Со изложбата на фотографии насловена „Тиквешките гроздобери и карневали 1964-2016″ во кавадаречката музеј галерија официјално беше означен стартот на традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер”.
Таа, според историчарот Петре Камчевски, е продолжување на една богата и стара традиција, која на овие простори се одржувала уште од времето на античкиот период, кога во чест на боговите Дионис и подоцна Бахус, биле одржувани посебни забави со денови, на кои присуствувало целокупното население.
-Виното претставувало култен пијалок на сите сталежи, со него можело да се плати данокот на државата, а служело и како платежно средство. За ова наоѓаме голем број остатоци на древните тиквешки локалитети како што се антички плочи, релјефи и мозаици, рече Камчевски во своето обраќање пред присутните.
Тој потсети дека во 2006 година беше откриен цел еден храм посветен на богот Дионис на локалитетот кај селото Дреново, а минатата година и две камени корита за преработка на грозјето.
-Денеска Тиквешкиот гроздобер претставува една од најзначајните културни туристички и стопански манифестации што се одржуваат во Кавадарци и е препознатлив белег на општина Кавадарци, додаде Камчевски.
Честитајќи го денот на ослободување од фашистичкиот окупатор на Кавадарци и денот на независноста на Македонија, градоначалникот Александар Панов упати покана да се посети Кавадарци во овие три дена од гроздоберот. Нагласи дека кавадарчани се познати по својата гостопримливост.
-Се надевам дека годинава ќе имаме повисоко ниво на односот помеѓу лозарите и винарите и ќе бидат задоволни и едните и другите, додаде Панов.
Етнологот Кети Ванчева рече дека традицијата на одгледување грозје и правење вино во Тиквешијата и го донесе на Македонија епитетот винарска земја.
На изложбата чиј автор е Камчевски, се претставени околу 220 фотографии од сите досегашни манифестации посветени на грозјето и виното.