fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Каква инфлација нè очекува – што велат од Светска банка, од Европската комисија и од НБ

За разлика од апокалиптични сценарија на некои од политичарите кај нас, од релевантни меѓународни институции доаѓаат многу посмирувачки тонови

Порастот на инфлација и процените дека таа сепак, нема да се смири толку брзо, сè повеќе ги загрижува обичните луѓе кои погледот секојдневно го насочуваат кон цените во маркетите и кон сметките за комуналии, особено оние за електрична енергија, како и за трошоците за за горивата. Каква зима не очекува и дали порастот на цените ќе удри врз стандардот, се некои од главните теми кои ги преокупираат граѓаните. За разлика од апокалиптични сценарија на некои од политичарите кај нас, од релевантни меѓународни институции доаѓаат многу посмирувачки тонови. Во очекување на најновите проекции на Народната банка, процените на меѓународни организации и институции навестуваат дека инфлацијата ќе расте, но сепак, се верува дека веќе во почетокот на наредната година ќе дојде до смирување.

Така, од Светска банка, при презентирање на најновиот полугодишен извештај за земјите од Западен Балкан, посочија дека инфлацијата во Македонија годинава ќе изнесува 2,4 отсто, ниво кое со години не се памети на овие простори.

„Очекувањата и проценките се дека ова е привремена појава. Оваа привремена појава значи следново: дека ќе видиме зголемување оваа година, меѓутоа како ќе се нормализира состојбата, ќе видиме и стабилизирање на инфлацијата“, изјави Сања Маџаревиќ Шустер, виш економист за земјите од Западен Балкан во Светска банка, во одговор на новинарско прашање при презентација на извештајот на СБ.

На што се должи порастот на инфлацијата годинава?

„По многу силното намалување во 2020 година каде што потрошувачката речиси запре, вклучително и онаа на енергенсите, сега одеднаш има многу силна потрошувачка практично насекаде во светот. Побарувачката расте и тоа не само сегашната“, вели Маџаревиќ Шустер. Таа објаснува дека поради пандемијата имаше застој во испораките, стоките беа заглавени во пристаништата или по магацините со месеци. Така, ваквото намалување на снабдувањето влијаеше и врз значително помала потрошувачка на енергенси. Но, по нормализирање на потрошувачката дојде до спротивен тренд, кој се очекува да се стабилизира.

„На краток рок гледаме зголемување на инфлацијата, на среден рок нормализација, односно уште на почетокот на следната година, додека на долг рок цените на енергија ќе треба да се зголемуваат бидејќи стоките кои што се користат во кафеавите индустрии не треба да бидат дел од моделот на раст кој што ќе се применува понатаму“,  вели таа.

Според Маџаревиќ Шустер, ако размислуваме на подолг рок ќе видиме дека преминот од кафеави на зелени индустрии сигурно ќе има влијание врз цените на енергијата.

„Обновливите енергии се поскапи во однос на старите јаглеродни индустрии и индустриите кои што се потпираа на јаглерод. Така што, ова е патека која што ќе не доведе до повисоки трошоци за енергија и треба да размислуваме за шемите за потрошувачка“, вели Маџаревиќ Шустер, додавајќи дека тоа е неопходно ако сакаме планета да обезбедува простор за живот.

Во извештајот на СБ, во делот кој се осврнува на инфлацијата, меѓу другото се вели дека „посилната побарувачка и повисоките глобални цени создаваат инфлаторни притисоци“, кои најверојатно ќе придонесат за зголемување на каматните стапки на централните банки, со цел да се зачува кредибилитетот на политиката и да се задржат закотвени очекувањата.

„Шоковите од страната на понудата, зголемената инфлација кај трговските партнери и експанзијата на побарувачката доведоа до зголемување на просечната инфлација на 2,6 отсто во јуни 2021 година, што е зголемување за 1,7 проценти поени од стапката од 0,9 отсто во јуни 2020 година“, нотира СБ за регионот на Западен Балкан, посочувајќи дека цените на храната учествувале со најголем дел во овој раст, како и цените на суровините што се пренеле од меѓународните пазари, што се рефлектира и во повисоки цени на горивата, а поскапуваат и струјата и транспортот.

„Зголемувањето на цените се интензивираше во летните месеци и беше најзабележително во Косово (4,7 проценти во август 2021 година), Србија (4,3 проценти годишно) и Северна Македонија (3,6 проценти годишно). Во Албанија, апрецијацијата на девизниот курс во текот на летото ублажи дел од влијанието на увезената инфлација, која достигна 2,2 отсто во јули. Во Босна и Херцеговина, инфлацијата скокна на 2,3 отсто на годишно ниво во август, при што цените на храната достигнаа највисоко ниво од јануари“, се вели во извештајот на Светска банка.

Од таму додаваат дека притисоците на платите, исто така, се зголемија, паралелно со закрепнувањето и зголемувањето на инфлацијата.

„Во Северна Македонија притисоците за плати беа забележителни, при што платите се зголемија за 6,3 проценти на годишно ниво во првата половина на 2021 година, делумно поради зголемувањето на минималната плата, и формализирањето на платите од неформалниот сектор што беше поттикнато од владините мерки за поддршка“, стои во извештајот.

Од Светска банка исто така укажуваат дека увезената инфлација преку цените на суровините, нафтата и храната најверојатно ќе продолжи да врши притисок врз цените на производителите и, посредно врз платите, додека домашните политики за зголемување на платите може да се интензивираат.

„Зголемувањето на цените на храната најверојатно ќе ја еродира куповната моќ на посиромашните домаќинства, со оглед на големото учество на храната во нивната потрошувачка кошница и ќе влијае врз севкупната потрошувачка“, посочуваат од Светска банка додавајќи дека централните банки треба да бидат подготвени да ги заострат политиките на стапките во случај да се материјализираат инфлаторните ризици.

Од Европската комисија, пак, во извештајот за напредокот на нашата земја во процесот на евроинтеграциите, се вели дека монетарната политика го поддржува тековното економско закрепнување, притоа внимавајќи на зголемените инфлациски притисоци.

„Инфлацијата беше ниска до зајакнувањето во втората половина на 2020 година, поттикната од растот на цените на храната, горивата, вклучително и повисоките акцизи на нафтените деривати и законскиот пораст на цената на електричната енергија во август. Во првата половина на 2021 година, имаше дополнителни домашни ценовни притисоци од услугите, особено во транспортниот сектор. Во просек, индексот на потрошувачки цени се зголеми за 1,2 отсто во 2020 година, во споредба со 0,8 отсто во 2019 година, и понатаму на 2,7 отсто во првите осум месеци од 2021 година“, се вели во извештајот на ЕК.

Од таму посочуваат дека курсот на националната валутата – денарот е во стабилен, де факто врзан режим на девизен курс со еврото, како и дека централната банка ја намали основната каматна стапка во март 2020 година, проследено со три дополнителни намалувања за да го достигне историскиот минимум од 1,25 отсто во март 2021 година.

„Генерално, монетарната политика е во согласност со тековните економски основи, вклучително и сè уште умерената динамика на инфлацијата и потребата да се поддржи економското закрепнување во услови на долготрајни домашни и надворешни ризици поради кризата со Ковид -19“, се вели во извештајот.

Од Народната банка, пак, во повеќе наврати најавија дека во ноемвриските прогнози ќе има нагорна ревизија на процените за стапката на инфлација годинава.

„Со априлскиот циклус на проекции проектиравме стапка на инфлација од 2,2 отсто, но судејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата, како и проекциите, особено за движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата“, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска минатата недела одговарајќи на новинарско прашање, на настан посветен на Денот на европската статистика.

Инфлацијата, засега, се очекува да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд, додаде таа.https://nezavisen.mk/kakva-inflacija-ne-ochekuva-shto-velat-od-svetska-banka-od-evropskata-komisija-i-od-nb/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close