fbpx
Вести

Имаме јајца и за ЕУ

Македонските производители на јајца кои од почетокот на годината беа под лупа на европските инспектори за храна добија одобрение да извезуваат во земјите од ЕУ. Уредбата која е објавена во “Службен весник” на ЕУ на 7 јануари годинава стапи во сила пред два дена.

Во неа пишува дека Поранешната југословенска Република Македонија е ставена на список на трети земји од кои консумни јајца може да се внесуваат во земјите од ЕУ, но и да транзитираат низ овие земји. Во истиот “Службен весник” се објавени и ознаките под кои македонските јајца ќе се извезуваат во европските земји.

imame jajca i za eu

 

Во одобрението за извоз од ЕУ стои дека Македонија има програма за контрола на салмонела кај јајцата и има одобрен план за следење на резидуи односно остатоци од пестициди и други отрови во јајцата.

“Можеме да потврдиме дека добивме зелено светло од европските инспектори. Сега нам ни останува задачата да најдеме пласман на пазарите во европските земји. Се работи за мали количини на вишок кој во минатото ни создаваше големи потешкотии во работењето, а сега ќе можеме да го продаваме во поголем број земји”, ни рече вчера Вили Кичуков, претседател на Здружението за живинарство во Стопанската комора на Македонија.

ЕУ бара производителите на јајца да ги спроведуваат препораките за безбедност на храната од ЕУ. Јајцата што ќе се продаваат на нејзините пазари треба да се снесени од кокошки кои се чувани во современи кафези каде што има гуми на кои ќе си ги тријат ноктите и прачки на кои ќе се лулаат. Во моментот само 2,3 отсто од кокошките несилки во земјава се одгледуваат според овие европски стандарди. Останатите се чуваат во старите кафези кои не се според Законот за благосостојба на животните, но со помош од државата, живинарите очекуваат во поголем степен да го адаптираат производството на европските стандарди.

Агенцијата за храна и ветеринарство процедурата за одобрување на извозот на јајца ја започна во 2010 година.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close