Јавен повик бр.10/2015 за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година

Vecer_4_23.12.2015ze

Врз основа на член 7, алинеја 9 од Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој („Службен весник“ на Република Македонија број 72/07 и 5/09), Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руалниот развој го објавува следниот

Јавен повик бр.10/2015

за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година

I. Предмет на огласот

Предмет на овој оглас е доделување на финансиска поддршка за следните мерки:

Мерка 1 Техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој

Подмерка 1.4 Помош за маркетинг на земјоделски производи и преработени земјоделски производи

1.4.1 Трошоци за амбалажа на преработени земјоделски производи (вино)

Средствата се наменети за винарскиот сектор за реализиран извоз во 2015 година на флаширано вино со потекло од Република Македонија

1.4.2 Трошоци за амбалажа на преработени земјоделски производи (преработки од зеленчук)

Средствата се наменети за преработка на зеленчук извезен во стаклена амбалажа и со потекло од Република Македонија во 2015 година

1.4.3 Финансиска помош по единица производ за извезен земјоделски производ во амбалажа (ориз) Средствата се наменети за килограм извезен ориз во пакување (освен во вреќи) и со потекло од Република Македонија во 2015 година

1.4.4 Трошоци за транспорт на земјоделски производ-винско грозје од место регистрирано за откуп на земјоделски производ- винско грозје до место преработувачки капацитет за производство на вино.

Средствата се наменети за направени трошоци за транспорт на откупено винско грозје од регистриран откупен пункт до регистриран преработувачки капацитет за производство на вино.

II. Право за користење на средства

Право на користење на средства имаат следните субјекти, и тоа за мерките:

Правни лица кои имаат регистриран преработувачки капацитет за производство на вино во Регистарот на производители на вино согласно Законот за вино („Службен весник на РМ“ бр.50/2010, 53/2011, 06/2012, 23/2013, 106/2013, 188/2013 и 149/2015) 1.4.1

Правни лица кои се регистрирани во Регистарот на оператори со храна и објектите од неживотинско потекло согласно Законот за безбедност на храна („Службен весник на РМ“ бр. 157/2010, 53/2011, 01/2012, 164/2013, 187/2013, 43/2014, 72/2015, 84/2015, 129/2015 и 213/2015) 1.4.2

Правни лица кои се регистрирани за вршење на откуп на ориз согласно Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на РМ” бр.49/2010, 53/2011, 126/2012, 15/2013, 69/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015,83/2015 и 154/2015) 1.4.3

Правни лица кои имаат регистриран преработувачки капацитет за производство на вино во Регистарот на производители на вино согласно Законот за вино („Службен весник на РМ“ бр. 50/2010, 53/2011, 06/2012, 23/2013, 106/2013, 188/2013 и 149/2015) 1.4.4

III. Висина на финансиската поддршка

За потточка 1.4.1 финансиската поддршка се исплаќа во висина до 20% од вкупната вредност на направени трошоци за амбалажа на извезено флаширано вино која задолжително се состои од стаклена флаша, тапа од плута, ПВЦ капсула, предна и задна етикета, но не повеќе од 6 денари по извезена флаша вино.

За потточка 1.4.2 финансиската поддршка се исплаќа во висина до 20% од вкупната вредност на направени трошоци за амбалажа која задолжително се состои од стаклена тегла, капак за тегла, предна и задна етикета, но не повеќе од 2 денари по килограм извезен преработен зеленчук, и/или за извезените количини во споредба со 2014 година помошта изнесува не повеќе од 4 денари по килограм извезен преработен зеленчук со потекло од Република Македонија во 2015 година.

Финансиската помош за потточка 1.4.3 е до максимум 2 денари по килограм извезен ориз во пакување (освен во вреќи).

Средствата за потточка 1.4.4 ќе се доделат за направени трошоци за транспорт на откупено винско грозје од регистриран откупен пункт до регистриран преработувачки капацитет за производство на вино и тоа во износ според оддалеченост на регистрираниот откупен пункт до регистриран капацитет за производство на вино и тоа:

– до 0,45 ден/кгр винско грозје за оддалеченост до З0 км

– до 0,75 ден/кгр винско грозје за оддалеченост од 31 км до 80км

– до 1,25 ден/кгр винско грозје за оддалеченост од 81 км до 110км

– до 1,50 ден/кгр винско грозје за оддалеченост над 111 км.

IV. Услови за користење на средства и документација која се поднесува

Финансиски средства не се исплаќаат доколку барателот на денот на поднесување на барањето има неподмирени обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Условите кои треба да ги исполнуваат барателите на средства се утврдени во Законот за земјоделство и рурален развој, Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Доколку до Агенцијата се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства согласно Програмата за финанансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, Агенцијата ќе им даде предност на оние баратели кои го поднеле своето барање порано од останатите.

Еден корисник поднесува посебно барање за секоја мерка во оригинал. Еден корисник може да поднесе најмногу две барања за користење на поддршката по различни мерки од оваа програма.

V. Подигнување на обрасци и упатства

Образецот – Барање за исплата на средства заедно со листата на потребни документи може да се подигне на веб страната на Агенцијата www.iparda.gov.mk. и директно во Агенцијата на адреса:

Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, бул. „ 3-та Македонска бригада,, бр.20 зграда на Македонија Табак блок Ц, 1000 Скопје

VI. Начин на доставување на документите

Пополнетите барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година на македонски јазик заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол „НЕ ОТВАРАЈ,, за Јавен повик број 10/2015 и назначување на бројот на мерката/потточката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во писарницата на Агенцијата, во спротивно Агенцијата не превзема одговорност за затурање или предвремено отворање на барањето.

Крајниот рок за доставување на барањата за сите потточки од подмерката 1.4 е 15.01.2016 година. Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Подетални информации на контакт тел. (02) 3097-460 или на контакт e-mail адреса: [email protected] и на веб-страната: www.iparda.gov.mk или www.pa.gov.mk.