fbpx
ВестиТоп вести

Пелагонискиот регион бележи зголемување  на женски носители во земјоделските стопанства –  сепак далеку се зад мажите

Гледано историски наназад жените отсекогаш биле вклучени во земјоделското производство. Жените претставуваат скоро половина од светската земјоделска работна сила. Во земјоделското производство претежно се вклучени жените од руралните населени места. На овие средини во светски рамки  отпаѓаат над една четвртина од вкупното светско население. Нејзината улога и во денешно време не е многу променета. Можеби бројките се сменети но нејзината улога и денес е подеднакво значајна. Од особено значење е учеството во производството на храна.

Со економската глобализација голем дел од жените со цел да остварат поголем профит покрај земјоделските активности вклучени се и во други активности. Покрај овие активности онаа традиционална улога на жената не е сменета. Нејзината примарна одговорност е домот, грижата за децата и останатите членови во  семејството, чистење, готвење и сè што е  потребно за егзистенција на семејството.

И покрај нејзината голема вклученост во разни активности сепак присутна е родовата нееднаквост со мажите. Мал е процентот на жени кои може самостојно да носат одлуки  кои се однесуваат на развој на земјоделието.

Не е поразлична состојбата и во нашата земја. Иако жените се вклучени во сите земјоделски активности заедно со мажите, сепак бројот на мажи  носители на земјоделско домаќинство е значително поголем.

Според податоците од Државниот завод за статистика  во Македонија (последната обработка е од 2016 година) од вкупно 177.845 носители на земјоделски стопанства бројот на мажите е значително повисок и изнесува 159.213 мажи, наспроти 18.632 жени. Гледано по региони најмногу носители на домаќинства има во Пелагонискиот регион или вкупно 26.908, а најмалку носители има во Југо западниот регион со 17.098 носители. Гледано по пол најмногу мажи носители на земјоделско домаќинство има во Источниот регион 23.585, а најмалку во Југозападниот регион со 15.261 маж. Што се однесува за жените на ниво на Македонија најмногу  жени  носители на земјоделско стопанство има во Пелагонискиот регион со 3.403 жени наспроти Полошкиот каде бројот е најмал и изнесува 1.365 жени.

И покрај тоа што статистичките податоци покажуваат   Пелагонискиот регион е високо на табелата, кога се анализираат бројките само за овој регион разликата меѓу мажите и жените е многу голема 23.505 машки носители наспроти 3.403 женски носители или изразено во проценти тоа изгледа 87,35% мажи наспроти 12,65% жени.

Постои голема разлика меѓу мажите и жените, но споредено со податоците од претходните години може да се забележи дека состојбите почнале да се менуваат. Не само што е зголемен вкупниот број на земјоделски стопанства  зголемен е  бројот на стопанства чии носители се жени.

Конкретно во Пелагонискиот регион бројот на носители во однос на 2013 година се зголемил за 2.192 носители. Зголемување има и кај мажите и кај жените или за  1.202 машки и 990 женски носители на земјоделско стопанство. Ако се спореди во однос на  останатите региони во државата Пелагонискиот регион бележи најголемо зголемување кога станува збор за женски носители. За жал како што покажуваат податоците на ДЗС од 2013 до 2016 година има намалување на женската активност во повеќе региони и тоа: Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Полошкиот и Североисточниот  регион.

Загрижуваат статистичките податоци  кои се однесуваат на старосната граница, бидејќи и кај мажите и кај жените  таа е доста висока. Просечната возраст  на носителите на земјоделски стопанства се движи во границите од 56 – 65 години.

Во Пелагонискиот регион просечната  возраст на машките носители на земјоделско стопанство изнесува 57, додека кај жените таа изнесува 60 години.

Споредено со податоците од 2013 година старосната граница во 2016 кај жените се зголемила за 1 година.

П.Јовановска

Содржините на оваа веб – страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

Слични написи

Back to top button
Close