fbpx
ВестиВидео/интервјуаМакедонијаТоп вести

Хоџа-Силно верувам дека развиено земјоделство може да се избори со сите предизвици

Ексклузивно интервју со Арјанит Хоџа-министер за земјоделство шумарство и водостопанство на Р. С. Македонија

Субвенциите претставуваат голем стимул за земјоделците, да знаат дека за нив некој се грижи. Субвенционирањето во последниве три години беше издигнато на нивото на кое треба да остане засекогаш, а тоа е навремена и неселективна исплата за сите кои ги исполнуваат условите. Со владината Програма 2020-2024, предвидено е навремена исплата: 30 отсто од висината на основните мерки 30 дена по аплицирањето и 70 проценти според календарот на исплата, вели министерот Хоџа во интервјуто за „Зелена берза“.

З.Б-Господине Хоџа, што ќе биде во вашиот фокус во наредните 4 години, како министер за земјоделство?

Фокусот на владината земјоделска политика истовремено е и нашиот клуч за развој. Можеме и мораме да се развиваме и да одиме напред преку иновации, модернизација, зголемување на производството, следење на европските стандарди и трендови со кои ќе можеме да постигнеме нашето земјоделско производство да биде конкурентно на европските пазари. Активностите за развојот на земјоделството ќе бидат насочени кон негово оспособување за конкурентски односи, а тоа се постигнува само со производство на висококвалитетни и безбедни производи, произведени со конкурентна цена. Годишната финансиска поддршка од 200 милиони евра е за аграрна политика насочена кон создавање услови на одржливост на земјоделските стопанства кои ќе се залагаат за зголемување на производството, квалитет на производите, заштита на животната средина, безбедност на храната, здравствена заштита и благосостојба на животните, како и кон модерно и конкурентно земјоделство и производи со додадена вредност.

Согласно Програмата за работа 2020 – 2024, целта на оваа Влада е создавање современо земјоделство кое ќе обезбеди квалитетна храна во количини кои ќе ги задоволат домашните потреби, но и производство со додадена вредност кое ќе се пласира и ќе биде препознатливо на странските пазари. Ќе се поттикнува и договорното производство со коешто се обезбедува сигурен пласман, ќе се зголеми и субвенционирањето на „зелената нафта“ која ќе ја субвенционираме 100 проценти до крајот на 2024 година, со што ќе придонесеме за намалување на производствените трошоци.

Тежиштето на политиките ќе биде насочено кон семејните, комерцијални фарми, како и кон нивното специјализирање за високо квалитетно земјоделско, органско и традиционално производство.

„Земјоделството и производството на храна се наша шанса за успех“ – ова е многу силна реченица која ја цитирам од Програмата за работа 2020-2024. Силно верувам дека развиено земјоделство може да се избори со сите предизвици. Дури и во услови на пандемија, кога целиот свет застана, единствено нешто што мораше да продолжи беше производството на храна. Светската здравствена криза уште повеќе го нагласи значењето на земјоделскиот сектор и производството на храна. Сето ова за мене е силен мотив во мојот четиригодишен мандат да се вложам безрезервно и да ги достигнам целите.

Нашата заложба ќе биде да обезбедиме повеќе пазари, со цел да го надминеме производствениот капацитет и со тоа преку механизмот на слободна економија да овозможиме побарувачката да биде поголема од понудата. Ова исто така би обезбедило одржување на високо ниво на цени, што би било и позитивен аспект за производителите, но и дополнителен поттик тие да бидат и профитабилни и конкурентни.

З.Б-Како ги оценувате состојбите  во македонското земјоделие, што затекнавте, што ќе менувате?

Специфично за земјоделието е тоа што колку и да се работи никогаш не е доволно. Овој сектор е многу динамичен и бара особено внимание, но и посветеност. Јас сум задоволен од она што го затекнав кога стапив на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Има многу започнати проекти кои се спроведувале со многу енергија и многу желба за подобрување на секторот. За жал, пандемијата предизвикала некој од започнатите проекти да се забават во реализацијата. Сите јавни повици биле стопирани поради пандемијата, комисиите не можеле да се состануваат поради ризикот по нивното здравје, па така се уште немаме резултати од неколку јавни повици. Јас можам само да продолжам со сите сили да работам онаму каде што застана мојот претходник, да ги довршам сите започнати проекти и да ги реализирам сите планови. Но, предизвик за мене претставува периодот во кој што влегуваме, кој што ќе биде многу чувствителен. Очекувам да чекориме напред во спроведувањето на стандардите кои ќе произлезат од започнувањето на преговорите со ЕУ.

З.Б-Дали имаат ефект субвенциите и како до поголем развој на земјоделието?

Субвенциите секако претставуваат голем стимул за земјоделците, да продолжат да произведуваат, но и да знаат дека за нив секогаш некој се грижи. Субвенционирањето во последниве три години беше издигнато на нивото на кое треба да остане засекогаш, а тоа е навремена и неселективна исплата на субвенции за сите кои ги исполнуваат условите. Единствено што би подобриле во тој дел е предвидено и со Програмата 2020-2024, а тоа е навремена исплата на директната поддршка: 30 отсто од висината на основните мерки 30 дена по аплицирањето и 70 проценти според календарот на исплата. Календарот ќе се регулира со закон, за земјоделците точно да знаат кога можат да ги очекуваат средствата.

Ако се’ биде како што планираме, ќе ја зголемиме поддршката за директни плаќања за грла говеда, овци, кози, маторици, заклани гоеници, бројлери, несилки, еднодневни пилиња и презимени пчелни семејства за 10 отсто, како и зголемување на поддршката за произведено и предадено екстра квалитетно кравјо млеко за два денара по литар. Секогаш ќе се борам земјоделците да добиваат повисоки субвенции, повисоки откупни цени за своите производи за да можат навистина да се чувствуваат ценето и вистински да веруваат дека некој се грижи за нив. Но, не се само земјоделците чинители на овој сектор. Тука се и сите приватни компании како и останати институции кои се директни учесници и со кои искрено се надевам дека ќе изградиме симбиотска врска и дека ќе работиме како една целина. Овде сакам да напоменам, дека исклучително го ценам она што е веќе сработено за многу кратко време од страна на  претходните министри Љупчо Николовски и Трајан Димковски, особено во делот на капиталните инвестиции и крупните градежни офанзиви за изградба на неколкуте хидросистеми и брани, првенствено наменети за наводнување, што значително ќе придонесе за зголемување на обработливите земјоделски површини. Сметам дека без стабилно наводнување не можеме да имаме конкурентно и стабилно земјоделско производство. Искрено се надевам дека сите овие проекти ќе бидат успешно завршени и во предвидениот рок.

Од инвестициите во земјоделското производство се предвидува: поддршка за набавка на современа механизација, опрема и амбалажа, гарантен фонд за кредитирање и финансирање проекти за земјоделство и рурален развој со обезбедување советодавни услуги, поддршка за изградба на ладилници, преработувачки капацитети и откупнодистрибутивни центри, поддршка за подигање долгогодишни насади, за набавка на висококвалитетен педигриран генетски материјал и за млечни крави под контрола на производните особини, издавање пасишта под долгогодишен закуп, вложувања во инфраструктура на пасиштата, јавно-приватно партнерство, во брани и системи за водоснабдување, во пошумување и нова шумска механизација, поврат на персонален данок на доход за земјоделци, намалување на данокот на додадена вредност за ветеринарните услуги од 18 на 5 отсто и поттикнување на примена на агроеколошки мерки. Органското земјоделство ќе биде клучен сојузник во транзицијата што ја водиме кон поодржлив прехранбен систем и подобра заштита на органскиот сектор. Целта е да се хармонизираме со европските трендови, а тоа е  25 отсто од земјиштето да биде искористено за органско производство до 2030 година, преку соодветни политики и законска рамка.

З.Б-Актуелна тема е откупот на грозјето. Што ќе преземете за надминување на проблемите на лозарите?

Оваа година е тешка за сите сектори во земјоделството. Светската пандемија предизвикана од Ковид-19  директно го афектираше целокупното земјоделско производство кај нас и секаде во светот. Особено е тешка состојбата во лозарството и винското производство. Затворените граници, карантинот, забраната за работа на хотели и ресторани, забраната за семејни веселби и прослави предизвикаа намалување на продажбата на вино, со што винската индустрија претрпе огромни загуби. Од друга страна, годината беше поволна за лозарството, па нашето домашно грозје кое е едно од најквалитетните, оваа година е со висок род. Несомнено е дека ние мораме да го цениме и трудот на земјоделецот и напорите на винарниците да ја пребродат кризата. За таа цел, неодамна во Кавадарци, одржавме работна средба со претставници од здруженијата на лозаропроизводителите, на која учествуваше и премиерот Заев. Неговото присуство на средбата, само по себе зборува колку сериозно сме пристапиле кон изнаоѓање заедничко решение, кое ќе биде во интерес на лозарите, винариите, но и на државата.

На состанокот во Кавадарци заедно со премиерот ги презентиравме  владините предлог-мерки за помош на лозарите и винариите, во делот на откупните цени и планираната поддршка, кои беа позитивно прифатени од лозарите. Се договоривме дека државата ќе интервенира со 4 денари за вранецот и смедеревка, а со 2 денари ќе интервенираме за високосортно грозје. Дополнително остануваме на супституција на транспортот, со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино и 30 проценти супституција за флаширано вино и ја отворивме новата можност кон сите откупувачи коишто работат во нашата земја да можат да откупат винско грозје и да го извезат како винско за да ги намалиме количините со една стимулативна мерка. Тоа значи дека за откупени 12 милиони килограми грозје, ќе добијат 2 денари субвенција на тие 12 милиони килограми, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција. На овој начин ќе стимулираме побрза продажба на виното кое го имаме на залиха, а истовремено ќе придонесеме да се откупи домашното производство.

Поголемиот дел од винариите веќе го почитуваат договореното, смедеревката да се откупува по 9 денари за килограм, а вранецот по 11 денари за килограм.

Сега е најважно да ја надминеме кризата, а понатаму да се надеваме дека секоја наредна година ќе бидеме финансиски посилни и дека откупните цени ќе растат, не само за грозјето, туку и за другите земјоделски култури, бидејќи сите земјоделци и целокупното земјоделско производство, заслужуваат достоинствени цени како награда за нивниот труд, а знаеме дека земјоделското производство воопшто не е лесно.

З.Б-Кои се вашите планови за развој на руралниот туризам?

За побрз развој на руралните средини, планираме развој на т.н „паметни села“ со што ќе овозможиме младите да останат да живеат и работат во нив. Се планира распределба на националниот буџет за директни плаќања во земјоделство и рурален развој во однос 65:35, поддршка од 10.000 евра за развој на микро и мало претпријатие во руралните средини, како и инвестиции во рурална инфраструктура.

Во фокус на аграрните политики ќе бидат и инвестициите во сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување, инвестициите во квалитетно производство на семе и саден материјал, инвестиции за справување со климатските промени, воведување систем за мониторинг и прогноза на здравје на растенијата, како и примена на електронски систем за следење на дрвната маса.

Државата ќе го поттикнува окрупнувањето на ситните имоти, ќе доделува државно земјиште на вистинските производители во мера во која најрационално ќе може да го искористат, ќе ги поддржи инвестициите во модернизацијата на земјоделското и иновативното производство.

Во таа насока е и мерката 7- „Диверзификација на фармите и развој на бизниси“ со која се предвидува преку ИПАРД фондови да се финансира руралниот туризам. Во специфични критериуми е предвидено инвестициите во градба/реконструкција за туристички цели во рурални средини да мора да го следат традиционалниот стил на градба. На тој начин ќе го задржиме автентичниот изглед на селата, со цел домашните и странски туристи да можат да уживаат во натуралниот амбиент.

З.Б-Што планирате во делот на подобрување на економската и социјалната положба на руралната жена?

Руралната жена има многу значајна улога во нашето општество. Тоа што жената живее на село, не треба да ја спречува да биде рамноправен член на ова општество, а уште помалку да ја обесхрабрува да има идеи и да цели кон развој на сопствен бизнис. Познавам многу жени од рурални средини кои ја заслужуваат мојата целосна почит. Тие живеат синхронизирано со убавината и спокојот кои ги дава природата и животот на село, без да бидат исклучени од сите текови на јавноста. Би сакал да имаме што повеќе такви примери. Охрабрувачки се податоците од секторот за анализа при МЗШВ кои со мене споделија растечки тренд на бројките кои ги опфаќаат регистрираните млади земјоделци и жени кои се регистрирани како носители на земјоделски стопанства. Тоа значи дека мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ ја исполнува својата цел и го буди интересот кај руралните жените. Податоците од последниот повик за оваа мерка се уште се обработуваат но, би сакал да потенцирам дека преку овој повик се доделуваат неповратни финансиски средства во максимален износ од 180.000 денари. Висината на поддршката е до 100% од прифатливите трошоци. Планираме поддршката за жените земјоделки двојно да се зголеми до крајот на 2024 година. Освен тоа жените земјоделки се вклучени генерално во програмата на Владата и тоа особено во делот на едукацијата. Ќе се обезбедат бесплатни едукативни предавања на сите земјоделци за примена на современи технологии на производство, стипендирање на децата на регистрираните земјоделци за едукација во земјоделските струки, бесплатна обука на земјоделците за поефикасно искористување на средствата од ИПАРД и националните програми за поддршка, како и бесплатни ветеринарни здравствени посети. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има комплексна програма за развој, предвидени се многу мерки за поддршка, но сето тоа без правилна едукација на сите како можат да пристапат полесно за искористување на средствата од европските и државните фондови, може да го намали процентот на ефикасното искористување. Затоа едукацијата ќе биде една од нашите клучни заложби која ќе ја спроведуваме директно од терен.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close