fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецРурална ЖенаТоп вести

Ирена Змејкоска-Жената земјоделец е сам свој газда

НАША ПРИКАЗНА - Се чувствувам како Ленка од песната на Кочо Рацин, затоа велам Здружението „Тутунска надеж“ е надеж и за жената тутунар, вели Ирена прва жена член на тутунарско здружение во државата.

Жената земјоделец си е сам свој газда и тука е предноста на земјоделието, вели Ирена Змејкоска (36), регистриран земјоделец, тутунопроизводител од Пелагонија. Семејството на Ирена е од Тетово, но животот во последните 6 години ги однесе во Прилеп, каде во потрагата по егзистенција ги натера да се занимаваат со тутунопроизводство. Семејството трета година обработува тутун на површина од 8 декари, изнајмени ниви и со наем на механизација вложува максимален труд за да произведе што поквалитетен тутун и да го научи „занаетот“ на тутунопроизводството за кое прилепчани се вистински мајстори.

-Тутунопроизводството го прифатив затоа што не можев да се вработам во фабриките, бидејќи се оди на смени, а децата ми се малолетни и не можам да ги оставам сами. Сопругот е вработен, а јас размислив дека за мене е прифатливо земјоделието, токму поради фактот што во однос на времето и работата во земјоделието си сам свој газда. Децата сега можам да ги однесам на нива, но кога би работела во фабрика сигурно не би можела да ги чувам покрај мене, вели младата и амбициозна Ирена која е економски асистент.

Ирена, не случајно се определи за тутунопроизводство, вели дека за оваа земјоделска гранка влечи корени од нејзината баба по мајка, од прилепското село Мажурчиште, каде уште како дете помагала во обработката на тутунот.

-Гледав и помагав уште од мала во обработката на тутунот, а моето семејство во Тетово произведуваше грав, но можам да споредам и да кажам дека гравот е потежок за работа отколку тутунот, вели таа.

Годинава Змејкоски произведоа 900 кг тутун, речиси двојно повеќе од минатите две години, но како што вели Ирена, маката и трошоците пораснаа, а заработката остана иста поради катастрофално лошиот откуп на тутун.

-Ние сме нови тутунари, животот не донесе од Тетово во Прилеп каде започнавме со обработка на тутун, годинава произведовме најмногу тутун мислејќи дека и заработката ќе биде поголема, бидејќи и потребите на семејството беа поголеми, децата учат онлајн и мора да имаат услови за тоа. Но, со катастрофалниот откуп и ниските цени се покажа дека заработивме исто како лани кога произведовме 500 кг тутун. Сиот тутун го предадовме за просечна откупна цена од 165 денари, од кои само еден пакет околу 10,5 кг ни го проценија прва класа, и тоа како ‘награда’ зошто тутунот ни беше беспрекорно сортиран, лист по лист одвоен, вели Ирена обесхрабрена што годинава како и многу тутунари поради лошиот откуп не ќе можат да ги покријат трошоците за производство.

Како млад земјоделец Ирена го поддржува ставот, производство на тутун да биде однапред договорено, и да се произведува онолку колку што со откупувачот се направени договори.

-Ние, годинава немавме вишок на тутун, произведовме толку колку што имавме количини според договорите. Како млади земјоделци сакаме производството да биде регулирано, зошто тутунот не е пипер, па ако ти остане не можеш да го продадеш на пазар, значи не е храна што може да се изеде. Значи производството мора да е планирано, неприфатливо е непланирано да произведеш 4 тони вишок на тутун, тогаш тутунарот се соочува со ризик дека родот нема да му биде откупен, порачува Змејкоска.

Нивата под тутун Ирена вели дека им е осигурена од штети, но засега не добиле ни денар обесштетување за градот што го погоди тутунот на 19 август лани. Владата се уште не им ги исплатила на осигурителните компании тие 60 проценти субвенции од декар, како обештетување за осигурувањето на тутунот од временски непогоди.

-Полиса за нивата имам, ама парите за штети никако да ни се исплатат, ниту имаме информација зошто не ги исплаќаат парите, вели Ирена.

Здружението „Тутунска надеж“ е надеж и за жената тутунар

Ирена е прва и засега единствена жена член на новоформираното здружение на тутунари „Тутунска надеж“ од Прилеп, кое се основа годинава како потреба да се заштитат правата на тутунарите од лошата откупна политика и состојбите со тутунот годинава.

-Максимално ги поддржувам тутунарите од „Тутунска надеж“ да истраат во својата цел и намера. Во вакви услови на поделеност меѓу тутунарите потребно беше здружение кое ќе ги обедини и ќе се бори за нивните права пред институциите и откупувачите. Здружението „Тутунска надеж“ си постави цели и задачи, ќе работи во интерес на тутунарите и се самофинансира, членувањето е доброволно со потпишување на пристапници нешто ново за тутунарите, што ги плаши да потпишат пристапница. Бидејќи досега никој не ги прашал во кое здружение да членуваат и на кого да се обратат доколку наидат на проблем. А тоа беше уште еден плус да ги поддржам. Но, за жал јас сум првата жена член на тутунарско здружение во државата, сите останати се мажи. Жените земјоделци се покажа дека се поконзервативни и затворени за пристап кон здруженија, затоа ги повикувам и жените кои обработуваат тутун да ни се приклучат. Да се охрабрат, зашто знаеме дека има жени кои сами го обработуваат тутунот, возат трактор, работат се на нивите, а кога станува збор за нивните права се повлекуваат. Ги повикувам да бидат дел од Собранието на здружението кое ќе се формира од самото членство за да бидеме поблиску до секој тутунопроизводител. Жените можат да бидат голема движечка сила во земјоделието, порачува Ирена.

Таа вели дека пред да се приклучи на „Тутунска надеж“ и самата сакала да основа свое здружение на жени тутунари со симболично име „Ленка“.

-Се чувствувам како Ленка од песната на Кочо Рацин, па многу често в нива додека береме тутун знам да им ја рецитирам на децата таа песна. И јас отидов од Тетово во Прилеп да редам тутун, како Ленка во Монополот. Затоа сакав да формирам свое женско здружение на тутунари, да се подигне свеста на жената тутунар, земјоделец, да си ги побараме своите прави, да бидат и тие дел од кроењето на политиките за тоа како ќе се работи и откупува тутунот, порачува Ирена.

Како економист Ирена вели дека на тутунарите членови на „Тутунска надеж“ им понудила помош во делот на економијата, зошто многу тутунари знаат како се обработува тутунот, но на пример, не ги знаат постапките околу годишната даночна пријава, па ретко кој проверува и знае да направи споредба што е платено во УЈП, а што не, после одеднаш да излезат на списокот на должници.

Таа порачува тутунарите сами да бираат банка каде ќе им се платат парите од откупениот тутун, а не откупувачите да им кажуваат во која банка да вадат сметки.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close