fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Холистички пристап за одржливи еколошки решенија

Експерти по хигиена и здравствена екологија велат дека сѐ повеќе се влошува состојбата на реките и сметаат дека мора и еколозите да излезат на терен, затоа што еден инспектор не може да стигне да контролира дваесет села. Загадените води на некои од реките, како што е случај со повеќето од скопскиот регион Вардар, Пчиња, Треска, а се бактериолошки и хемиски од четврта категорија, не смеат да се користат за полевање на земјоделските култури, кои, секако, преку пазарите ќе завршат на трпеза

Неопходна заедничка грижа на граѓаните, еколозите и на општините каде да завршува комуналниот отпад

Наместо изобилство од риби и ракчиња, од жив свет во бистра вода, во нашите реки сѐ повеќе се наоѓаат мрши од мртви животни, комиње од превриеното грозје, кабаст отпад и секаков друг комунален отпад. И не само во реките туку сѐ и сешто се исфрла и покрај речните корита. Речните брегови личат на депонии направени од граѓаните на блиските села, па се создаваат огромни купишта ѓубре од комунален отпад. Експерти по хигиена и здравствена екологија велат дека сѐ повеќе се влошува состојбата на реките и сметаат дека мора и еколозите да излезат на терен, затоа што еден инспектор не може да стигне да контролира дваесет села. Загадените води на некои од реките, како што е случај со повеќето од скопскиот регион Вардар, Пчиња, Треска, а се бактериолошки и хемиски од четврта категорија не смеат да се користат за полевање на земјоделските култури, кои, секако, преку пазарите ќе завршат на трпеза. Не е за употреба ниту уловената риба од загадените реки, па затоа препорачуваат риба само од рибарница. И од државниот инспекторат за животна средина потврдуваат дека човечкиот фактор е причина за загадувањето на речните води и тука треба да се дејствува, како и во правец на организирано собирање на комуналниот отпад, за што секој треба да плати, за да не трпи штета природата. Но и од оваа институција, како и од Скопскиот центар за јавно здравје, констатираат дека на терен најмногу треба да дејствуваат општините и општинските инспектори. Не треба да се дозволи пластика да плива по речните корита на реките, која, за жал, сѐ повеќе ја гледаме и во реките што поминуваат низ македонските градови.

– Ако комуналните претпријатија во општините даваат добра услуга, луѓето нема да фрлаат каде ќе стигнат, особено наесен и напролет, комиње, мрши, пластичен и секаков вид комунален отпад. Затоа тука се општините и нивните комунални инспектори и редари, кои треба да бидат на терен и да контролираат. Се случува фекалиите од септичките јами во некои реки кога пресушуваат во општините што немаат фекален систем да завршат на суво, па се шири непријатна миризба, а, секако, тоа е услов за ширење зараза. Добро е тоа што сега многу од општините почнаа да ги прошируваат своите комунални услуги. Всушност, целото ѓубре што се исфрла, па и она во реките, е одраз на нашата некултура. Тоа е недозволиво, а од друга страна треба речните корита и редовно да се чистат од бујната вегетација. Во овој домен можам да кажам дека многу помогна ЕУ, која вложи многу средства во изградба на пречистителни станици во некои од општините. Но, сепак главно човечкиот фактор е причина за загадувањето на речните води – вели Дарко Блинков, раководител на Одделението за аналитика, подршка и меѓународна соработка во Државниот инспекторат за животна средина.
Експерти по хигиена и здравствена екологија сметаат дека на месното население по општините му е потребна едукација и, според некои од нив, во моментов само казни може да го решат проблемот.

– Во речните води се фрла сѐ и сешто, комиње, хемикалии, фекалии од септички јами. Ме радува фактот дека еднаш месечно во руралните места ќе се собира кабаст отпад на одредено место, за да не завршува во нашите реки, но јас би сакал барем еднаш неделно да има вакви акции. Кога е во прашање загадувањето на реките, немам ништо позитивно да кажам. Треба и ние докторите барем еднаш месечно да бидеме повикани на некакви состаноци, средби со комуналните инспектори и да се послуша и она што го кажуваме ние. Не смееме повеќе да дозволиме и натаму речните води да се загадуваат. Еве, во скопскиот регион реката Лепенец, како и Вардар, континуирано бактериолошки и хемиски е загадена од четврта или петта категорија. Најголемо е загадувањето од четврта категорија и овие води се континуирано неисправни. Лепенец по своето течение носи пластични шишиња, мрши, дрвја и друг комунален отпад. Со мршите се загадуваат и околните бунари, со кои исто така може да се полеваат земјоделските површини, за кои, пак, од друга страна, се купуваат и пестициди од секаде – објаснува д-р Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје во Скопје.
Тој додава дека водите на Вардар и Лепенец не може да се користат за никаква употреба, ниту за капење, ниту пак за полевање на земјоделските култури, а доколку се користат, може да се контаминира стеблото на растението, а таквиот производ не е за на пазар и за консумација.

– Треска кај браната Матка е исто така загадена од четврта и петта категорија и нема разлика дека нешто е почиста од Лепенец. Порано скопјани се капеа во оваа река, но сега е строго забранета за капење. Мора да се предупредат потенцијалните загадувачи и тука ќе речам дека комуналните инспектори не си ја вршат работата. Од друга страна, имаат недостиг од теренски возила, едно возило кој попрво да го земе, па од Сарај надолу по речното корито да ги контролира критичните места. Неколкупати кажувам попусто се пречистителни станици и милионски суми вложени во нив ако ние не почнеме да ги казнуваме загадувачите, оние што фрлаат во реките. Во практика, хигиената во самите реки е незадоволителна. Не смее нашите реки да бидат депонии. Не е потребно само правење студии, потребни ни се резултати. Комуналните инспектори и општините мора да си направат план и да го следат, тие најдобро ги познаваат кризните точки на своите територии, а ние треба да им бидеме сервис на општините. Резултатите од анализите треба да се следат. Затоа велам дека пречистителните станици нема да нѐ спасат од загадување. Се случувало да има помор на риби и тие да се ловат со мрежи и да се замрзнат, а потоа да се продаваат, затоа риба не се купува од непроверени извори, риба се купува само од рибарница – советува Костадиновски, за да укаже на сериозноста од загадувањето на речните води.

Извор:Нова Македонија

 

Слични написи

Back to top button
Close