Ќе се испитува дали лебот „Тонус“ има здравствени ефекти
Лебот “Тонус” дополнително ќе се испитува за да се утврди дали има медицинска корист за консументите. Лебот, кој се рекламира дека е благотворен за дијабетичари и болни од рак, е среде афера во Србија, откако медиумите открија дека не е одобрен со лиценца од Руската академија на науки. Ќе се проверува составот на лебот, односно дали навистина содржи корисни состојки како што е наведено на амбалажата.
“Тонус” се продава и на македонскиот пазар, а е производ на компанијата “Тривит”.
Српските медиуми пишуваат дека лебот на својата амбалажа се рекламирал дека е лековит со потврда од Руската академија. Сепак, деновиве од Русија на овие тврдења пристигнал демант, кој стигнал и до медиумите и до социјалните мрежи.
Според српски “Телеграф” пазарните инспектори од Нови Сад изјавиле дека “тврдењето дека лебот „Тонус“ е направен по лиценца на Руската академија на науки е невистинит и ќе биде поднесено барање до прекршочниот суд”.
Производителот “Тривит” засега не поднел жалба на оваа одлука, но во меѓувреме го отстранил тврдењето за лековитоста од амбалажата и од телевизиските реклами. Сепак, од компанијата информирале дека рецептурата за лебот е дело на руски научник.
Медиумите во Србија ја пренесуваат и приказната на позната српска блогерка, која на својот блог раскажала дека баба на нејзина пријателка го заменила лекот за дијабетес со лебот што е потврда дека голем број луѓе им веруваат на рекламите и преземаат активности без совет на лекар со кои можат да си го загрозат здравјето. Српската блогерка е првата која го пријавила “Тонус” до инспекциските органи, откако решила да провери дали навистина лебот е лековит и ги поседува сите квалитети како што наведува на рекламите.
По аферата, нутриционистите во Србија започнаа кампања за зајакнување на контролата за рекламирањето на прехранбените производи, особено за рекламите кои се поврзани со тврдења дека имаат лековити својства. Тие бараат да се забрани изедначување на ефектите на храната и медикаментите, со образложение дека лековитите својства на храната имаат многу поинаков и помал ефект за здравјето на луѓето.