ВестиМакедонија

Ќе има ли поголем К-15 годинава?

Се создава можност за зголемување на износот на регрес за годишен одмор

Износот на регресот за годишен одмор, популарно наречен К-15, ќе се признае како расход што ја намалува даночната основица на компаниите, а причина за тоа, како што соопштуваат од Владата, е да ги стимулираат работодавачите да даваат поголем износ.

„Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка со кој се одредуваат непризнаените расходи, со што се создава можност за зголемување на износот на регрес за годишен одмор што ќе се третира како признаен расход за даночни цели, како мерка од Петтиот пакет економски пакет за ревитализирање на економијата во услови на Ковид-19“, соопштија од Владата. 

Регресот за годишен одмор е задолжителен за целото стопанство, согласно со Општиот колективен договор. Тамошните одредби имаат сила на закон и износот на К-15 може да биде најмалку 40 отсто од износот на просекот на трите последни нето-просечни плати во државата, но горната граница не е утврдена, така што компаниите произволно може да дадат и многу поголем К-15.

Сегашната одлука на Владата, пак, е само оставен финансиски простор на работодавачите да го зголемат минимумот за исплатениот К-15, што значи нивна добра волја. Реално, за да се плаќа поголем износ, би требало да има промени во Општиот колективен договор. Од друга страна, и досега многу работодавачи плаќаа под лимитот од 40 отсто од просечната плата искористувајќи една непрецизност во Општиот колективен договор. Според Договорот, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, може да исплатат и помал износ на К-15. Притоа, во Колективниот договор не е наведено дури ни дека фирмите треба да бидат во загуба, туку само има општа формулација дека треба да имаат финансиски тешкотии. Но, за да исплатат помал К-15, треба да има потпис од претставникот на синдикатот, а ако го нема во фирмата, тогаш со претставник избран од вработените. Но, во практика, како што велат од Сојузот на синдикатите, доаѓаше до притисоци и манипулации и често до потпишување вакви договори. Од друга страна, Сојузот на синдикати никако не успева да седне на маса со работодавачите и да направи измени во Колективниот договор што е склучен од страна на претходното раководство.https://www.slobodenpecat.mk/ke-ima-li-pogolem-k-15-godinava/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close