Органското производство е иднината на кое треба да се темели идниот развој на македонското земјоделие. Да се произведе органски не е едноставно, но не и невозможно. Можно ли е органско производство на млеко и има ли во нашата држава капацитети кои би го поддржале и понатаму би го развивале органскиот начин на негова преработка. Во Македонија мал е бројот на органски производители на млеко кои заради немањето на капаците принудени се нивното млеко да го предаваат како конвенционално.
Горан Матовски е млад фармер и е од третата генерација на фармата во с.Раотинце, општина Јегуновце кој се занимава со производство на органско млеко. Оттука и називот на фармата е „Органик милк“. Со фармерство се занимавал неговиот дедо, татко , а сега и тој. Никогаш не било во прашање неговото вклучување во работата на фармата бидејќи многу ги сакал животните и пораснал со нив. Оттаму не е случајна неговата определба кон ветеринарната струка. Доктор е по ветеринарна медицина и едно време се занимавал со таа професија, но бидејќи немало поволни услови се насочил кон семејниот бизнис. Состојбата со егзистенцијата била таква што било потребно да се оди кон професионализација на бизнисот. „Органик милк“ е фарма со вкупно 200 грла крави од кои половината се молзни, со молзен просек од 25 литри млеко. Она што го прави поразличен од другите млеко производители е токму органскиот начин на производство и квалитетот кој го постигнува, но нема млекарница која може да ја следи неговата работа.
„Моето млеко го сместуваат во иста категорија како и на другите, затоа што нема некоја млекарница која ќе ме прати и преговара оти не може да ја платат цената како органски производ, па се оди на конвенционално. Заради тоа добивам 10-20% повисока цена бидејќи имам подобар квалитет. Со органско производство почнав пред неколку години кога сакав да набавам механизација за потребите на фармата преку повик на Националната програма кога се добиваше повеќе бодови доколку имам сертификат за органско производство. Јас произведувам органски, но не можам сам да бидам и производител и преработувач, а не можам сам да барам пазар на млекото така одлучив да го продавам како конвенционалното, вели за Зелена берза Горан Матовски. Во мојата околина нема друг кој што произведува органски“, додава тој.
Како што вели има големо разбирање од двете млекарници кои му го откупуваат млекото ЗИК АД Млекара Тетово и млекара Сентис АГ од Џепчиште со кои има долгогодишна соработка. Местоположбата на фармата е таква што може да ги применува принципите од правилниците со пуштен систем и благосостојба на кравите, со висок степен на хигиена.
„Моментално не сме контролирани, но кога би имало некој партнер да го откупува нашето млеко како органско максимално би се вложиле и нормално бенефитот би бил поголем“, вели Матовски.
Инвестиција за робот техника за намалување на недостигот на работна сила
Фармата е опремена на високо ниво со современ молзен систем кој истовремено може да измолзува 10 крави. И покрај тоа што целиот процес е олеснет со механизацијата и технологијата што ја поседува, сепак Горан не може да размислува за понатамошно проширување бидејќи има проблем од недостиг на работна рака. Иако с.Раотинце е село каде што има активни жители, сепак повеќето од нив својата егзистенција ја гледаат со вработување во некоја од фирмите во градовите, а земјоделието им е на второ место така што тешко се доаѓа до потребна работна рака. Кравите се бизнис во кој треба да си присутен 365 дена дење ноќе и во празник и во делник, вели Горан. Смета дека со помош на робот техника ќе може да биде совладан недостигот на работна сила.
„Не размислувам за проширување на фармата иако имам капацитет, можност, идеи. Имам знаење и потребна механизација, можам сè да обезбедам, само од аспект на работници не можам да се ширам. Овој проблем можам да го решам со набавка на „робот“, инвестиција која може да помине преку ИПАРД програмата. Не сакам да сум во оној број фармери кои што се откажале. Сега сум во најдобрите години кога можам да се вложам и ако него набавам тој робот веројатно и јас ќе се откажам од фармерството, бидејќи и јас имам семејство и сакам да имам нормален живот со сопругата и двете деца“, појаснува Горан. Смета дека фармата има одлична местоположба и има идеи кои би било одлично ако ги реализира.
Пивски требер во исхраната за зголемување на млечноста на грлата
Во „Органик милк“ производството на храна е самостојно. На површина од 50ха земјоделска површина се одгледуваат сточен грашок, пченица, пченка и луцерка. Поднебјето е такво што по единица површина се произведува поголема количина на добиточна храна. Последните 4-5 години во составот на храната на кравите е вметнат и пивскиот требер кој ја зголемува млечноста на кравите, а и на овците за 20-30%.
Пивскиот требер е нус производ кој што се јавува во производството на пиво во Скопска пивара. Станува збор за додаток кој во својот состав има 70% јачмен, 20% пченка и 15% ориз. Матовски појаснува дека трошоците за набавката на овој производ се покриваат со самото зголемување на литражата на млеко. Оние фармери што еднаш го набавиле, ги увиделе бенефитите од неговата употреба и продолжуваат да го набавуваат. Матовски е меѓу првите кои почнал да употребува пивски требер во исхраната на кравите. Токму со примената на овој производ го зголемил производството на млеко и стигнал да ја развие фармата на едно високо и професионално ниво. Своето искуство сака да го сподели и со други млеко производители. Одличната соработка и фер однос со Скопска пивара, од каде го зема пивскиот требер, му овозможува моментално да е е единствен дистрибутер низ целата држава и да ги увери останатите колку овој производ му помогнал да ги зголеми количините на млеко. Сите оние кои сакаат да ја подобрат млечноста на своите грла може да го исконтактираат Горан Матовски на тел. број 070/ 797 472.
Павлина Јовановска