fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Каде исчезнаа 160.000 земјоделци? – Дали е време за автентична земјоделска партија?, писмо до редакцијата на Зелена берза

Земјоделието и производството на храна се темел на оваа држава – време е на државата да и се врати епитетот земјоделска земја. Време е за дела, а не празни зборови.

Писмото е испратено до Зелена берза, а авторот е познат на редакцијата. Ова е видување на земјоделец за подобрување на состојбите во секоторот земјоделие.

Каде исчезнаа 160.000 земјоделци?

Време за автентична земјоделска партија! 

Време е отворено да разговараме за една од најважните теми за опстанокот на државата – судбината на македонското земјоделство и на луѓето кои со генерации го хранат овој народ. Ако држави многу помоќни од нашата, но без сопствено производство на храна, тешко се справуваат со предизвиците на иднината, како тогаш може да опстанеме ние ако дозволиме земјоделството да исчезне?

Од 227.000 земјоделци – останаа 65.000.  Според евиденциите, веднаш по осамостојувањето на Македонија имавме над 227.000 евидентирани земјоделци. Тие живееја, произведуваа и егзистираа од својата работа – без субвенции, но со цени кои ја оправдуваа нивната мака. Денес, бројките се застрашувачки: Во 2015 година имаше околу 90.000 регистрирани земјоделци. Во 2025 година бројката падна на само 65.000. За нешто повеќе од три децении изгубивме над 160.000 земјоделци – бројка која претставува аларм за целосно исчезнување на една категорија граѓани и на традицијата врз која се темели државата.

Политичките ветувања – празни зборови!

Триесет години земјоделците се предмет на политички кампањи. Партиите ветуваат „златно време“ за селото и производителите, но веднаш по изборите забораваат на своите зборови. Од избори во избори, проблемите само се продлабочуваат:

-Втора година по ред – житните култури имаат цена од само 9-11 денари по килограм.

-Втора година по ред – лозарите имаат најниски цени во регионот, еднакви на производните трошоци.

-Втора година по ред – производителите на пипер добиваат цена од околу 30 денари за килограм, а 30% сè уште чекаат исплата за претходната реколта.

-Втора година по ред – проблеми со системите за наводнување, што предизвикува милионски штети.

Состојбата е уште потешка поради партизацијата на сите асоцијации, федерации, земјоделски сојузи и работни групи во Министерството за земјоделство. Партиски кадри, наместо вистински претставници на земјоделците, ги носат одлуките и дозволуваат ниски откупни цени, неповолни закони и стагнација во целиот сектор.

Прашањето е – Дали е време е за автентична земјоделска партија?

Македонските земјоделци мора да разберат една суштинска работа: Ниту една постојна политичка партија нема вистински интерес за нивната судбина. Затоа, време е да се размислува за формирање автентична, автохтона земјоделска партија – сила која ќе ја штити исклучиво земјоделската заедница и ќе работи на враќање на епитетот „земјоделска држава“.

Што може да направи ваква партија?

Стратешка инвестиција од најмалку 2-3 милијарди евра во земјоделието за целосна модернизација и за престанок на увоз на храна во вредност од 1 милијарда евра годишно.

Поддршка за младите: Бесплатно пензиско и здравствено осигурување за секој млад земјоделец до 35 години во првите 5 години.

Ослободување од придонеси: Пензиско и инвалидско осигурување за сите регистрирани земјоделци да биде покриено од државата во период од 5 години.

Правична распределба на државно земјиште: Бесплатен закуп во првите 5 години.

Современа механизација: Државата да набави трактори и механизација со нула камата и 15-годишен рок на отплата.

Земјоделска банка: Микрокредити за мали и средни фармери со камата до 3% и 3-годишен грејс период.

Агро берза: Платформа за транспарентна понуда и побарувачка.

Ладилни и складишни центри: Во секој земјоделски регион.

Договорен државен откуп за стратешки култури.

Закон за фер трговија: Ограничување на монополот на откупувачите.

Гарантирани цени: Откупни цени кои обезбедуваат профит за производителите.

Општински канцеларии за стручна поддршка: Агрономи, ветеринари и економски советници бесплатно да помагаат на терен.

Осигурување на посевите: Задолжително осигурување и државен фонд за штети од временски непогоди.

Државна стратегија: Краткорочни (5, 10, 15 годишни) и среднорочни планови за развој на аграрот.

Заклучок – Вашата судбина е во ваши раце!

Земјоделци, никој нема да ја реши вашата судбина наместо вас. Ако не се организирате, бројката од 65.000 ќе продолжи да паѓа, а Македонија од земја со вековна традиција ќе стане целосно зависна од увоз на храна. Време е здружено и организирано да се создаде партија од луѓе чесни земјоделци кои си ја сакаат држвата и која ќе биде гласот на земјоделците, а не на политичките елити. Земјоделието и производството на храна се темел на оваа држава – време е на државата да и се врати епитетот земјоделска земја. Време е за дела, а не празни зборови.

Макединија може и мора да се врати на корените и традицијата како што впрочем е создадена од бога со одлични услови, благопријатна клима чисти води и се уште плодна и неконтамирана почва.

Авторот познат на редакцијата

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Ставовите изнесени во текстот не се ставови на редакцијата на Зеелна берза. Затоа медиумот не сноси одоговорност за содржината на истите) 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close