Агро бизнисБез категоријаВестиЕкологијаМакедонијаТоп вести

Излеани реки, прекин на струја, заматена вода за пиење и отежнат сообраќај поради обилните дождови

Дождот што речиси непрекинато паѓа во поголемиот дел од земјава последните два дена, предизвика проблеми на повеќе патни правци, а се излеваат и реки, се полнат акумулациите, а водата во Дебар, Тетово и Струга, што тече од чешмите, не е за пиење поради заматеност.

Дождот што речиси непрекинато паѓа во поголемиот дел од земјава последните два дена, предизвика проблеми на повеќе патни правци, а се излеваат и реки, се полнат акумулациите, а водата во Дебар, Тетово и Струга, што тече од чешмите, не е за пиење поради заматеност.

Исто така, шеесет и шест годишен маж од Прилеп, загина денеска на авотпатот Велес-Скопје, кај Катланово, кога со возилото удрил во банкината, а неговата 89-годишна мајка е повредена и пренесена во болница. Несреќата случи утрово нешто после 9.30 минути на автопатот Велес – Скопје, во близина на тунелот кај Катланово, а имајќи предвид дека единствено тоа возило ја предизвикало сообраќајката, може да се претпостави дека се случила поради неприлагодена брзина на влажниот коловоз, но полицијата сè уште ги истражува причините.

Поради незгодата, сообраќајот на автопатот Велес – Скопје околу три часа беше во прекин, а откако увидот заврши, тој е расчистен и пуштен за сообраќај.

МЕПСО: Невремето го прекина снабдувањето со електрична енергија во Дебар и околината

Силното невреме и мразот предизвикаа прекин во снабдувањето со електрична енергија во градот Дебар и околни населени места,информира АД МЕПСО.

-Тежината на мразот и силното невреме во мавровско-реканскиот крај соборија повеќе стебла при што едно дрво падна врз 110 киловолтниот далекувод ТС Вруток – ТС Шпиље и предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија. Националниот диспечерски центар на АД МЕПСО регистрира безнапонска состојба денеска во 10:35 часот, соопшти АД МЕПСО.

Екипите на МЕПСО се на терен и со сите средства се работи на создавање услови за вклучување на далекуводот и снабдување на Дебар и околината со електрична енергија.

УХМР предупредува на излевање на реките

Управат за хидрометеоролошки работи УХМР предупреди на зголемен водостој на реките и можни локални излевања.

Врнежите во текот на изминатите 24 часа предизвикаа зголемување на водостојот на реките низ земјава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Најголемо зголемување на водостојот, како што посочуваат од УХМР, има на реките во западниот дел од земјата односно во сливот на реките Радика, Сатеска, водотеците од планинскиот масив Шар Планина, Црн Дрим и Црна. Иако врнежите во источниот дел од земјата не беа толку обилни како во западните, сепак и таму водостоите на реките се надпросечни за овој период од годината, особено во сливот на реката Пчиња (заедно со притоките), како и на реката Струмица.

Врнежите од дожд продолжија и во текот на утрото и се уште траат, така што се очекува натамошно зголемување на водостоите на реките, кои особено во западните и северо-западните делови се очекува да ги полнат речните корита. Исто така, можни се и локални излевања на реките особено во сливот на реките Радика, Сатеска, Црн Дрим, Коселска и Голема (Ресенска), Треска (во Кичевско како на нејзините помали притоки), како и на помалите реки и суводолиците во тетовско-гостиварскиот крај и Полошката котлина, информираат од УХМР и предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во посочените сливни подрачја поради можност од нивно локално излевање, како и на сите останати водотеци во земјата, а посебно на тие во западните и северо-западните делови.

Се излеаја Крива Река и Пчиња

Поради зголемените врнежи од дожд се излеаја реките Крива Река и Пчиња во неколку села, информираа денеска надлежните од РЦУК Куманово и од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, чии екипи веќе неколку дена ги санираат критичните точки по течението на двете реки.

Во селата Јачинце, Клечовце, Довезенце и Пчиња поплавени се земјоделски обработливи површини, викенд куќи, помошни простории. Пчиња се излеа и на игралиштето во селото Пчиња, како и на земјоделско земјиште на потегот на Пчиња кон Студена Бара.

Драгор во Битола носи сè пред себе

Алармантна е ситуацијата кај пумпната станица на ЈКП „Водовод“ од надојдените води на реката Драгор кои носат сѐ пред себе. Директорот на „Водовод“ Битола, Горан Козаров, вели дека се покажало оти потпорниот ѕид изграден неодамна бил направен во вистинско време за да не дојде до поплави.

Ноќеска во Битола наврнаа 17 литри на м2, а врнежите предизвикаа будење на водотеците на Пелистер кои наместа создадоа пробеми. Екипите на сите битолски јавни претпријатија, заедно со нивните раководители, од утринава се на терен и интервенирираат со своја механизација и работна рака. Еден од поголемите проблеми, кој веќе е саниран, се создаде на одводниот канал, кој се излеа над населбата Ремо. Пречките се отстранети и веќе нема прелевање.

Од акумулацијата „Стрежево“ велат дека се подготвени да ги прифатат водите од врнежите кои го зафатија регионот деновиве. Дневниот доток во акумулацијата изнесува околу 1,5 милион метри кубни вода или околу 15 m3/sec. Водите се зафаќаат од водотеците на Баба Планина преку собирниот канал и се внесуваат во сливот на река Шемница.

Одрони и дрвја го попречуваат патот Гостивар-Маврови Анови

Одрони од камења и дрвја паднати на коловозот го попречија нормалното одвивање на сообраќајот на регионалниот патен правец Гостивар-Маврови Анови-Дебар.

Заради расчистување на материјалот утрово во неколку наврати имаше и застој. Попладнето пак, возилата се пропуштаат наизменично.

Според првичните информации на службите кои работат на терен три места по делницата од раскрсницата за Кичево-Гостивар кон Маврово на неколку места паднати се дрвја и има одрони од земја и камења. Утрово околу 11 часот екипи со механизација се излезени на терен и работат на нормализација на сообраќајот.

Зголемениот обем на сообраќајот причинува на моменти да се создаваат и колони, бидејќи возилата се пропуштаат наизменично од двете страни.

Од службите апелираат до патниците и возачите на трпение и внимателност, бидејќи врнежливото време дополнително го отежнува сообраќајот во овој дел од земјата.

Дождовите го полнат и Црн Дрим

Интензивните врнежи од дожд го полнат коритото на реката Црни Дрим, но истекот на вода од Охридското Езеро преку Дрим, кај браната во Струга е минимален. Тој изнесува околу 2 метри кубни вода во секунда. Од Електрани на Македонија додаваат дека Албанија засега нема побарано од нашата земја да го намали количеството на вода кој оди на албанска страна за евентуално на тој начин да се ублажат поплавите кај Скадар.

– До пред една недела езерото беше на минимална вредност што се покажа како одлична состојба за спречување на штетното влијание од поплавите – велат од ЕСМ.

Денеска нивото на Охридското езеро е на 693,15 метри надморска височина што е за 60 сантиметри под максималната кота од 693.75 метри. Од Електрани додаваат дека и во наредниот период акумулациите ќе може да примаат вода без потреба да ја испуштаат и со тоа нема да се загрозува подрачјето по течението на Црни Дрим. Охридското Езеро се наоѓа на 18 сантиметри под просечната кота за овој период, а Дебарско езеро е на 15 метри под котата на прелив.

Од таму очекуваат во наредните денови намалување на дотеците, прво поради прекинување на дождот и второ поради пад на температурите и намалување на топењето на снегот кое сега е интензивно.“

Заматена е водата за пиење во Дебар, Тетово и Струга

Инаку, поради обилните врнежи од дожд, забранета е водата за пиење од градскиот водовод во Дебар и Струга поради нејзино заматување.

Заматена е водата од водоводот Росоки-Дебар. Од него со вода за пиење се снабдуваат Дебар, дебарските села Долно Косоврасти и Рајчица и дел од општина Центар Жупа.

Според одговорните во Јавното комунално претпријате (ЈКП) „Стандард“ кое стопанисува со водоводот препорачуваат водата пред употреба да се филтрира или да се преврива.

-До заматување на водата дојде поради обилните и интензивни дождови присутни повеќе денови на поширокото дебарско подрачје, што условија видно зголем дотек на вода во каптажата во село Росоки. Ги преземаме сите потребни активности на овој план, вклучително и земањето редовни мостри на вода за анализи од страна на Центарот за јавно здравје, изјави, Алма Леши Самарџиу, секретар на „Стандард“.

Препорачува корисниците на водата строго да се приддржуваат до препораките се до стаблизирање на состојбата.

До 50 отсто од домаќинствата во Тетово се соочуваат со отежнато водоснабдување поради заматување на водата од која се зема од месноста Лешница во новиот дистрибутивен систем, информираат од работната единица на „Водовод и канализација” при ЈКП Тетово.

Се надеваат дека денеска или утре состојбата ќе се нормализира, односно да се избистри водата кај Лешница.

Ски-лифотвите на Шар Планина не работат

Врнежите од дожд и појавата на магла на скијачките терени се причина да не работат ски-лифтовите на скијачкиот центар Попова Шапка, инфомираат од раководството. Дождот ги оштетува патеките, а видливоста е мала поради маглата.

-Поради неповолните временски услови проследени со магла и дожд денеска ски-центарот нема да работи. Штом се создадат услови во текот на следните денови допиолнително ќе информираме, соопштија од Ски-центарот Попова Шапка.

Изминатиот период работеа жичарниците „Св. Илија“ и „Церипашина“ и ски – лифтовите „Аеродром“ и „Ге“, додека новата шестоседната жичница не беше ставена во функција овој зимски период.

Во Пожаране најмногу дожд, на Попова Шапка снег

Најмногу дожд, 20 литри на квадратен метар денеска до 16 часот наврна во Пожаране, по што следат Охрид со 16, Тетово и Демир Капија со по 14, во Струмица наврнаа 13, 12 во Штип, 11 Битола и Берово, 10 Скопје, девет Ѓуриште, шест Крива Паланка и Претор, и три литри на квадратен метар во Прилеп, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Најмногу снег, 42 сантиметри, има на Попова Шапка, а само еден сантиметар во Пожаране.

Според најавите од УХМР, времето до крајот на денот ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе продолжат во вечерните и ноќните часови, кога повторно ќе се интензивираат. Врнежите ќе бидат пообилни во западните и северозападните делови.

Во Скопје, во вечерните часови ќе биде облачно со врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе бидат пообилни.  https://nezavisen.mk/izleani-reki-prekin-na-struja-zamatena-voda-za-pienje-i-otezhnat-soobrakjaj-poradi-obilnite-dozhdovi/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close