вестиТоп вести

Започна жетвата на оризот во Велешко

Вообичаено, првиот викенд од октомври започна жетвата на оризот во Велешко. Изминатите два дена механизацијата влезе по полињата во околината на Чашка, која по Кочани е вториот центар за одгледување на оваа култура. Овој регион има идеални услови за одгледување на „белото злато“. Оризарите сметаат дека годинава ќе има послаб род од лани за 10 до 20 отсто, а стравуваат за откупната цена.

zapochna zhetvata na orizot vo veleshko

 

„Метеоролозите најавуваат дека оваа недела ќе има дожд и ниски температури, па побрзавме да влеземе и да започнеме со жетвата. Очекуваме дека ќе имаме род од 5 тони од хектар, што е помалку отколку минатата година. Имам уште непредаден ориз од лани, бидејќи не бев задоволен од откупната цената“, рече земјоделец од селото Еловец, кое заедно со селата Лисиче, Чашка и Голозинци се најголемите производители во овој крај.

„Ќе соберам 9 тони од еден хектар. Лани продадов се што имам, исплатени ми се парите и субвенциите, 700 денари од декар. Летово, посебно во август не се погодија временските услови и тоа придонесе за послаб род“, рече земјоделец од Голозинци.

На некои површини се жнееше рачно со срп, поради тешките услови за работа на механизацијата и полегнатиот ориз. И додека првите количини ориз се собрани, производителите се’ уште не ја знаат откупната цена. А, тоа им создава страв и дилеми што ќе се случи со родот.

„Не знаеме која ќе биде цената. Лани беше околу 20 денари за килограм арпа. Тоа е малку, реално, со 25 денари се покриваат трошоците, а треба 27 денари за да имаме корист и ние земјоделците. Многу пари плаќаме за препарати, за механизација, а сите печалат на нас додека ние само преживуваме“, објаснува друг земјоделец од овој регион.

Според податоците на Министерствово за земјоделство, шумарство и водостопанство во Велешко годинава е посеана површина од 96 хектари, што е рекордно во споредба со претходните години. Од година во година оризот се враќа по велешките полиња, по течението на реката Тополка која преку хидросистемот „Лисиче“ овозможува наводнување на оризовите полиња. Пред 30-ина години оризот се огледуваше на 500 хектари, а сега на многу помалку, но од година во година површините растат.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close