fbpx
Без категорија

Интервју со Елгафар Јусуфи -директор на АПРЗ за „Зелена берза“

Задоволниот земјоделец секогаш се враќа кај нас, тоа е нашата најдобра реклама

З.Б-Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) во изминатиот период се наметна како значајна институција за земјоделците. Како функционира АПРЗ, дали сте вистински сервис на земјоделците?

Е.Ј-АПРЗ секогаш била и ќе биде сервис на земјоделците со оглед на фактот дека обезбедува широк спектар на услуги кои во најголема мерка им се потребни на земјоделците. Моментално работиме со 85 вработени лица кои се даватели на совети и директен контакт со земјоделците. Тие советодавци се распоредени низ целата држава во 30 работни единици кои се наоѓаат во поголемите урбани места. Додека пак, во руралните места, во соработка со локалните самоуправи имаме отворено дваесеттина дисперзирани канцеларии со цел нашите услуги да бидат поблиску до земјоделците. Советодавците се постојано достапни до секој оној кој што има потреба од каква било информација и помош од областа на земјоделството и руралниот развој. Нивната експертиза е од различна специјалност, а нивните контакти (мобилен и e-mail) можат да ги најдат на веб страницата на АПРЗ –  www.agencija.gov.mk.

З.Б-Како функционирате во услови на пандемија и економска криза?

Е.Ј-Со оглед на настанатата ситуација со пандемијата од вирусот Ковид-19, веднаш се прилагодивме и преземавме чекори за максимална заштита на здравјето како на нашите вработени, така и на нашите клиенти. Физичкиот контакт во затворен простор, односно во канцелариите го сведовме само на најнеопходен минимум. Тоа значи дека ги ограничивме посетите на земјоделците во нашите канцеларии, а информациите и дел од услугите почнавме да ги обезбедуваме ‘од далечина’ преку достапни дигитални алатки. Информациите, настаните, случувањата, како и советите во најголема мерка ги пласираме преку нашиот веб портал www.agencija.gov.mk, како и на ФБ страницата на АПРЗ. Некои работни единици исто така имаат своја ФБ страница преку која редовно информираат. Непосредните секојдневни контакти со земјоделците, односно директната комуникација советодавците ја извршуваат најчесто по телефон, како и преку алатките за комуникација на социјалните мрежи како Messenger, Viber, WhatsApp, Skype и др. За жал и нашата основна рабoта, а тоа е работата на терен и дирекните посети на нива, на фарма, кај земјоделците и сл. исто така се сведени на минимум. Но, да потенцирам дека обемот на работа воопшто не се намали, ние сепак продолживме да ги даваме сите услуги како и пред пандемијата, особено кога има некој активен повик од мерките за финансиска поддршка. Годинава на земјоделците им излеговме во пресрет и им помагавме во аплицирањето за три мерки од објавени огласи од Програмата за рурален развој, а тоа се набавка на овци и кози, потоа набавка на пчелни матици и свињи, а сега е активен повикот за набавка на специјални комбајни за жнеење на ориз, особено актуелно за Кочанскиот регион. Исто така им помагаме во делот на пријавување на капацитетите за директните плаќања, каде голем број на земјоделци доаѓаат, особено повозрасните кои немаат познавања од компјутерска технологија, не знаат и не можат да аплицираат електронски за да си го остварат правото на субвенции.

 

З.Б-Колку успевате преку едукација, информирање и конкретна помош на терен да ги задоволите барањата на земјоделците?

Е.Ј-АПРЗ преку советодавниот кадар што го поседува, покрај советувањето има улога да врши обука и едукација за подигање на капацитетите и запознавање на земјоделците со многу теми. Во нашата Годишна програма за работа имаме предвидено бројни групни едукативни настани на различни теми, но со оглед на настанатата ситуација со пандемијата и препораките на Владата за заштита од вирусот, скоро е невозможно да ги оствариме овие групни активности со физичко присуство. Секако дека едукативните активности ги задржавме, но со принцип еден-на-еден односно индивидуален пристап. Конкретно во овој период во годината имаме една редовна активност во однос на едукација и запознавање на земјоделците со т.н. ‘вкрстена сообразност’. Накратко, вкрстената сообразност означува сет на активности и услови кои што еден земјоделец треба да ги спроведува и почитува во своето производство како добра земјоделска пракса во однос на заштита на животната средина, доколку сака да биде корисник на средствата од дирекната поддршка (субвенции). За таа цел АФПЗРР по случаен избор, еднаш годишно врши контрола на терен врз определен примерок на земјоделски стопанства и преку дирекна посета на терен утврдува дали земјоделецот овие активности и услови ги спроведува и исполнува. Кај оние земјоделски стопанства каде што контролата ќе утврди неисполнување на условите, Платежната агенција изготвува список и ни го доставува нам во АПРЗ. Ние понатаму сме надлежни ваквите земјоделци да ги посетиме на нивните стопанства и да ги едуцираме, се со цел понатаму да се усогласат со овие правила и да не се доведат во ситуација да бидат казнувани преку процентуално намалување на висината на субвенциите или пак да бидат исклучени од исплатите на субвенции за одреден период. Годинава имаме обврска да едуцираме вкупно 104 земјоделски стопанства, а тоа ќе биде осма година по ред каде го работиме ова. Во изминатиот период до сега, АПРЗ има едуцирано вкупно 1.470 земјоделци кај кои контролата нашла вакви проблеми. Освен ова, пред пандемијата имавме редовни групни средби, работилници, предавања и обуки за оваа тема насекаде по руралните места. Штом се овозможат условите, веднаш ќе продолжиме со ваквите средби, за да допреме до што поголем број на земјоделци, бидејќи се од нивен интерес.

З.Б-Со оглед на тоа дека имате и подрачни канцеларии имате ли бројки колку земјоделци на годишно ниво бараат советодавни услуги од вашите вработени, и како ги оценувате контактите?

Е.Ј-Да, имаме 30 работни единици чии канцеларии се лоцирани во 30 градови ширум државата. Впрочем регионално сме поделени на 8 регионални одделенија, сообразени со територијалната поделба на осумте плански региони, каде секое одделение има по неколку работни единици. Според мониторинг податоците кои ги собираме од поединечните извештаи на секој советодавец, годишната бројка на земјоделци со кои доаѓаме во контакт давајќи ги нашите услуги, варира. За споредба ги земам последните 2 години. Така во 2019 година, опфатот на земјоделци со нашите услуги беше 25.995, додека пак минатата 2020 година (со корона мерки) вкупно сме услужиле 14.445 земјоделци. Тоа во просек доаѓа дека секој советодавец услужува од 170 до 306 земјоделци на годишно ниво. Контактите со земјоделците и пристапот кон нив се одвива на различен начин, зависно од видот на услуга, барањата и потребите на земјоделците, карактерот на активностите, обврските од Годишниот план за работа, задолженијата од Владата или други авторитети и сл. Локациски и по начин на пристап нашата работа е диверзифицирана. Услугата и контактот може да биде остварен во канцеларијата кај советодавецот, но и на терен по селата кај самите земјоделци на нивните површини и фарми. Пристапот може да биде индивидуален еден-на-еден, но и групен при организирање на јавни средби, а секако се трудиме до земјоделската популација да допреме и масовно преку електронските и печатените медиуми, како и преку социјалните мрежи. Во односот и пристапот на нашите советодавци кон земјоделецот секогаш се трудиме пред се тој да биде коректен, професионален, љубезен, пријателски настроен и секогаш во функција да се изнајде решение за поставеното прашање или истакнатиот проблем. На таков начин ја имаме изградено меѓусебната доверба низ годините наназад и затоа секогаш сме добредојдени во нивните домови при теренските посети и секогаш срдечно пречекани.

 

З.Б-Колку земјоделците успеваат да ги искористат мерките кои ги носи Владата?

Е.Ј-Се зависи од мерка до мерка, односно од атрактивноста на мерката и до начинот на кој се аплицира односно од сложеноста и критериумите кои се бараат. Ние како АПРЗ за жал немаме податоци со кои би направиле анализа за тоа колку од апликациите кои што ние сме ги сработиле биле добитни, а колку биле одбиени и од која причина. Ние можеме да кажеме колку земјоделци се заинтересирале и прашале за некоја од мерките и колку од нив побарале помош од нас и аплицирале со наша помош. Можам да кажам дека не е мала бројката која се интересира со оглед на фактот колку земјоделци дошле во нашите канцеларии и колку се јавиле на телефон или прашале преку e-mail. Ако зборуваме за конкретни бројки можам од податоците кои ги собираме на редовна основа да ви кажам дека минатата година сме информирале 2.788 земјоделци кои биле заинтересирани за некоја од мерките од Програмата за рурален развој. Додека пак 387 земјоделци одлучиле да аплицираат со наша помош и поддршка. Ова се бројки во година со пандемија. Додека пак, во 2019 година, сме дале информации на 4.510 земјоделци за ПРР, а преку нас аплицирале 767. Во однос на ИПАРД програмата ситуацијата е следна, во 2020 година информации побарале 3.141 земјоделец, а преку нас аплицирале 1032 земјоделци. Додека пак во 2019, заинтересирани биле 3.820 земјоделци, а со наша поддршка аплицирале 618.

 

З.Б-Колку земјоделците се советуваат со вас за мерките Млад земјоделец и секако една од најактуелните мерки со години наназад Рурална жена?

Е.Ј-Тоа се две атрактивни мерки чија цел е поттикнување на младите луѓе да започнат свој бизнис во земјоделството и да генерираат приходи од него, а со тоа да останат во руралните средини, да не го напуштаат селото и да ја продолжат семејната традиција на своите татковци, дедовци. Секогаш е голем бројот на заинтересирани кои прашуваат како можат да стигнат до тие средства. Минатата година имаше јавен повик за мерката 113 во која се предвидуваа 20.000 евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство кај младите земјоделци до 40 години. 256 млади луѓе со наша помош одлучиле да аплицираат и доставиле барање до Платежната агенција. Кон крајот на 2019 година за првпат беше објавена и мерката 115, со која жените земјоделки за првпат имаа можност да добијат неповратна финансиска поддршка од 3.000 евра. Целта на мерката е да се подобри економската состојба на жените, да се зголеми бројот на регистрирани жени, а со тоа подеднакво да придонесат во развојот на земјоделството. Како за првпат интересот беше значителен, голем број од жените прашуваа за условите и критериумите за аплицирање. Додека пак 324 жени, земјоделки се одлучија и побараа помош од нашите советодавци и ги поднесоа своите барања во АФПЗРР.

 

З.Б-Дали за актуелните мерки земјоделците имаат шанса единствено да се информираат преку медиумите или се оди на терен?

Е.Ј-Вистинската информација добиена навреме е од суштинско значење за денешниот земјоделец и за предизвиците со кои тој се среќава при неговото производство на храна. Затоа водиме грижа навремено и правилно да информираме за се што сметаме дека е од суштинско значење. Начинот на информирање како и за другите услуги кои ги обезбедуваме се одвиваат на три начини: индивидуално, групно и масовно. Индивидуално информираме при теренските активности кога одиме дирекно на земјоделските стопанства, при што најчесто советниците се соочуваат со прашања за се и сешто што ги интересира тековно или ги мачи некој проблем. Индивидуално информираме кога земјоделците доаѓаат најавено или ненајавено во канцеларија кај советодавецот. Информирањето преку телефон е исто така чест метод. Но, исто така се користат и дигиталните средства и социјалните мрежи за информацијата да стигне до земјоделецот. Во АПРЗ веќе неколку години наназад имаме воспоставено централизиран систем за информирање преку смс пораки. Преку овој систем пласираме информации од јавен интерес наменети за целата земјоделска популација. Корисници на смс пораки од овој систем се земјоделците кои ќе изразат желба редовно да добиваат ваков тип на информации. За пријавување доволно е покрај името и презимето и местото на живеење да го достават својот број од мобилниот телефон на кој ќе ги добиваат пораките. На тој начин градиме податочна база на клиенти преку која моментално имаат можност да добиваат смс информации околу 3.000 земјоделци. За групно информирање претежно ги користиме јавните собири на лице место, инфо деновите, информативните работилници и слични групни средби кои претходно ги објавуваме каде и кога ќе се одржат. Но заради пандемијата групните средби со физичко присуство се ставени на мирување. Додека пак, за масовно информирање најчесто информациите ги пласираме преку нашата веб страна, ФБ страна, електронските медиуми како ТВ кога новинарите доаѓаат да земат изјава за некоја актуелна тема, како и радиото, но многу поретко. Секојдневно максимално се трудиме информираноста да ја подигнеме на уште повисоко ниво имајќи ги во предвид капацитетите и лимитираните ресурси со кои располагаме.

З.Б-Дали вашите советници целосно го подготвуваат барањето, односно апликацијата на заинтересираниот земјоделец? Дали за тоа плаќаат некаков надоместок? И дали водите евиденција колку од сработените апликации од вашите советници успешно се прифатени и реализирани?

Е.Ј-Без разлика за која програма или мерка се работи, приказната од прилика оди вака. Земјоделецот најавува средба кај советодавецот во своето место или регион на живеење. На таа средба најчесто обострано се разменуваат податоци и информации и се разговара за начинот, критериумите, условите, документите и се друго што го интересира потенцијалниот апликант. А советодавецот собира податоци за неговите капацитети со кои располага, видот и обемот на производство, неговиот пласман, финансиите со кои располага и намерата која ја има за да аплицира за одредената мерка. Од собраните податоци и направената проценка, советодавецот го советува земјоделецот во која насока да се движи и дали и која инвестиција му е потребна и кој е најлесниот начин да ја оствари. Обично после ваквите информативни средби, земјоделците во поголемиот број на случаи се одлучуваат да аплицираат и повторно доаѓаат кај советодавецот се со цел да ја отпочнат постапката на подготовка на барањето. Доколку барателот изрази желба, советодавецот може целосно да го подготви барањето заедно со деловниот план или технички предлог проект, а барателот е обврзан да си ја прибави целата неопходна документација што се бара во повикот. Но, често се случува барателот да бил на друго место за пополнување на барањето и изготвување на планот, но повторно доаѓа кај советодавецот за да направи проверка дали е се во ред. Сепак, се посигурни кога ќе добијат потврда од советодавецот заради долгогодишното стекнато искуство и квалитетот на досега изработените апликации. Доколку се извади некој просек од изминатите години, од вкупно доставените апликации во АФПЗРР, 80-90% од апликациите се изготвени од советодавец на АПРЗ. И на крајот да не заборавам да напоменам дека АПРЗ за која било обезбедена услуга, па вклучително и за оваа, не бара надоместок од клиентите, односно услугите за земјоделците се бесплатни.

 

З.Б-Имате ли податоци, колку земјоделци искористиле средства и грантови од државата преку програмите ИПАРД и ПРР во последните години од кога сте вие на чело на Агенцијата?

Е.Ј-Јас само можам да излезам со податоци за тоа колку земјоделци аплицирале со наша помош, односно на колкав број земјоделци сме им обезбедиле таков вид на услуга, за што водиме прецизна евиденција. Но,не би можел да кажам колкав број од нив успеале да ги добијат финансиските средства, бидејќи на ниво на сектор не е воспоставен меѓуинституционален систем со кој ќе се дисеминираат таквите податоци од АФПЗРР (со која имаме блиска и одлична соработка) према нас, па и кон останатите субјекти кои даваат ваква услуга, се со цел да може да се измери успешноста и квалитетот на подготовка на барањата. Се надевам дека во скорешна иднина ќе се воспостави и тој систем. Но, неформално најчесто се добива податок за задоволството на клиентот кога радосната вест за добивање на позитивно решение истиот ќе ја соопшти на советодавецот. Исто така голем е бројот на баратели кои понатаму доаѓаат кај советодавецот за да го подготви барањето за исплата на добиените средства. Задоволниот клиент секогаш се враќа кај нас, а истиот е и најдобра реклама за нас, бидејќи не препорачува на останатите земјоделци.

 

З.Б-АПРЗ е една од ретките државни институции која е дисперзирана и не е во главниот град. Па на една ваква дистанца, дали вашата Агенција го има потребното внимание од Владата, поддршката која е сепак во насока на земјоделците?

Е.Ј-АПРЗ е национална институција и со својата мрежа на канцеларии, односно работни единици е присутна во целата држава како јавен советодавен сервис во земјоделството. Точно е и тоа дека главната канцеларија, односно дирекцијата од каде се координираат сите активности и се врши мониторинг и контрола на работата, се наоѓа во Битола. И веројатно е единствена државна институција чие што седиште се наоѓа надвор од главниот град Скопје. Вака е веќе 23 години откога во 1998 година со тогашната реформа во овој сектор, со помош на проект од Светска Банка, со специјален закон беше формирана АПРЗ во овој формат, преку спојување на дотогашните центри за унапредување на индивидуалното земјоделство. Предизвиците во функционирањето во овие 23 години секогаш биле големи, но сепак АПРЗ успеваше да им одолее и да биде сервис на земјоделците на најдобар можен начин. Бројот на вработени е во континуиран пад по основ на одлив заради пензионирање и други причини. Буџетот, поточно средствата за извршување на теренски активности, за обуки на советодавците, за надгледни средства и алатки за на терен, теренски возила, ИКТ опрема, реновирање и опремување на канцелариите, како и други неопходни работи постојано недостасуваат. Буџетските средства се ограничени и мора да се прилагодуваме според насоките на Владата во распределбата на средствата од државниот буџет. Но и покрај ваквите состојби, ме радува фактот дека во текот на мојот мандат во АПРЗ некои од претходно кажаните состојби се поместија од мртва точка. Владата со која имаме одлична соработка сепак одговори позитивно на моите барања и заложби и најде начин да ни обезбеди поддршка согласно своите можности. Така, во 2019 година, за прв пат од формирањето на АПРЗ започнавме со обновување на застарениот возен парк со набавка на седум нови возила кои веднаш ги распределивме во регионалните центри, потребни за извршување на теренските и другите секојдневни активности. Длабоко сум уверен дека набавката на нови возила ќе продолжи и наредната година, бидејќи планот ми е секоја од триесетте работни единици да добие барем по едно ново возило за на терен, што е од суштинско значење за поголемо присуство на советодавците во руралните подрачја дирекно кај земјоделците, каде што сме најпотребни. Понатаму, исто така за прв пат по две децении добивме средства за реновирење на објектите во наша сопственост каде што се сместени канцелариите на работните единици. Тоа се претежно стари дрвени бараки кои се во многу лоша состојба и не ги задоволуваат основните услови за работа, а згора на се генерираат многу трошоци за нивно функционирање. Веќе минатиот месец започнавме подготвителни активности и направивме план кои од објектите ќе бидат приоритетни за реновирање во оваа фаза во рамките на одобрените средства. Во наредната фаза, за наредниот буџетски период ќе се потрудам да се продолжи со поддршката за реновирање на сите вакви објекти. Со реновирањето не само што ќе се подобрат условите за вработените, туку и ќе се намалат трошоците за одржување, бидејќи ќе се подобри енергетската ефикасност на самите објекти. Трета година во континуитет вршиме набавка на нова компјутерска техника, со што правиме замена на застарените компјутери, лаптопи, печатачи и друга потребна опрема. Обезбедени се и средства за софтверско решение за автоматизација на административните процеси, со кое во голема мера ќе се унапреди и олесни досегашното конвенционално работење во системот за мониторинг и евалуција, односно во делот на собирање и евиденција на податоци за обезбедените советодавни услуги, нивна аналитика, како и градење на податочни бази како за човечките ресурси на АПРЗ, така и за корисниците на нашите услуги.

З.Б-Дали Агенцијата е комплетно дигитализирана, во сите процеси?

Е.Ј-Дигитализацијата во денешно време е нешто што не се доведува во прашање, бидејќи влегува во културата на секојдневното живеење. Во денешно време се повеќе се зборува и активно се работи на полето на дигитализација во земјоделството. Од овој аспект, дигитализацијата треба паралелно да се воведува и во функционирањето на давателите на советодавни услуги. Па оттаму и ние како институција го имаме фатено тој чекор на развој како неопходност и прилагодување. Со дигитализацијата одиме постепено и во согласност со нашите скромни можности. Агенцијата се уште не е целосно дигитализирана, но целта ни е да ги дигитализираме сите работни процеси каде што е тоа применливо. Кога зборуваме за давањето на услуги и информации, АПРЗ располага со сопствен веб портал кој воедно претставува виртуелен центар за советодавни услуги. Порталот www.agencija.gov.mk содржи пишани и видео материјали за едукација и информирање на земјоделците за примена на технологии во производство. Покрај агро-технолошките совети, страницата обезбедува и информации за земјоделците во врска со цените на земјоделските производи, најнови вести, временска прогноза, а содржи и многу други информации кои се од полза на земјоделците. Воспоставен е и YouTube канал каде што преку линк може да се пристапи директно од веб страната. Тука се поставени видео материјали со активности на АПРЗ и корисни информации и совети за земјоделските производители. Воспоставено е поврзување на порталот со Facebook, при што сите поставени содржини од веб страната можат истовремено да се најдат и на ФБ страната на АПРЗ, со што корисниците полесно можат да дојдат до содржините.

За масовно информирање користиме веб базирано решение за испраќање на смс пораки до корисниците кои се регистрирале да добиваат вакви пораки. Преку оваа алтка корисниците најчесто добиваат содржини за актуелности, новитети, информации, термини за тематски средби, инфо денови и сл.

Деловната комуникација како и протокот на поголемиот дел на документацијата помеѓу различните организациони единици се извршува преку електронска пошта.

Согласно заштитните мерки и протоколите за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19, физичкиот контакт помеѓу вработените максимално го избегнуваме и редовните состаноци, информативните средби, внатрешните обуки, работилниците, консултациите и сл. ги одржуваме преку ZOOM платформата за која набавивме едногодишна лиценца. Во сметководството користиме софтвер за платниот промет каде што се обработуваат податоците, обработката на платите, но тука во иднина ќе треба унапредување. Но, останатата евиденција и обработка на документација во делот на архивско работење, човечки ресурси, планирање, мониторинг и евалуација се врши на конвенционален начин. Во овој дел потребна е набавка на софтверски решенија со што ќе се дигитализираат бројни процеси во делот на административното работење. Тоа од една страна ќе доведе до скратување на времето за обработка, елиминирање на грешки од техничка природа и истовремено ќе ја подобри оперативната ефикасност. Во наредниот период во план е дигитализација на собирањето на податоци од земјоделските стопанства преку набавка на таблети за советодавците кои би ги користеле при своите теренски активности. Тоа ќе го обезбедиме во текот на наредната година преку проект од ИНТЕРРЕГ програмата за прекугранична соработка, кој неодамна го добивме и за кој поопширно ќе информираме понатаму.

 

З.Б-Колку вашите советници се во тек со европските случувања, дали практикувате континуирана обука и едукација за нив?

Е.Ј-Во перспектива, а и од аспект на определба, нели, нашите аспирации се да станеме земја членка на ЕУ. Па оттаму од суштинско значење е прилагодување и усогласување на нашето земјоделство со заедничката земјоделска политика на ЕУ – CAP. Неминовно е како АПРЗ да ги следиме сите актуелности од таа политика особено онаа на генералниот директорат за земјоделство – DG AGRI. Со отпочнувањето на преговорите за нас најзначајно ќе биде отворањето на Поглавјето 11 „Земјоделство и рурален развој“. Клучните институции што го покриваат овој сектор треба во континуитет да се подготвуваат за своите преговарачки позиции. Европската Комисија (ЕК) прави скрининг, што претставува формална и техничка операција со цел подготовка на преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на правото на ЕУ и состојбата во земјата кандидат во однос на него. За таа цел во месец декември 2019 година во Брисел се одржа објаснувачкиот состанок за прифаќање на законодавството на ЕУ (Acquis Communautaire) како дел од скринингот. Претставници на АПРЗ учествуваа во делегацијата организирана од Секретаријатот за Европски Прашања – СЕП, заедно со претставници на МЗШВ, АФПЗРР, ДИЗ и др. Во период од 4 дена, претставници на ЕК детално го презентираа правото на ЕУ во делот на Поглавјето 11, како прва фаза. А потоа како втора фаза е планирано да се одржат билатерални состаноци со секоја држава и секоја засегната институција од конкретното поглавје. Тоа се прави со цел земјата кандидат, односно нејзините институции да го оценат степенот на подготвеност, да бидат информирана за идните планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите. Овој процес се уште е во тек, а втората фаза се оддолжува заради моменталната ситуација со пандемијата. Кога станува збор за меѓународната соработка и активности, АПРЗ во континуитет зема активно учество на сите вебинари каде сме поканети од различните организации и институции особено од ЕУ и ФАО. Во последниот период најчести теми се предизвиците во производството на храна наспроти пандемијата. АПРЗ е долгогодишна и активна членка на SEASN (South Eastern Europe Advisory Service Network) – Мрежа на советодавни услуги на Југоисточна Европа. Мрежата е со седиште во Загреб и водена од Советодавната служба на Хрватска. АПРЗ зема активно учество со свои претставници во собранието, управниот и надзорниот одбор. Овде сме здружени со институции и организации сродна на нашата АПРЗ, кои доаѓаат од земјите во регионот. Со нив имаме тесна соработка и разменуваме разни искуства и корисни информации од областа на земјоделството. Исто така градиме партнерства за заеднички настап на ЕУ проекти. Исто така членуваме во EUFRAS (European Forum for Agricultural and Rural Advisory Services) – Европски форум за советодавни услуги во земјоделството и руралниот развој. EUFRAS е европска мрежа и репрезентативно здружение на јавни и приватни советодавни служби.

З.Б-Што е она што како прв човек на АПРЗ планирате за годинава? И дали има шанси покрај актуелната ситуација со пандемија да се реализира или ќе се чекаат подобри времиња?

Е.Ј-Со оглед на пандемијата и мерките кои произлегуваат од неа, плановите се мирно и безбедно да ја заокружиме годината согласно Годишниот план за работа на АПРЗ. А тоа пред се се однесува на квалитетно, навремено и пред се безбедно (со почитување на сите протоколи) обезбедување на нашите услуги до земјоделците и давање на целосна помош и поддршка што им е потребна. Тоа пред се се однесува во делот на јавните повици кои се во тек и кои ќе се објават до крајот на годината за мерките од националната програма за рурален развој и ИПАРД програмата, за да можат на полесен и сигурен начин да стигнат до посакуваните финансиски средства. Да бидеме присутни на терен, онолку колку што дозволува ситуацијата, се со цел да им ги пренесеме на земјоделците најновите сознанија што се однесува на примена на агро-технички мерки во нивното производство. Стручно и квалитетно да ги советуваме за да остварат поголем принос и приход. Навремено да превенираат или соодветно да се справат со болестите и штетниците, правилна и навремена нега на растенијата и животните преку правилна прихрана и исхрана. Да ги едуцираме и запознаеме со сите правила и услови кои треба да ги исполнат за непречено да ги остварат своите права, особено правото на субвенции. Редовно, навремено и соодветно да им пласираме информации за сите актуелности што се значајни за нив. Соодветно да ги насочиме во донесувањето на правилна и најкорисна одлука за нивното земјоделско стопанство, како во делот на производството, така и во делот на инвестициите. Да продолжиме со собирањето на квалитетни сметководствени податоци за фарма во делот на ФАДН од околу 800 земјоделски стопанства. Овие податоци понатаму МЗШВ ги користи за планирање и креирање на соодветни политики во земјоделскиот сектор. Да го заокружиме процесот на реновирање на дел од работните единици. Да набавиме софтвер за автоматизација на работните процеси и да го подобриме системот за мониторинг и евалуација. Да го зачуваме здравјето и безбедноста на вработениот. На крајот сакам да истакнам дека максимално се трудиме да бидеме на помош од прва рака на земјоделецот, се со цел да им го олесниме или подобриме животот во руралните подрачја. Сепак ние за нив постоиме и за секоја потреба можат да се обратат до нас, до нашите советодавци, кои на најдобар можен начин ќе им помогнат да се справат со нивните предизвици. Мојата порака до нив е: Земјоделецот има каде да се обрати. Побарајте не, ние секогаш ќе ви бидеме достапни!

 

Христина Фуна

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close