Каде заминуваат и што работат струмичаните кои се откажуваат од земјоделството?
Возат камиони, работат како градежници, се селат во Германија, Швајцарија, Словенија, кој каде ќе се снајде
Жители на струмичките села ги оставаат нивите разочарани поради ниските приходи во земјоделството, и заминуваат во европските земји за да си обезбедат подобар живот. Возат камиони, работат како градежници, се селат во Германија, Швајцарија, Словенија, кој каде ќе се снајде, пренесува Фактор.
Луѓето кои останале во струмучките села, велат дека не може да се прави споредба некогаш и денес, затоа што порано имало многу луѓе кои живееле од земјоделство, а денес не е така.
„За десет години мислам дека половина од луѓето кои работеа, се откажаа од земјоделството. Моите свекор и свекрва живееја од земјоделство, а јас и сопругот работевме во фабрика во Струмица. Сега многу малку луѓе останаа на земјоделство. Јас не работам, но соседите велат дека сите трошоци се 100 отсто покачени, ѓубрива, препарати и нема некоја заработка. Млад свет нема. Тие бегаат во Швајцарија, Германија, а дел и во Словенија. Се сеќавам дека во Куклиш порано имаше многу пластеници, земјоделството производство беше доста присутно и во селото Баница, но работите многу се сменија“, раскажува повозрасна жителка на Вељуса.
На интернет има многу огласи каде се продаваат плацеви, ниви, но и куќи во струмичките села со добра местоположба и плодна почва.
„Пред 30 години, иако моите родители имаа работа, сепак во село садеа пиперки, бостан, тутун, и со тие пари одеа на одмор, школуваа деца или пак вложуваа во куќи. Сега младите избегаа во Германија, Швајцарија, Австрија, Словенија, кој каде ќе се снајде. И во најголемите струмички села веќе не е како што беше“, вели Тони од Струмица.
Ристо Велков од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион објаснува дека оваа година од некои култури се во загуба и нормално дека луѓето ќе се откажуваат од земјоделската работа.
„Луѓето заминуваат во Германија, Швајцарија, Италија, Австрија, Словенија, а некои работат како угостители во Хрватска, затоа што видоа дека тука нема фајде. Поголем процент работат во градежништво. Можно е дел од луѓето да работат земјоделство во странство, но штом не се враќаат назад, значи дека сепак им е подобро од тука. Во Василево луѓето кои се занимаваат со земјоделство се на возраст над 60 години, некои дури и 70, а можеби 10 отсто од жителите имаат работа во Струмица, но и тие при прва прилика, ако им се укаже можност, ќе отидат во странство“; додава Велков.https://faktor.mk/kade-zaminuvaat-i-shto-rabotat-strumichanite-koi-se-otkazuvaat-od-zemjodelstvoto