Изобилство од жито го запре поскапувањето на храната во светот
Петте месеци на раст на цените на храната во светот завршија и во јули и повторно има поевтинување и не се очекува во блиска иднина да дојде до поскапување.
Ова го изјави главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Абдолреза Абасијан.
Податоците на ФАО покажуваат дека индексот за храна е намален минатиот месец 1,3 поени (0,8 отсто). На годишна основа цените на меѓународните пазари во јули биле 1,4 отсто пониски во однос на истиот период минатата година.
– Минатиот месец, се чини, ја потврдува оценката дека во следните 10 години цените на храната ќе се задржат стабилни – вели Абасијан.
Тој наведува дека најверојатно главната причина за намалувањето на цените доаѓа од силни реколти од жито поради доброто време. Пад на цените три месеци по ред има и кај растителните масла што се случува главно поради петмесечното дно во цените на палминото масло поради обновеното производство во Југоисточна Азија и намалената глобална побарувачка. Меѓународните цени за масло од соја, сончоглед и репка исто се намалуваат поради поголема понуда од очекуваното.
Улога играат и процесите на девизните пазари и одредена несигурност за американскиот долар, како и одредени моменти од побарувачката на глобално ниво, додава Абасијан.
Во јуни цените достигнаа речиси едногодишен врв поради загриженоста од недостиг на шеќер. Но следниот месец тоа се промени од далеку подобрите од очекуваното податоци за реколтата од пченка во САД и жито во Русија и црноморскиот регион.
Зголемената побарувачка на свинско месо е една од причините за зголемување на индексот за месото со 2 поени (1,3 отсто). Во ЕУ се пријавени помалку и полесни свињи за кланиците, а проблеми има во регионот на Океанија со овчото и говедското. Зголемена побарувачка од Kина и одржливиот увоз од неколку земји во Азија даваат добри изгледи за производителите, вели Абасијан.