И денеска портокалов аларм заради високите температури – да се почитуваат мерките за заштита
Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. УВ индексот ќе биде 9.
Земјава и денеска ќе биде под влијание на топол бран со високи температури од портокалова (алертна) фаза. Надлежните апелираат да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, да се ослободат од работните обврски најранливите групи, вклучувајќи ги бремените жени, како и лицата на возраст над 60 години, а децата од градинките да не се изнесуваат на отворено од 11 до 17 часот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека времето денеска ќе биде сончево и многу топло со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. УВ индексот ќе биде 9. Утринската температура ќе се движи од 14 до 23 степени, а дневната од 30 до 41 степен.
Во Скопје и околината времето ќе биде сончево и многу топло со умерена облачност. Утринската температура ќе достигне до 20 степени, а дневната до 39 степени.
Препораките за заштита на Министерството за здравство се согласно најавите на УХМР. Од Министерството апелираат единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од МЗ ги потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Министерството воедно потсетува на општите мерки за заштита до кои треба да се придржуваат граѓаните, особено во овие екстремно топли денови.