Извршители зеле 25 милиони евра од сметки на граѓаните во кризната година
Од фирми должници повлечени се над 89 милиони евра
Беше пандемиска, а по многу карактеристики и лоша економска година, но граѓаните и фирмите должници, па и државата се соочија со извршителските постапки, освен во месеците кога извршувањето беше запрено. За цела 2020 година, сите извршители во државата наплатиле вкупно над 123 милиони евра – сума која е речиси идентична на таа од 2019 година, кога немаше прекинување на извршувањето. Од оваа сума најголем дел од парите се наплатени од фирмите, а тие се и така најпогодени од кризата. Од фирми должници повлечени се над 89 милиони евра, од државата, безмалку 9,5 милиони евра, а дури околу 25 милиони евра се пари кои се симнати од сметките на граѓаните за долгови по основ на извршни решенија кон различни должници. Тоа што извршувањето беше запрено не значеше и простување на сумата, само пролонгирање на повлекувањето на парите. За одложените рати потоа граѓаните плаќаат и камата.
А за кого се наплатуваат парите – во извештајот стои дека во 2020 година извршителите во полза на државата наплатиле вкупен износ од над еден милион евра. Во истиот период, како што стои во извештајот, назад во стопанството се влезени вкупно 107 милиони евра, а во полза на физички лица на кои им се должело реализирани биле над 15 милиони евра.
Во 2020 година во Македонија работеле 99 извршители. Сите примиле 100.760 барања за извршување, додека завршени се 44.889 предмети или само 44 отсто.
Ако се анализира по години, сумата од нешто над 123 милиони евра што ја наплатиле од граѓаните и од фирмите лани е иста како во 2019 година, а помала од некои претходни години.
Најголем процент на реализирани извршни исправи има подрачјето на Основен суд Битола и Основен суд Ресен со 13,99 околу 14 проценти додека пак подрачје на кое има најмала реализација на извршни исправи во однос на примените барања за извршување во тековната година е подрачјето на Основен суд Гостивар и Основен суд Кичево 7 отсто.https://faktor.mk/izvrshiteli-simnale-25-milioni-evra-od-smetki-na-gragjanite-vo-kriznata-godina-nad-120-milioni-od-site-dolznici