fbpx
ВестиТоп вести

Како до пласман на eвропскиот пазар?

 

 

Што се случува со житата низ полињата во земјава, во која фенофаза се наоѓаат, какви агротехнички мерки досега се преземени по региони и локалитети? Дали има појава на Zabrus tenebrioides, каде е, во колкав обем е, со кои средства се преземени мерки за негово сузбивање? До каде е резидбата со овошните култури ширум земјата, дали и со кои средства е преземена нивна зимска заштита? До каде се сличните агротехнички мерки во лозарството? Во колку оранжерии се планира производство на домат, краставица, пиперка, или други градинарски растенија? Во колку објекти во моментов се произведува расад за тие потреби? До каде се подготовките за производство на расад од тутун? До каде се подготовките за пролетната сеидба по региони и локалитети? Кои култури ќе бидат застапени во пролетната сеидба по региони и локалитети и многу слични, моментално актуелни прашања, и годинава, како и во многу изминати, можат да бидат поставени, но за жал да немаат ни одблиску точен одговор. Секоја земја која држи до себе, која сериозно го организира и контролира своето земјоделско производство, должна е во секој момент да знае што се случува со нејзиното примарно земјоделско производство – растително и анимално. Ова фундаментално и континуирано прашање, има свое решение во рамки на силен, темелно организиран систем на мониторинг (институции – чинители, законски облигации, производители …)

Во минатото, се до 2006 г. во Македонија, постоеше соодветен систем на мониторинг на примарното растително производство, како продолжеток на соодветниот систем на минатата држава. Тој беше признаен од пошироката заедница и беше соодветен гарант и виза за пристап на домашното производство на пазарите како во околните земји, така и пошироко на останатите пазари, како што се европските, рускиот и др. И наместо тој систем да се надградува (дигитализира), развива и усовршува, од 2006 год. па наваму, целосно згасна. Тоа резултира со многу потежок пристап до захтевните пазари (европскиот), како и прохибиција на некои производи, како на пример на производството на компир и неговиот пласман на ЕУ пазарите.

Во меѓувреме, низ годините кои поминаа, критериумите на потрошувачите во однос на квалитетот на производството и безбедноста на храната, како на домашниот, уште повеќе на захтевните надворешни пазари, силно зајакнаа. Процесите за сертификација на соодветните примарни производства (GAP), како составен дел на поширокиот систем на мониторинг, станаа основни услови за препознатливост и пристапност до потрошувачите.

Земајќи ја  предвид постојната состојба, итното организирање на целосен систем на мониторинг во земјоделското производство е мерка од врвен приоритет. Посебно значајно е во рамките на целокупниот мониторинг, да се воведе и развие мониторинг на следење на здравствената состојба на растенијата на територијата на државата. Експертите препорачуваат тој мониторинг на заштита на растенијата да се воведе системски и законски што е можно побргу, за да можат земјоделците  преку тој систем да добиваат брзи и прецизни информации. Кога се исполнети условите за појава на некоја болест или штетник, точно кога да се прска со некој пестицид, против која болест или штетник, во какви дози и со кој препарат кој е дозволен во европската унија и е на така наречената зелена листа на дозволени пестициди и слично. Ваквиот интегриран систем, е еден од основните услови со кој реално ќе се гарантира квалитетот на производите и заштитата на здравјето на потрошувачите на пазарите каде ќе извезуваме, но и на домашните потрошувачи.

Интересно е што ваков модел на мониторинг на заштитата на растенијата, конкретно на јаболкото, иако нецелосен, постои кај дел од овоштарите од Преспа. Подржан од меѓународни проекти, но и на сопствена иницијатива на здружението на овоштари од Преспа, хардверски претставен со 8 автоматски метеоролошки станици и стручно координиран од двајца експерти од областа фито-медицината, моделот успешно функционира. Овоштарите кои се членови на здружението, добиваат стручни соопштенија со кои скратуваат и до 5 прскања во текот на годината, без тоа да има последици по ефикасноста на производството.

-Имаме осум автоматски метеоролошки станици кои ни ги даваат сите потребни информации за да одредиме кога се создадени услови за третирање против некоја болест или штетен инсект и на тој начин да ги избегнеме така наречените домино третирања, или третирања по случајност. Секоја автоматска мерна станица има во себе вградено сим картичка преку која комуницира и испраќа податоци за сите параметри кои се зададени да ги измери. Податоците потоа се испраќаат преку интернет во Австрија каде е софтверот кој ги обработува и ни ги дава насоките за ние да ги формулираме нашите соопштенија кои се бесплатни и преку фејсбук страната им ги презентираме на овоштарите од Преспа. Тие соопштенија се состојат од два дела. Првиот дел се однесува на тоа во колкав процент се создадени условите за развој на некоја болест или штетник, а во вториот дел се препораките со кои активни материи да се делува. Во овие препораки се даваат насоки само за препарати кои се на зелената листа на дозволени пестициди во Eвропската унија, вели магистер Ефтим Петковски одговорен за советодавните соопштенија на службата за прогноза и сигнализација во Преспа.

Моментално, поради недостаток на обврска, тука линкот на моделот е прекинат, што реално е мал недостаток. За да биде целосен овој модел на мониторинг, потребно е да постои обврска кај земјоделците корисници на советите, да водат евиденција која мерка ја спровеле (пр. кога прскале и со што) и таа информација да ја спроведат назад до одговорното стручно лице – известувач. Ваквиот успешен модел на мониторинг на заштитата, кој не е воопшто скап, треба да се преслика и да се примени во сите производни региони. Во Росоман кај праските, во тиквешијата кај лозјата, во беровско за сливите, струмичко за градинарството и слично. Потоа, ваквиот систем треба да биде поврзан со соодветниот орган во МЗШВ, контролиран и обезбедуван во функционалност од земјоделскиот инспекторат, со што станува комплетен и оперативно ефикасен. Тогаш државата ќе има детален увид во сопственото земјоделско производство и пристап во реално време до сите докази со кои ќе ги пробиваме патиштата на нашите продукти до пребирливиот европски пазар.

-Во Преспа имаме инсталирано 8 автоматски мерни станици со кои целосно го покриваме целиот производен регион. Кога ги монтиравме станиците беа поскапи но сега веќе и цената им е падната и може да се набават за 3 до 3,5 илјади евра за станица, што за ваква значајна работа со која во некои години правиме заштеди од околу 5 прскања, а со тоа и помалку ги прскаме јаболката сметам дека не скапо и е еден од основните услови за воведување на интегралната заштита, вели Фросина Ѓорѓиевска од здружението на овоштари “Благој Котларовски” од Ресен.

-Овој модел во Преспа, фигуративно речено е една клетка од организмот наречен систем на мониторинг. Оваа клетка за жал не е целосна бидејќи недостига двонасочноста на информациите, односно податоците од земјоделците до известувачот, што направиле по однос на препорачаните мерки. Ова земено како основа може понатаму и да се надгради со мониторинг на фазите на развој, примената на ѓубривата и слично за се да пулсира и да има ефекти. Кога ние вака ќе се докажеме пред Европа, дека имаме сериозна следливост во заштита и во производството во целост, понатаму за нас многу врати ќе ни се отворат за пласманот, смета проф. д-р Раде Русевски, професор по фитопатологија од факултетот за земјоделски науки и храна, Скопје

 

Зошто треба да се ориентираме кон европските пазари?

 

Има бројни аргументи кои укажуваат дека иднината и решавањето на проблемот со пласманот треба да го бараме со поголемото освојување на европските пазари. На европските пазари се постигнуваат високи извозни цени во кои многу добро може да се вкалкулира добрата заработката на земјоделците и покрај зголемените инвестиции кои ќе бидат потребни за да се постигне бараниот квалитет. Но уште позначајно е што мораме да се ориентирам кон Европа бидејќи сите пазари каде досега извезувавме ни се затвораат заради силната конкуренција од соседните земји, како на пример од Албанија која има компаративните климатски предности како и од зголеменото локалното производство во земјите каде извезуваме. Секоја година се поголеми се проблемите со пласманот на земјоделското производство. Во Преспа полни се магацините и стојат јаболката. Доматите во последните неколку година се соочени со слаб пласман и ниски цени заради конкуренцијата. Праските се потешко заминуваат за Русија, сливите имаа проблем годинава како и неколку пред тоа и сл. Речиси во целото земјоделство, главно станува прашањето за пласманот. Ова дополнително е потенцирано со фактот што на пазарите на ЦЕФТА конкуренцијата жестоко притиска, и во континуитет во последните неколку години, ги исфрла нашите производи на маргините. Тоа, како што сме сите сведоци, со сета силина негативно се рефлектира на домашното производство. Овој притисок не покажува знаци за попуштање, што условува наша итна адаптација. Од друга страна европскиот пазар е неспоредливо поголем во капацитетите во споредба со стеснатата ЦЕФТА. Меѓутоа, извозот на домашното производство во Европа, е условено од системски прегрупирања, при што првенствено значење има имплементација на квалитетен целосен мониторинг систем, вклучително и тој кој се однесува за заштита на здравјето на растенијата. Приоритетно, токсиколошките (остатоците од пестицидите и другите хемикалии) и карантинските (разните причинители на болести и штетници) карактеристики на продуктите кои имаат амбиција да бидат пласирани на европските пазари, мораат да бидат на највисоко ниво.

Ова што се случува со пласманот на јаболката, што се случуваше со сливите, доматите кои се помалку се садат, со оранжериите кои наместо зимско производство се поблиску се до пластеничкото по времето на стасување, со проблемот со Monilinia fructicola и Francliniella occidentalis кај праската, се само дел од мозаикот коцки кој одамна укажува дека пазарите ги губиме заради немање систем за мониторинг, вклучително и делот кој ја покрива заштитата на растенијата. Кога на ова само ќе се спомне дека пченицата има ниска цена, јагнето им се зема на сточарите под производната цена, млеко се помалку имаме, тогаш, веројатно сериозно треба да се прашаме, каде сето ова води и што треба да се направи ургентно? Можеби, пласманот на зимската зелка на европските пазари годинава, по цени кои се невообичаени поволни за домашниот производител е решението на наталожените проблеми кон кое треба да се стремиме и кон кое треба да развиеме итна стратегија. Се се сведува на пазар и пласман. Она кон што треба да се насочиме ни се европските пазари каде се постигнуваат и повисоки извозни цени. Но за да влеземе односно за да затропаме и да побараме да извезуваме на овие строго пребирливи пазари прво треба да им покажеме како држава сериозност во следењето на примената на заштитата на терен односно да спроведеме мониторинг систем но не оној кој сега се прави само со земање на инцидентни мостри за периферни анализи, туку мониторинг кој подразбира како следење на состојбата во континуитет, така и дистрибуција на знаење по вертикала и по хоризонтала со повратни информации од производителите до известувачите и назад до фито санитарната управа во министерството за земјоделство. Само со воведување на систем за мониторинг, може да зборуваме за сите оние флоскули кои сега се само празни зборови како што се рурален развој, окрупнување, добра земјоделска пракса и слично. При тоа, мора да се потенцира, дека спроведување на мониторингот, законите важни за земјоделското производство, дистрибуцијата на знаењето и технологиите до земјоделците (дистрибуција по хоризонтала) и другите стратегиски определби, е работа на школувани, високо образувани лица – агрономи, специјализирани во соодветни агрономски области. Само тие се стручњаците кои мораат да го преземат овој товар. Се друго би било импровизација. За споредба, немањето систем на мониторинг на производството без вклучување на струката, е како да сакате да градите куќа врз база на цртеж кој вие сами без архитект сте го нацртале и уште тој цртеж сакате да го извезувате и таму да се градат градби врз основа на тоа. Се сложуваме, тоа никаде не е можно.

Шанса за воведување на системски мониторинг во земјоделството се уште има, било да е тоа решено преку постојните закони, или тоа да се уреди дополнително со соодветни правилници.

З.Б.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close