fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Кисело-слатката вистина за македонските јаболка

На Земјоделскиот институт, однесовме три примероци јаболка за да ги испитаме дали, два месеци по бербата, во нив има пестициди, пишува Радио слободна Европа.

Јаболкниците во земјава се прскаат меѓу 10-15 пати годишно. Во јаболката по бербата остануваат и по неколку вида пестициди, кои главно се под максимално дозволените концентрации. Мониторингот на храната останува проблем.

„Едно јаболко на ден и не ви е потребен доктор“, вели народната поговорка. Но дали е така кога се работи за јаболко во кое има остатоци од неколку видови пестициди? Изјавите за квалитетот на македонските јаболка одат од една до друга крајност – од најздрави, до најштетни, па затоа РСЕ на терен провери какви се јаболката кои ги јадат македонските граѓани.

Во Државната фитосанитарна лабораторија, на Земјоделскиот институт, однесовме три примероци јаболка за да ги испитаме дали, два месеци по бербата, во нив има пестициди.

Пестицидите инаку се хемиски супстанции кои се користат за превенција, уништување, спречување или намалување на количеството штетници кај растенијата. Остатоци од нив може да се најдат и во плодовите кои секојдневно ги консумираме.

Во бирањето кои јаболка ќе ги однесеме на испитување се водевме од навиките на просечниот граѓанин кој овошје и зеленчук главно купува од супермаркет или пазар. Па така, првиот примерок го купивме од пазар, од една од тезгите каде беа наредени повеќе сорти јаболка. Продавачот уверуваше дека се работи за вкусни и здрави македонски јаболка.

По друг примерок отидовме во еден од големите скопски маркети. Иако е сезона на јаболкото, тука беше предизвик да се најде ваков производ со македонска декларација. Дел беа од увоз, дел без појаснување за потеклото. Сепак, во еден агол најдовме јаболка на попуст, покрај кои стоеше мал натпис дека се македонски, па се одлучивме за нив.

Последниот примерок го зедовме од јаболката кои преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година им се делеа на основците. Со програмата, до 15 декември секој ученик доби за дома по 4 килограми домашни, македонски јаболка, со цел да му бидат здрава ужинка.

Лани без тендер за мониторинг на храната

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е во центарот на системот кој ја контролира безбедноста на храната и врши редовен мониторинг. Ама лани тој изостана бидејќи немаше тендер за да се избере лабораторија која меѓу останатото ќе се види и колку пестициди има во овошјето и зеленчукот.

Со последната програма за мониторинг на безбедност на храната годинава беа обезбедени 4,7 милиони денари(околу 75 000 евра).

За 75.000 денари Факултетот за електротехника и информациски технологии доби тендер за мониторинг на храна третирана со јонизирачко зрачење, српската „REA LAB doo Belgrade“ за 225.000 денари ќе испитува пестициди во храна за доенчиња и мали деца, а Министерството за земјоделство за 1,6 милиони денари – резидуи на пестициди во храната од растително потекло. Програмата за годинава предвидува и проверка на пестициди на вкупно 9 мостри јаболка, од три региони – тетовскиот, охридскиот и ресенскиот.

За лани АХВ нема резултати, ама претходната 2020 година, преку мониторингот за пестициди се проверувале 197 мостри. Од нив во 4 имало пестициди над дозволената граница, а во 45 било потврдено нивно присуството, односно го надминуваат тн. лимит на квантификација . Меѓу нив и во еден примерок на јаболка од струшко, каде имало еден пестицид. Во 2019 година пак по еден вид пестицид бил потврден 2 мостри јаболка.

Коктел од пестициди во рамки на дозволеното

Ние нашето испитување за јаболката го направиме во Државната фитосанитарна лабораторија, каде се проверува присуство на 470 резидуи, односно остатоци од пестициди. Резултатите беа готови веќе следниот ден, и ја покажаа кисело-слатката вистина за македонските јаболка.

Во еден од примероците беше пронајден еден вид пестициди, во друг три вида, а во третиот коктел од дури четири пестициди меѓу кои и фосмет, кој е во широка употреба, но Европската Унија годинава го забранува за употреба.

Сите беа во количина под максимално дозволената граница, што значи дека треба да се безбедни за употреба. Блиску до горната граница беше фосметот.

По десетина прскања за секоја јаболкница

Со 10-15 прскања годишно на јаболковите стебла, како што тоа се прави во Преспа, главниот реон за одгледување јаболка во земјава, очекувано е во јаболката да има остатоци од пестициди, смета професорот на земјоделскиот факултет Марјан Кипријановски.

Она што е важно, дополнува тој, е тие да бидат дозволени за употреба и да се под максимално пропишаните граници.

„ Генерално, можеме да кажеме дека нашето јаболко е здраво јаболко … Не можеме да кажеме генерално дека нашето јаболко не е здраво“, смета професорот.

Она што останува како отворено прашање е што во случај кога во јаболката има повеќе пестициди. Како експерт по овоштарство, Кипријановски вели дека со години бил по терени во преспанскиот регион. Последниве години, малку ги проретчил патувањата, но детално ги следи сите случувања во оваа област. Смета дека најголем број од производителите на јаболка ги почитуваат прописите, но секогаш има и исклучоци. Проблемот за тоа го гледа во отсуството на редовни контроли, и недозволени препарати кои секој може да ги купи по земјоделските аптеки.

„Инспекторите треба да си ја вршат работата да контролираат што се продава по аптеките. Има препарати кои не се дозволени во производство на јаболка, а се продаваат по аптеките во перспанскиот регион. Инспекциите да зајакнат, ако сакаме плодови кои нема да го имаат оној имиџ на нездраво јаболко“, бара професорот.

Јаболката што на децата им ги делеа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, се покажаа како „златна средина“ во нашето испитување на трите вида јаболка. Идејата со оваа програма е да се поттикне домашното производство, но и да им се помогне на производителите во време на економска криза предизвикана од руската инвазија на Украина, во време кога Русија, земјата каде се извезува најголем дел од македонските јаболка, го затвори влезот за нив поради појавата на т.н. кафеава бубачка.

Па така, државата одвои 20 милиони денари (околу 325 илјади евра )за околу 750 илјади килограми јаболка, односно откупувачот од Ресен кој го доби тендерот наплати во просек по 26 денари за секој килограм јаболко -за откуп, пакување и дистрибуција до школите.

Инфографика - Производство на јаболка во Македонија 2016 - 2021
Инфографика – Производство на јаболка во Македонија 2016 – 2021

Според професорката Гордана Ристовска, од Институтот за јавно здравје мониторингот на пестицидите во храната е многу важен. Таа појаснува дека не значи оти ќе има остатоци од пестициди кај сите третирани овошја, но кога ги има, најважно е да бидат во рамките на дозволеното. Нивната штетност пак, додава, зависи од тоа за каков вид хемикалија се работи.

„Тие се разликуваат по хемискиот состав и имаат различни ефекти врз здравјето на луѓето. Негативните здравствени ефекти се движат од оштетување на репродуктивниот систем, може да делуваат токсично на нервниот систем, може да се акумулираат во одредени органи и да предизвикаат канцерогени промени… “, набројува професорката.

Забележува дека дури и кога се работи за дозволени концентрации, проблем може да се јави кога долготрајно се консумира храна што содржи пестициди. Но, во исто време смирува и потсетува дека е неопходно да се јаде свежо овошје и зеленчук.

„Придобивките за организмот, за здравјето на човекот се многу поголеми од консумација на овошје и зеленчук отколку штетата што може да ја нанесат резидуи на пестицидите. Сепак, тие се резидуи на пестициди, кои ако ги има, тоа се ниски концентрации коишто нема да предизвикаат акутни ефекти, а дали ќе предизвикаат хронични ефекти, како резултат на долготрајна консумација, тоа прашање останува отворено“, вели Ристовска.

Нејзиниот совет за да се отстранат поголем дел од пестицидите, како кај јаболката, така и кај другите овошја, е темелно миење, или уште подобро лупење. Додава и дека истражувањата кај зеленчуците покажале дека од помош може да биде и потопување во раствор со сода бикарбона или оцет, но каков ќе биде ефектот зависи од тоа за каков пестицид се работи.

Освен во јаболката, проблемот со пестицидите е присутен и кај другите овошја или зеленчуци. Така, пред неколку месеци од хрватските цариници беше спречен влез на македонски сливи во ЕУ, поради присуството на инсектицид хлорпирифос, кој е забранет во дел од европските земји. Лани, како што стои во годишниот извештај на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку европскиот систем за известување, се добиени податоци дека во зелка и јаболка на граница биле пронајдени недозволени пестициди, исто како и во примероци од грејпфрут.

https://www.slobodnaevropa.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close