Извозот на земјоделски производи годинава бележи раст од 15%
Расте извозот на македонските земјоделски производи. Статистиката за првите осум месеци од оваа година покажува зголемување за 15% во однос на лани. Почнувајќи од јануари па се до крајот на август преку четирите места на утовар, односно од единаесетте гранични премини каде државниот земјоделски инспекторат преку фитосанитарните инспектори го следи извозот на земјоделските производи биле извезени 16.954 пратки со земјоделски производи тешки 214.160 тони.
„Бележиме зголемен процент на извоз и во број на пратки и во количина. Македонија има квалитетни земјоделски производи што се барани и на европскиот пазар и на пазарите во руската федерација. Значи тоа се двете најголеми позиции каде што се пласираат македонските земјоделски производи“ вели Цветан Трипуновски – директор на државен земјоделски инспекторат.
Надлежните се надеваат дека ваквиот позитивен тренд ќе продолжи и во наредниот период. Имајќи во предвид дека до крајот на годината има уште неколку месеци не е исклучена можноста процентот на земјоделски производи кои ќе бидат извезени на странските пазари да биде уште поголем.