Алармантна е состојбата со  извозот и откупот на праски од Росоман

(Oвој напис е објавен на: June 15, 2019)

 

Уште од раните утрински саати на импровизираниот пазар на големо на влезот во Росоман голем метеж од трактори полни со праски и нервозни земјоделци. Првата сорта веќе се обра, втората сорта Сприн рес е при крај со бербите но слаб е интересот кај откупувачите за извоз на праски за Рускиот пазар. Росоманските  овоштари не знаат што ги снајде. По ланската година кога беше проблематичен извозот и кога заради проблемите со водата праските беа со слаб квалитет ова е втора лоша година која ќе ги остави без приходи од производството.

-Не знам што ни случи и до кај ќе одиме вака. Праската ја береме, во откупните станици не ја сакаат а тука на пазарот зависиме од ситни трговци од Скопје кои сакаат по 100 денари гајба да ни ги земат. Ако на тоа се пресмета дека за гајбата сме платиле 24 денари излегува праската ни ја земаат по бедни десетина денари. Со такви цени никој не може да опстане. Се надевавме дека ќе тргне извозот за Русија и дека цените би требало да бидат по околу 25 денари на откупот или  најниско 20 денари ама сега ова што ни се случува е вистинска катастрофа, вели овоштар од Росоман.

Иако руската федерација официјално ја укина забраната за извоз на коскесто овошје која беше воведена лани заради утврдувањето на патогенот Монилинија Фруктикола сепак извозот се одвива минимално. Зелена барза праша неколку извозници зошто и покрај кренатата рампа за извоз сепак многу малку се извезува за Русија. Сите кои ги анкетиравме ни рекоа дека со воведените строги правила од Русија сите се плашат да извезуваат оти ако вратат еден камион тоа се 15 до 16 илјади евра загуба. За да се прати една пратка на Рускиот пазар треба да се има сертификат од државната фито санитарна лабораторија дека од тој земјоделец се земени мостри и е направена анализа. Но за да се наполни еден камион потребно е да се собере родот од најмалку 20 тина земјоделци што се исто толку сертифицирани. Факт е а тоа го покажа и сегашниот слаб извоз дека без Рускиот пазар се други е малку и тоа ќе го почувствуваат овоштарите. Трговците велат дека нешто малку праска се извезува за Чешка, додека Српскиот и Босанскиот пазар ни ги презема Албанија која е 10 дена пред нас со праската а ефтина праска од Грција го преплавила и балканскиот пазар. Во таква незавидна положба трговците откупот го сведоа на минимум што директно се одразува врз цената и интересот за росоманските праски.

З.Б.

Share Button