вести

Инвестиции во инфраструктурата во општината Кривогаштани

Со зголемен интензитет продолжуваат активностите за реализација на повеќе инфраструктурни проекти во општината Кривогаштани. Почна изградбата на нови улици со тротоари, а парите за оваа инвестиција во висина од 250.000 евра се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој. Три улици ќе бидат во Кривогаштани, а една во населеното место Славеј.

investicii vo infrastrukturata vo opshtinata krivogashtani

 

– Населените места Славеј и Кривогаштани, низ кои води регионалниот пат кон Крушево, всушност се лице на општината и за многубројните туристи што секојдневно минуваат тука. Со подобрување на квалитетот на инфраструктурата, на нови сообраќајници и тротоари, ќе ги привлечеме и туристите да ја посетат нашата општина и накратко да се запознаат со она што е знаменитост на општината. Инвестициите примарно го подобруваат животот на месното население, обезбедувајќи безбеден и непречен сообраќај вели градоначалникот Тони Заткоски.

Со кредит од Светска банка, во висина од 200.000 евра, ќе се градат три нови улици во должина од 2,5 километра. Целта на локалната власт е да го подобри квалитетот на животот на граѓаните од населените места: Воѓани, Обршани, Бела Црква и Кривогаштани.

– Со изградба на овие три улици ќе се олеснат животот и секојдневието на месното население и на сите учесници во сообраќајот. Изградбата на овие сообраќајници е една од нашите цели. Но секако дека напорите на локалната самоуправа и моите како градоначалник се во правец на асфалтирање и санирање на ударните дупки на сите сообраќајници во општината додава Заткоски.

Тој истакнува дека во рамките на активностите за подобрување на сообраќајот на главните артерии во општината и особено за превенција од поплави, на потегот Кривогаштани-Подвис, во тек се активности на „Македонија пат“ за чистење на испустите и каналите крај патот.

Освен на инфраструктурата, општината работи на подобрување на квалитетот на живот и во другите сфери. Во таа насока е потпишан договор со фирмата „МЗТ инженеринг”, која ќе биде изведувач на градежните работи за реконструкција на покривот, на објектот во кој се сместени општинскиот клуб на пензионери и Домот за противпожарна заштита. Оваа инвестиција ќе се реализира со средства од општинскиот буџет во висина од околу 500.000 денари.

Центарот на општината годинава ќе добие нов лик. Ќе се изгради нов кружен тек, непосредно до плоштадот. Ќе се асфалтира и ќе се уредува со тротоари и улицата што води кон населеното место Подвис, а во првата фаза ќе биде асфалтирана до градинката „Весело штркче”. Освен тоа, во Славеј наскоро ќе започнат градежните работи за изградба на канализациската мрежа, проект за кој општината Кривогаштани потпиша договор со прилепската градежна фирма „Изофас“. Во рамките на проектот вреден 510.000 евра, нова канализација ќе добие и населеното место Крушеани.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close