fbpx
Вести

Годинава ќе јадеме леб од домашна пченица

Годинава домашното производство на пченица ќе биде рекордно и првпат ќе покрие поголем дел од вкупните потреби. Според надлежните, засеани се околу 80.000 хектари или 10.000 повеќе отколку лани, а се очекува принос од најмалку 240.000 тони. Официјалните податоци говорат дека Македонија годишно троши по околу 300.000 тони пченица. До лани половина се произведуваше, а остатокот се увезуваше. Производителите бараат откупната цена да биде минимум 11 денари за килограм. Во ресорот велат дека ќе добијат најмалку цена што ќе им ги покрие трошоците и ако има потреба, во оваа насока ќе се искористат можностите од Законот за земјоделство и рурален развој според кој, откупната цена не може да биде пониска од производствената.

godinava kje jademe leb od domashna pchenica

 

Неопходно осигурување

Министерот за земјоделство Михаил Цветков вели дека годинава се очекува рекордно производство на пченица поради тоа што земјоделците користеле сертифицирано семе, но и посеале дополнителни хектари под оваа култура.

– Имајќи ги предвид добрите временски услови, пченицата одлично напредува. Очекуваме рекорден род од просечни 3.000 тони на хектар, ако до жетвата останат поволните временски услови – вели Цветков.

Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев, за поголеми приноси, освен сертифицирано семе, неопходно е и засејување на сортите во погодни подрачја.

– Бараме да се направат опитни полиња во различни региони зашто се зголемува бројот на сортите пченица и јачмен, кои даваат високи приноси, но некои не се погодни за одредени региони. Затоа мора да се експериментира – рече Шаклев.

Претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, истакнува дека состојбите со посевите пченица и јачмен се одлични, особено во Пелагонија, каде што не било вака последниве десетина години. Речиси сите сорти ќе дадат многу високи приноси ако временските услови останат поволни.

– Ги повикувам сите земјоделци што ги немаат осигурено посевите од град, поплави и други непогоди, што побрзо да го сторат тоа. Но, соочени сме со друг проблем, со утврдување на цената за оваа реколта – вели Тантаров, изразувајќи уверување дека и оваа година, како и секоја претходно, во Министерството ќе се одржи заедничка средба со мелничарите на која ќе бидат договорени цени задоволителни за двете страни.

Сертифицирано семе

Сопственикот на „Агроунија“, Огнен Оровчанец, смета дека во Македонија сертифицирано семе се употребува за 30 до 40 отсто од вкупните површини.

– Употребата на сертифициран семенски материјал значи најмалку 30 проценти повисок принос, без болести и со максимална изедначеност- вели Оровчанец. Според него за кратко ќе има нови сорти од кои три се со рекордни, со досега незабележани приноси. Допрва ќе се сеат, а резултатите ќе бидат евидентни во следните десет години.

– Со селекција добивме над 1.000 линии, потенцијални нови сорти, од кои 100 се издвоени како најдобри, а три од овие 100 како врвни, со по 125 зрна во класот за разлика од стандардните кои имаат по најмногу 95 зрна. Тоа практично значи генетски потенцијал за принос од 18 тони на хектар во идеални услови, што е многу повеќе од актуелните кои даваат по околу 7.800 тони, потенцира Оровчанец.

Засега, лиценцирани македонски сорти пченица, производство на „Агроунија“, освен во соседните земји, има и во ЕУ, Грција, Турција и Албанија.

Официјалните податоци говорат дека Македонија годишно троши по околу 300.000 тони пченица, од кои половина ги произведува, а остатокот го увезува. Досегашното искуство покажува дека Македонија увезува околу 180.000 тони пченица, од кои 80.000 тони од ЕУ, 50.000 тони од Србија и 20.000 тони од Хрватска.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close