Без категоријавестиТоп вести

Изложени традиционални производи од локални производители

(Oвој напис е објавен на: декември 21, 2018)

„Есенскиот саем“  што го организира ЗЕЗ „Зелена берза“ Битола беше одлична можност за промоција на земјоделското производство.  Сирење, кашкавал, изварка, овчко  биено сирење, вино, ракија, киселина, мед и други пчелини производи, буковска пипер, беа дел од изложените производи.

„Ние сме здружение за заштита на буковската пипер, со цел да ја сочуваме традицијата за производство на пипер. За тоа многу ни помогна Слоу фуд, да не се дозволи да изумре не само традицијата туку и семињата и производите што се во изумирање“ вели Наташа Каровска  производител на буковска  пипер.

Во пелагонискиот регион традиција е и производството на разни видови сирење, изварка, кашкавал. Сточарството во овој регион е во незавидна состојба. Како и останатите земјоделци и овие производители се соочуваат со бројни проблеми.  Велат дека доколку не се преземе нешто ќе исчезнат производите на локалните производители што произведуваат на традиционален начин.

„Јас се претставувам со домашни производи, имам биено сирење, кашкавал, изварка , овчко сирење. Тука сме да ги презентираме нашите производи и да  си ги кажиме проблемите во нашата дејност. Општо условите во државата не се добри. Имаме проблеми со  набавка  на материјали, сточна храна, продажба на јагне итн. нашата дејност е специфична. Сточарството многу стагнира во Македонија, навистина треба сериозни чекори за да се извади од калта. Премногу стагнира.Тоа не е отсега, наназад долги години се провлекува тој проблем со сточарството. Треба многу да се работи за да стигнеме до едно прифатливо ниво“, вели Игор Поповски производител на сирење.

Илчо Даскалоски од Мало Коњари прилепско се соочува со истите проблеми  како и Игор. Смета дека ваквите настни се одлична можност за размена на искуства.

„Имаме заеднички проблеми со Игор. Потребни се ваквите настани. Можеме да се едуцираме, да размениме мислења и искуства. Потребно е вакви средби да се организираат почесто“, вели Даскалоски.

Да се произведе производ на традиционален начин е многу тешко, особено за пчеларите.

„Ваквите настани се многу убави. Благодарност до Зелена берза за одличната организација. И ние пчеларите имаме многу проблеми. Како и фармерите и за нас  важи закон пчеларникот да е оддалечен 500 метри од населено место. Тоа ни прави дополнителни проблеми. Во иднина би било добро да има вакви дискусии наменети  стриктно  за пчеларите“, вели Нацо Јовчевски од „Пчеларник БН“ – Дихово.

Неговото мислење го дели и Менде Трајковски производител на органски мариовски мед.

Производството на цвеќе и садници на цвеќе е исто така застапено во овој регион. Нада Пресилска изложи дел од своето производство во цвеќарата „Пресил“ од Могила.

„Ваквите настани се многу интересни за промоција. Полесно може да се допре до потрошувачите . Луѓето се повеќе се интересираат за производи произведени на традиционален начин“, вели Ѓоре Захарчев од Кавадарци, производител на вино, ракија, оцет и маџун.

Павлина Јовановска

 

 

Слични написи

Back to top button
Close