ЈП„Пазари“ Битола е првото јавно претпријатие од Битола што ќе произведува електрична енергија за свои потреби. По донесената одлука од страна на Советот на Општина Битола, со која ЈП „Пазари“ ја проширува својата дејност, се изврши измена и дополнување на Статутот на претпријатието, со што за сопствени потреби ќе може да произведува струја.
Според добиениот идеен проект ЈП „Пазари“ ќе може да започне постапка за поставување на фотоволтаичен систем, што подразбира инсталирање на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија.
„Панелите ќе бидат поставени на покривната конструкција на постоечките настрешници во Градскиот пазар, кои служат за заштита на тезгите. На овој начин ќе се заштедат средства што сега ги плаќаме за потрошена електрична енергија, а ќе исполнеме дел од обврските кои што ги имаме во однос на препораките дадени од ЕУ“, рече директорот на ЈП „Пазари“ Владо Атанасовски.
Целиот проект претпријатието ќе го реализира со сопствени средства и ќе чини 1 088 550 денари. Како што информира директорот Атанасовски по добивањето на идејниот проект потребна е одлука од Регулаторната комисија за енергетика по што ќе треба да се склучи договор со ЕВН за поставување на електрично броило. По добивањето на одобрението од општина Битола ќе биде распишан тендер.
Доколку биде се во ред се очекува првите киловатчасови електрична енергија да се добијат ова лето.
Павлина Јовановска