава, е Народната банка. Таа ги следи состојбите со движењето на цените, и доколку оцени дека тоа е потребно, презема мерки што и стојат на располагање.

Во разговор за Фактор, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оценува дека иако се очекува нагорна ревизија на предвидената стапка на инфлацијата за земјава, сепак, не станува збор за раст на цени кој е алармантен. Додава дека во однос на ова прашање е многу важно точно да се утврдат изворите и причините за зголемувањето на цените, а уште повеќе да се видат очекувањата (прогнозите) за овие фактори за следниот период.

Како што е познато, Народната банка два пати во годината прави проекции за тоа какви се очекувањата за инфлацијата за наредниот период. Согласно со априлските макроекономски проекции, за оваа година инфлацијата е проектирана на 2,2 проценти. Но, најверојатно таа стапка ќе биде ревидирана нагоре со најновите октомвриски проекции, кои веќе се изработуваат, и кои се очекува да бидат објавени на почетокот на ноември.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска за Фактор објаснува дека нашата централна банка ги следи и ги користи предвидувањата на меѓународните агенции, како што е Светската организација за храна- ФАО, кога станува збор за движењата на цените на храната. Но, мора да се има предвид дека самите проекции за тоа како ќе се движат цените на храната се многу варијабилни, односно варираат речиси секоја недела.

Како што е познато, и во априлските проекции стапката на инфлација беше умерено ревидирана нагоре и се позиционираше на 2,2 отсто за оваа година, но најверојатно октомвриските проекции ќе донесат нова нагорна ревизија, иако сега не може да се шпекулира со точната бројка, бидејќи неа ќе треба да ја потврдат експертите на централната банка.

Бежоска укажува дека оваа година во глобални рамки и се очекувало зголемување на цените, и на храната и на енергенсите, со оглед што тие паѓаа минатата година, па сега е практично многу пониска споредбената основа.

„На почетокот на ноември кога се очекува да ги финализираме макроекономските проекции ќе излеземе со нова проценка за  инфлацијата за  оваа година, но извесно е дека таа бројка ќе  биде умерено повисока од 2,2 отсто“, објаснува гувернерката.

Според неа, и досега се случувало во земјава во одредени квартали да се појави инфлација од три до четири отсто, а низ годините наназад, имало и доста повисоки стапки.

Она што сега е факт, и што треба да се има предвид, е дека сите меѓународни организации, како што се и Европската централна банка, но и Меѓународниот монетарен фонд, за идната година предвидуваат значајно намалување на стапката на инфлација, односно она што сега се случува се третира како привремен проблем.

За тоа какви мерки би можела да преземе НБМ, Ангеловска-Бежоска вели дека во ваков случај на секоја централна  банка како мерка и стои на располагање затегање на монетарната политика.https://faktor.mk/bezoska-za-faktor-sostojbata-so-cenite-ne-e-alarmantna-iako-kje-ima-odredena-nagorna-korekcija-na-proekcijata-za–inflacija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close