Интервју со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски за „Зелена берза“
Димковски-Земјоделците да ги насеат и посадат нивите, домашното производство е најважно особено сега -За жал, овој период треба да ја имаме во предвид глобалната пандемија од коронавирусот, којашто освен последици по здравјето на граѓаните, ќе предизвика и последици врз економијата, вклучувајќи го и секторот земјоделство, но Владата веќе презема сет економски мерки кои треба да го ублажат ударот врз економијата од оваа пандемија, вели министерот Димковски во разговор за „Зелена берза“.
Интервју со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски за „Зелена берза“
З.Б-Со оглед на состојбата со ширење на коронавирусот во нашата држава, какви се препораките за земјоделците во оваа вонредна состојба?
Димковски-Нашата држава се наоѓа во еден од најтешките периоди, пред сериозен предизвик – вирусот КОВИД 19. Примарна задача на сите нас и како институции и како граѓани е заеднички да придонесеме за заштита на здравјето, а тоа ќе го постигнеме само преку почитување на препораките од Владата. Ја користам оваа прилика да упатам посебна поддршка до здравствените работници, армијата, полицијата и сите кои учествуваат во заштита на јавното здравје. Секако, упатувам поддршка и до вработените во супермаркетите, аптеките, медиумските работници и сите кои се на работните места за да ги опслужат потребите на граѓаните. Во делот на земјоделството, секако треба да се почитуваат препораките од Владата. Во тек е пролетната сеидба на пченка и сончоглед и таа треба да продолжи непречено. Земјоделците треба да продолжат со редовните активности, да ги насеат и посадат нивите, затоа што домашното производство е најважно, особено во овој период.
З.Б-Како функционираат институциите од секторот земјоделство во овој период, и се она што е поврзано со земјоделство, сточни пазари, земјоделски аптеки, набавка на репроматеријали?
Димковски-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, секојдневно ја следи состојбата со ширењето на коронавирусот од аспект на влијание врз земјоделството. Вонредната состојба не значи дека работата на Министерството и на другите надлежни институции е сопрена, сите активности се одвиваат непречено во насока на опслужување на потребите на земјоделците. Платежната агенција и во овој период како и досега, продолжува со редовна исплата на субвенции. Земјоделските аптеки работат и земјоделците можат редовно да се снабдуваат со заштитни средства и се што им е потребно за непречено извршување на редовните активности.
Со одлуката на Владата за воведување на посебни протоколи за транспорт и набавката на сточна храна ќе се одвива непречено, исто така и набавката на репроматеријали, односно заштитни средства, ѓубрива, семе, саден материјал и друго. Агенцијата за храна и ветеринарство, од безбедносни причини, донесе одлука за затворање на сточните пазари. Движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба.
З.Б-Во нормални услови сега е шпицот за извозот на јагне, како се одвива во оваа состојба и како ќе постапи државата доколку се јави проблем да не може во целост да се извезе нашето јагне?
Димковски-Транспортот на стока не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи. Ние сме во постојан контакт со одгледувачите на јагниња и со откупувачите, за извоз на јагниња. Во моментов извозот во Италија се одвива забавено, поради проблемот што го имавме со транспортот. Во постојана комуникација сме со откупувачите, и освен традиционалните пазари како Италија, Хрватска, Грција, се бараат и други алтернативни пазари за извоз на јагнето. Едни од тие можат да бидат Ирак и Јордан, со кои нашите трговци се обидуваат да воспостават врски кои и досега ги имале за да може и таму да се извезува. Може да се каже дека поради состојбата со коронавирусот и забавениот откуп, веќе имаме и прераснато јагне кое може да го пласираме на таквите пазари. Ќе ја следиме состојбата, и секако доколку има потреба, со соодветни мерки ќе им се помогне на сточарите да ги покријат загубите, коишто ќе бидат донесени заеднички и во комуникација со сточарите и откупувачите на јагне.
З.Б-Од позиција на прв човек на МЗШВ колку субвенциите и нивната редовна исплата придонесуваат за развој на земјоделството во државата?
Димковски-Субвенциите придонесуваат за развој на земјоделството доколку истите се инвестираат во производството и се исплаќаат навреме кога им се потребни на земјоделците. Примарната цел на парите што државата ги дава за земјоделците, е да се помогне во намалувањето на трошоците за производство, да се зголеми и модернизира земјоделското производство, да ги мотивираме земјоделците да останат во родните краеви, да не го напуштаат земјоделството како дејност. На исполнувањето на овие цели работиме во изминатиот речиси тригодишен период, преку воведување на нови мерки во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и усогласување со европските регулативи. Воспоставивме отворена и транспарентна комуникација со земјоделците, секоја мерка што ја воведуваме е во консултација со нив и во интерес на земјоделците. Исто така, воспоставивме пракса на навремена исплата на субвенциите, тогаш кога им се потребни на земјоделците пред почетокот на новата производствена сезона. Од почетокот на мандатот до сега се исплатени околу 400 милиони евра за субвенции во агро-секторот. Во овие исплати спаѓаат и оние по основ на заостанатите обврски од 2012, 2013, 2014, 2015 година. За оваа Влада, интересот и достоинството на земјоделецот е на прво место, нема повеќе списоци, нема селективна исплата, секој што е вистински земјоделец и што ги исполнува условите, добива субвенции.
З.Б-Колку Владата предводена од СДСМ успеа во предизвикот да ги подобри состојбите во земјоделието во земјава преку ИПАРД програмите?
Димковски-Во моментов до 14-ти април е отворен повикот за мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ од ИПАРД 2, иако морам да нагласам дека поради состојбата со коронавирусот, се работи на соодветно решение околу роковите и апликациите за имплементација на ИПАРД програмата. Се разгледуваат сите можни опции кои се и интерес на барателите и за кратко време ќе излеземе со потребните информации.
Инаку, мерките преку ИПАРД 2 нудат можност за инвестиции во преработувачки капацитети за производство на финални производи со поголема додадена вредност, којшто ќе бидат поконкурентни на странските пазари, ќе достигнат повисока цена, што крајно за нас како држава ќе значи и поголем девизен прилив од извозот на земјоделско-прехранбени производи. Ефикасната искористеност на овие европски фондови е од големо значење за развојот на нашето земјоделство, и затоа изминативе три години посветивме големо внимание на доближување на овие фондови до земјоделците, во однос на олеснување на административните процедури, едукативни кампањи и друго. Секој кој што има идеа, добар бизнис план, може да конкурира за овие мерки и да добие финансиска поддршка за кофинансирање на инвестициите во преработувачки капацитети во различни сектори од земјоделството, или да произведува суровина во случајов за бебешки каши. За прв пат после 12 години Р.С.Македонија не враќа пари назад во Европската унија поради неискористени средства за ИПАРД, туку нам поради зголемениот интерес за мерките ќе ни требаат плус пари. За досега објавените повици од ИПАРД 2, склучени се 1.636 договори со вкупна вредност од над 37,61 милиони евра што е 47 проценти од расположливите средства од ИПАРД 2. Реализирани и исплатени се вкупно 849 договори со вкупна вредност од 13 милиони евра. Само за споредба во текот на целиот програмски период ИПАРД 1 програмата 2007-2013 беа склучени 1.369 договори со вкупна вредност од 48,5 милиони евра. Од нив беа реализирани 1.091 договор во вредност од 33,8 милиони евра, вкупната вредност на исплатена финансиска поддршка за реализираните договори изнесуваше 16 милиони евра односно искористеност на ИПАРД 1 изнесуваше само 17 проценти.
З.Б-Кои се најуспешните мерки, кои вродија со плод, што оваа Влада ги спроведе за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој?
Димковски-Нашата цел од почетокот на мандатот беше да ги исполниме ветувањата од изборната програма, и во овие изминати речиси три години, успеавме во тоа. Ветивме намалување на производствените трошоци во земјоделството преку воведување на „зелена нафта“, и го исполнивме ветувањето. Поделивме зелени картици на околу 55.000 земјоделци со што назад кај земјоделците враќаме околу 200 милиони денари. Земјоделците веќе ги користат картичките со коишто државата ги кофинансира со 30 отсто трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација. Во новата Програма за директни плаќања процентот на кофинансирање е зголемен на 50 отсто. До крајот на мандатот во изборната Програма на СДСМ дефиниравме овој процент да биде 100%.
Преку мерката за поврат на персоналениот данок на доход кај 17.000 земјоделци со основна земјоделска дејност се вратија околу 80 милиони денари. За оваа мерка, го зголемивме прагот од 300 илјади денари на 1 милион денари, а оваа година прагот ќе се зголеми на 2 милиони денари. Ги променивме критериумите за финансиска поддршка на младите земјоделци со цел поголема вклученост во секторот. А од оваа година неповратната финансиска поддршка за младите земјоделци ја зголемивме од 10.000 на 20.000 евра. Имаме успешна реализација на инвестициите преку мерките од ИПАРД 2, поради политиките кои ги спроведовме, бројките веќе кажав погоре.
З.Б-Создадовте услови за зголемено учество на жените во агросекторот. Што се‘ се направи за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини?
Димковски-Инвестирањето во жените земјоделки е инвестирање во еднаквите можности за сите во државата. Затоа преку Програмата за рурален развој ја креиравме мерката „Активен женски член во земјоделското домаќинство“, за финансиска поддршка за жените од руралните средини, со којашто ќе ги поттикнеме да се занимаваат со земјоделство, а со тоа подеднакво ќе придонесат во развојот на овој сектор. Интересот и за оваа мерка е голем, на јавниот повик пристигнаа 402 барања од жени земјоделки. Максималната финансиска поддршка е во износ од 180.000 денари или 3.000 евра во форма на грант. Оваа мерка е наменета за проекти коишто се однесуваат на доработка и преработка на примарни земјоделски производи од сите земјоделски гранки. Воедно, преку мерката жените земјоделки можат да набават опрема за постбербени активности, за преработки на фарма и за директен маркетинг на фарма. Основата цел на мерката е да ја подобриме економската состојба на жените, да се зголеми бројот на регистрирани жени и крајно да придонесеме за вреднување на трудот на жените земјодели.
З.Б-Која е патеката по која треба да се движи македонскиот аграр во наредната декада?
Димковски-Земјоделството како сектор има значителен удел во економскиот раст и е еден од столбовите на македонската економија. Затоа посветуваме посебно внимание на политиките кои ги спроведуваме за овој сектор, со посебен акцент на развојни мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика учеството на земјоделството во вкупниот бруто домашен производ во 2019 година бележи растечко ниво и изнесува 3,8 отсто. Овој податок е показател дека земјоделството покажува нагорен тренд на зголемен извоз и производство. Неколку показатели придонесоа за зголемувањето на учеството на земјоделството во БДП. Во 2019 година извозот на земјоделско-прехранбени производи во споредба со 2018 година бележи пораст од 14,5%. Ова е највисоката вредност на извозот на земјоделско-прехранбени производи досега. Дефицитот во трговската размена со земјоделско-прехранбени производи бележи намалување во споредба со 2018 за 13,8 отсто или во апсолутна бројка од 246,6 милиони евра во 2018, на 212,6 милиони евра лани. Ова значи, дека во 2019 увозот на земјоделски производи е помал за 34 милиони евра. Како земја кандидат за членство во ЕУ, и македонското земјоделство треба да се движи кон таа патека, кон модернизирање на производството и исполнување на европските стандарди. Секако она што е најважно за една држава е да има доволно домашно производство за покривање на потребите, тоа е еден од нашите врвни приоритети, да создадеме услови за зголемено домашно производство, да се намали увозот на храна, а да се зголеми извозот. Очекувам дека со мерките и политиките кои ги преземаме ќе ја постигнеме таа цел. За жал, овој период треба да ја имаме во предвид глобалната пандемија од коронавирусот, којашто освен последици по здравјето на граѓаните, ќе предизвика и последци врз економијата, вклучувајќи го и секторот земјоделство, но Владата веќе презема сет економски мерки кои треба да го ублажат ударот врз економијата од оваа пандемија.
Анета Блажевска