fbpx
ВестиВиноТоп вести

Ќе успеат ли лозарите да постигнат повисока  откупна цена за грозјето?

 

Ќе успеат ли лозарите од Тиквешијата оваа сезона да постигнат откупна цена за грозјето што ќе биде за нив прифатлива? Тоа значи да постигнат цена која ќе им ги покрие производните трошоци и да имаат профит. Лозарите се загрижени за откупот на овогодишниот род на грозје. Со цел да најдат решение на нивните проблеми  реализираа средба со Министерот за земјоделство Трајан Димковски, на која се разговараше за актуелните состојби во лозарството. На средбата покрај претставници од Здружението „Напредни лозари“ присуствуваа  и директорот на платежната агенција Никола Бабовски како и  директорот на Државниот земјоделски инспекторат Благој Индов. Според информациите од теренот и оваа сезона ќе биде тешка за лозарите, информираат од Здружението на лозари „Напредни лозари“ од  Кавадарци.  Винарниците во државата имаат побарувања од грозје околу 79 милиони килограми грозје. Во ресорното министерство располагаат со информација дека оваа сезона ќе се собере околу 160 милиони килограми грозје. Лозарите се загрижени што ќе се случи со вишокот на грозје.

-Македонија има малку винарници, кои не може да го откупат целото произведено грозје. Токму заради тоа не може да се постигне добра откупна цена што ќе им одговара на сите. Потребно е да се најдат нови партнери – откупувачи надвор од нашите граници, кои би отворил овде кај нас винарски визби , само така ќе излеземе од оваа каша, вели Трајче Кулев, претседател на здружението „Напредни лозари“. Ако не се постигне ова се ‘ друго а залудно, додава тој.

Лозарите за проблемите со кои се соочуваат често пишуваат и на социјалните мрежи.

-Во суштина, цела работа се врти околу вкупниот колач во бизнисот со грозјето. Моментално, целиот колач, целокупната  заработка завршува кај откупувачите во вид на профит, екстра профит и екстра – екстра профит, а лозарите се со празни џебови и свиткани кичми. Згора на тоа, уцени за малигани и фамозни садистички и под секое човечко достоинство договори за откуп. Потребно е само, екстра и екстра – екстра профитите да се пренасочат кон производителот и ќе се дојде до општо задоволство. Тоа ќе се постигне со корекција на цените и гаранции од владата како легален и легитимен центар на моќ на сите граѓани. Откупувачите пак ќе имаат добар профит а лозарите ќе си го повратат достоинството и ќе видат подобри дни и иднина за лозарството.
Но ова е многу тежок процес и истиот ќе биде спроведен по мерка на нашата упорност и одлучност. Ако бидеме цврсти, непоколебливи и одлучни во нашите намери, успехот ќе види светлина. Ако се разединиме и попуштиме во однос на нашите барања, следи бавно и долго умирање, исто така бавно одронување на брегот на егзистенцијалниот амбис и пропаѓање во истиот, напиша Ѓорги Мешков на ФБ, а кој исто така присуствуваше на средбата во МЗШВ.

Грозјето да биде стратешки производ со заштитена цена, предлагаат лозарите и бараат ова да биде една од измените во Законот за вино.

-Предлагаме и откупувачите на грозје да имаат финансиска гаранција за исплата на откупениот род. Рокот за исплата да биде заклучно до 31 декември, а откупната цена по сорти да се објави најкасно до јуни тековната година. Откупот да се врши по шеќерни единици, а технолошката зрелост на секоја сорта  да ја одредува Земјоделскиот факултет, а не винариите, бараат лозарите.

Како и за останатите култури така и за грозјето, цената се формира на пазарот. Министерството не може да ја формира откупната цена. Како што информираат од „Напредни лозари“ за Зелена берза Министерството ќе се заложи во барањето  на нови партнери за откуп на грозје најпрво  во амбасадите во регионот. Ова би ги решило проблемите за краток рок. Потребно е да се бараат нови решенија кои ќе овозможат делување на подолг временски период , бидејќи лозарството не е едногодишна дејност и треба да се планира најмалку од 5-10 години, сметаат лозарите.

Павлина Јовановска

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close