За да ја ублажиме состојба со малите количини на мед кои ги имаме оваа година, ќе се обидам да напишам нешто за тоа како да го подобриме медоберот, односно да се потсетиме на некои работи ако сме ги подзаборавиле. Ваквото подобрување уште повеќе вреди, секако, кога временските услови се подобри за медобер.
1. Пашата – таа е основниот фактор од кој зависи животот и развитокот на пчелното семејство. Карактерот на пашата се одредува од карактерот на флоропокривањето. Некои растенија лачат многу некар, а некои помалку. Тие што лачат многу нектар ги нарекуваме главни паши. Такви се багремот, маслените репи, сончогледот и др. Растенијата кои лачат помалку нектар ја формираат поддржувачката паша. Колку и да лачат помалку нектар, тие ја одржуваат кондицијата на друштвото. Па, според тоа, имаат исклучителна важност.
2. Технологијата на одгледување на пчелите – таа секогаш треба да биде усогласена со главната паша. Интензивниот развој на пчелното друштво треба да започне 51 ден пред започнувањето на главната паша, а да заврши 35 дена пред крајот на пашата. Тоа значи, пчелите од сите снесени јајца да земаат учество во главната паша.
3. Типот на кошницата – ланстротовите и фороравите кошници се подобри за медобер бидејќи се подобри за комбинирање (поработни) од ДБ која е поинертна. Кога сме кај кошниците, може да кажеме една изрека: „Секоја пушка е добра во рацете на добар јунак“. Различните типови кошници бараат различни техники на пчеларење.
4. Метеоролошките услови – тие треба да бидат добри. Пчеларот не може многу да влијае на нив, а во последно време, со глобалното затоплување, тие станаа многу непредвидливи. За добар медобер секако дека во околината мора да има добри медоносни растенија. Честопати, при исти услови, од две навидум исти по роеви кошници добиваме различен принос. Овде пчеларот може да влијае ако заради растителноста која во одделен период ќе дава медособир односно да го продолжува медособирот со наводнување и сеење на култури во повеќе наврати.
5. Времетраење на нектаролачењето – продолжителноста на времето на цветање, односно лачењето на нектар, зависи и од видот на растението и од опрашувањето. Нектаролачењето завршува веднаш штом ќе се оплоди цветот. Ова кажува дека нектаролачењето ќе биде подолго ако има помалку пчели во реонот. Ветровитото време, исто така, ги оплодува растенијата и го скратува времето на лачење на нектар. Во реоните во кои има слабо нектаролачење, исто така би требало да има и помалку пчели.
6. Оддалеченост на пашата – ова е многу важно бидејќи станува збор за транспортни расходи кај пчелите. Колку пашите се подалеку, толку транспортните трошоци (потрошувачката на мед) се поголеми. Медот служи како гориво. Покрај потрошувачката на мед за одење до пашата и враќање, тој е потребен и при собирањето (летање од цвет на цвет). Пасиштата подолги од 2,5 км се нерентабилни, односно повеќе ќе се потроши отколку што ќе се донесе. Пчелите најчесто ги користат пашите до 800 метри кои им се најрентабилни. Најдобро е ако пчелите се однесат до пасиштето. Тука важи изреката „Медот се раѓа на тркала“. Во ова спаѓаат и транспортните трошоци за собирање полен и прополис. Водата, исто така, треба да биде што поблиску.
7. Расата и измелезеноста имаат голема важност за собирањето на нектарот. Измелезените пчели имаат ограничена нектарособирачка способност. Најмногу собираат автохтоните пчели за тој регион.
8. Јачината на пчелното друштво – го определува бројот на пчели во друштвото. Бројноста на пчелите во друштвото зависи од квалитетот на матицата (крупноста) и на нејзиното јајце. За добро друштво матицата треба да несе од 1500 до 3000 јајца во едно деноноќие. Продуктивно пчеларство со многу матици со лош квалитет не може да опстане. Добрите матици со своето несење го развиваат друштвото до максимум. Овде би го цитирал познатиот американски пчелар Дулитл, кој рекол: „Дајте ми добра матица, а јас ќе Ви направам многу мед“.
9. Влијанието на леглото – за добар медособир потребно е да има што помалку отворено легло, а што повеќе легло пред испчелување и многу млади пчели.