КАКО СЕ ПРОИЗВЕДУВА ЗЛАТОТО И ПОСТОИ ЛИ ОПАСНОСТ ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА?
Деновиве се појавија резултатите од најновиот попис на златните резерви по државите во светот, каде Македонија го зазеде солидното второ место на Балканот со 6,9 тони. Се поставува прашањето од каде толкав интерес за овој благороден метал? Златото претставува најскапоцениот и најпосакуваниот благороден метал во светот кој го освојува човекот уште од античкиот период. Спаѓа во групата на благородни метали заедно со среброто и платината. Се претпоставува дека до 2015 година се ископани над 186.700 тони злато (односно волумен колку коцка со должина 21 m) вредни 8,2 билиони долари (1 билион = 1.000 милијарди долари). Покрај тоа што се користи како накит, златото има голема примена во производствениот процес на електронска опрема, во автомобилската и авионската индустрија, производство на златни монети, се користи за стоковни и девизни резерви на централните банки, како инвестиција низ светските берзи итн. Сето ова покажува дека златото претставува метал кој има големо влијание врз човековите активности. Само за споредба, златните резерви на САД официјално изнесуват 8.133 тони злато, додека 20.800 тони злато се користи во производствените процеси во индустријата.
Но овој благороден метал има и втора страна која е недоволно позната за јавноста со исклучок на лицата вклучени во производниот процес за добивање на злато. Самиот процес на добивање на злато има голема цена од аспект на влијанието на животната средина, бидејќи е комплексен, бара многу време, финансиски ресурси и експерти од различни науки како геологија, географија, хемија, металургија и инженерството. Археолошките наоди покажуваат дека златото е меѓу првите метали кои започнале да се искористуваат уште пред околу 6000-7000 години. Во минатото, добивањето на златото било едноставно со користење на примитивна техника без употреба на хемиски супстанции. Притоа златото се добивало на два начини: со директна експлоатација на златните наслаги; и како меѓупроизвод при процесот на добивање на бакар и олово уште пред 2000 години во Кина.
Златото во Земјината кора е застапен со околу 5 mg/t, што е околу 20 пати помалку од среброто. Се среќава на земјината површина, покрај планинските реки и водотеци, како и на дното на езерата и океаните. Се проценува дека само 10% од златните наслаги кои досега се откриени, содржат доволно количество на злато за ископување. За рентабилна експлоатација, треба да има минимум 5 до 15 грама злато на тон руда. Така, за да се добие еден тон злато, при концентрација од 15 грама на тон руда, потребно е да се ископаат околу 66.000 тони на руда, а доколку рудата ги содржи минималните потребни 5 грама злато на тон руда, тогаш е потребно да се ископаат околу 200.000 тони на руда. Методите за добивање на злато од златни жици, главно се безбедни, бидејќи не се искористуваат хемиски препарати, туку доаѓа до процес на механичко откопување на златната руда.
Потоа рудата се дроби и меле од покрупни парчиња на поситни делови и на крај се врши нивно промивање со силен млаз на вода низ решетка каде со хидроциколни и гравитацискиот метод, златото како потешко од останата руда која содржи земја, кал и сл. се промива и се селектира.
Бидејќи златните жици и наслаги се речиси целосно ископани и екстрахирани, во последните децении се преминува на хемиски процеси на екстракција на злато. Истиот се состои во потполно издвојување и концентрирање на златото од добиената руда. Во тие процеси се вклучува употреба на жива, цијанид, сулфурни и останати киселини и друго.
Една од постапките вклучува примена на жива во екстракцијата на злато со цел да се формира амалгам со живата (амалгам претставува легура на жива со друг метал) каде со едноставна постапка се добива злато, при што златото и живата образуваат 3 соединенија. Потоа амалгамот се прочистува низ ленено платно или друг материјал при што се добива злато, а издвоената жива од амалгамот повторно се враќа во одвоените издолжени бариери за да се создадат нови амалгами помеѓу златото и живата. Откако ќе се исцрпи целото злато, исто така се добиваат и остатоци од други метали кои биле застапени во депонираната руда.
Покрај живата, повеќекратно штетен процес за екстракција на злато претставува процесот на цијанизација односно употреба на цијанид за добивање на злато. Овој процес се користи од 1890-та година и се заснова на растворливоста на златото во цијанидни соли и тоа најчесто користените калиум цијанид и натриум цијанид. Цијанидот се користи во 90% од вкупното производството на злато низ светот. Притоа во големи уреди за лужење се внесува златната руда и солите на цијанид. Златото се издвојува со процес на цементација со цинк и алуминиум, при што доаѓа до таложење на златото т.е создавање на т.н. пулпа. Откако ќе се формира истата, следува филтрирање на пулпата при што се добива талог кој содржи од 20% – 50% злато кое е со попратено цинк и сребро. За да се отстрани цинкот, се користи сулфурна киселина каде што златото и среброто остануваат нерастворени.
Добиениот талог од злато и средбро потоа се претопува каде се добива полу-чиста легура од злато и сребро кое се нарекува доре метал (анг. Dore bar) кој потоа се транспортира до фабриките за злато каде се рафинира и прочистува во чисто злато, како што сите го знаеме.
Пoкрај овие два процеси за екстракција на злато, во помал обем се користат и други, помалку штетни хемиски процеси за растворање на злато со употреба на хлор, а како реагенси се користат азотна киселина, царска вода и хлорна киселина. Вреди да се напомене дека сите претходно наведени процеси бараат искористување на големи количества на вода и потоа нивно испуштање во природата, а во случајот во нашата држава, тоа би се случило во реката Вардар.
Штетноста на процесот на цијанизација кој е застапен дури 90% во добивањето на злато се согледува во неговата токсичност на водата и земјата. Иако водните раствори на цијанидот за брзо време се неутрализираат од сончевата светлина, останати нус-продукти кои се добиваат како цијанити и тиоцијанит можат да останат во почвата и до неколку години, правејќи го местото загадено и неупотребливо, додека живиот свет постепено изумира. Доколку дојде до истекување на цијанидот во површинските речни текови и подземните води, ќе настанат големи еколошки катастрофи како еколошката катастрофа во близина на градот Баја Маре во Романија, каде во 2000-та година дошло до истекување на значителни количини на цијанид во реката Самош, а преку неа до Тиса и Дунав предизвикувајќи еколошка катастрофа. Во последните години се размислува за соодветна замена на цијанидот со помалку штетна и отровна супстанција, но поради евтината цена на цијанидот во блиска иднина овие обиди ќе бидат без резултат.
Според тоа, иако златото е вистински благороден метал, неговото добивање во поново време воопшто не е „благородно“, како за животната средина, така и за работниците кои непосредно учествуваат во целиот процес. Наведеното мора да се има во превид при давањето на концесии за експлоатација на злато во Република Македонија.