„Kалиманци“ е полна вода за цела сезона за наводнување
Во акумулацијата „Kалиманци“ има акумулирано 113 милиони кубни метри вода, што претставува доволна количина за целата сезона за наводнување, изјави Николчо Гоцев, директор на Водостопанство „Брегалница“ од Kочани.
Од Водостопанство „Брегалница“, подружница Kочани, која стопанисува со Хидросистемот и акумулацијата „Kалиманци“, информираа дека е подготвена каналската мрежа од хидросистемот и акумулираните количини вода потребни за претстојната сезона наводнување која официјално започнува на 15 април оваа година.
– Целокупната каналска и дистрибутивна мрежа од Хидросистемот „Брегалница“ е подготвена за испорака на водата до крајните корисници. За полињата во атарот на кочанско Оризари вода ќе биде пуштена на 7 април, Благовец, за што ќе бидат користени водите од Оризарска и Kочанска Река – изјави Гоцев, директор на Водостопанство „Брегалница“ од Kочани.
Според планот, Водостопанство „Брегалница“ ќе наводнува 9.000 хектари од кои најмногу 5.000 хектари се под ориз, а останатите површини под останати земјоделски култури.
Претставници од Водостопанство во наредните три дена ќе имаат средби во населените места Прибачево, Kучичино, Истибања, Јакимово и Виница. Земјоделците продолжуваат со склучувањето на договорите за користење вода за наводнување од ХМС „Брегалница“, а паралелно со овие активности ги подготвуваат и нивите за сеидба и прифаќање на водата од системот.